Во парламентот вчера (29.10.) се случи чудо. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја одржаа првата вежба за консензус. Заеднички ја донесоа Националната развојна стратегија (НРС) за периодот 2024 - 2044 година. По подолго време ова е прво синхронизирано позитивно гласање на двете завојувани партии кои го поделија и раскараа општеството во Северна Македонија. Тоа не е ни налик на стратегијата што ја најави шефот на Владата Христијан Мицкоски, која треба да се изработи во соработка со МАНУ, и ќе го опфати периодот до 2050 година, но може да претставува важен индикатор за идните чекори во политиката.
Стратегијата предвидува одржлива, иновативна и конкурентна економија, одржлив локален и регионален развој, демографска ревитализација, социјален и културен развој, зелена трансформација, владеење на правото и добро управување, и други планови кои ништо не значат ако не се остварат. Но најважното е дека се случи преседан опозицијата да не биде против сѐ што доаѓа како предлог на власта, како што гледавме впрочем во изминатите шест и пол години кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција а СДСМ на власт.
Фатмир Битиќи од СДСМ ги повика пратениците да го поддржат усвојувањето на Стратегијата, што е чекор напред во досегашните односи меѓу двете ривалски партии кои владеат на смена во изминатите три децении во државата. „Ова е повеќе од лична и политичка одлука, ова е момент кој бара зрелост одговорност и консензус“, рече поранешниот вицепремиер во својот говор. Кон консензусот се придружи и поранешниот премиер и поранешен лидер на социјалдемократите Димитар Ковачевски. Тој рече дека стратегијата е натпартиска, меѓуетничка, и дека во нејзиното изготвување учествувале сите политички партии. „Документот не е работен во странство, туку го изготивја наши институции со домашни експерти. За да се опфатат сите области, беа направени 24 тематски студии, се одржаа 50 работилници, учествуваа 60 пратеници, процесот ја имаше поддршката на сите пратенички групи“, рече Ковачевски.
Промена или привид?
Па, дали нешто се менува во политичката атмосфера во државата? Дали двете водечки партии ќе останат ривали но ќе попушти непријателството кое имаше свој удел во бавниот развој на Македонија?
Прерано е да се каже тоа, како и прерано е да се прогнозира дали оваа промена во играта се должи на смената на раководството во довчерашната владејачка партија која денес седи во опозициските клупи. Заедничкото гласање потсети на кулоарските гласини пред повеќе месеци уште додека беше поранешната власт, дека имало обиди да се намали напнатоста меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
За премиерот Христијан Мицкоски несомнено е добар сигнал да знае дека може да смета на конструктивноста на опозицијата во одлуки кои ја засегаат иднината на државата. И показна вежба како треба да се однесува одговорна опозиција каква што не беше ВМРО-ДПМНЕ па се доведе во ситуација еднаш да ја исвиркува шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, а потоа како власт да ја дочекува со цвеќе и почести на аеродромот во Скопје.
Но истовремено интересно е исто така и што Мицкоски како да не се потпира на таа стратегија и заговара друг, веројатно со печат на ВМРО-ДПМНЕ, за која вели дека ќе биде стратегија „чии цели нема да зависат од лакомоста и незнаењето на политичарите“ и ја повика опозицијата на соработка и заедничко носење одлуки. „Ајде да се обединиме и заеднички да носиме одуки за иднината зашто друга татковина немаме“, рече тој.
Како и да е, овие случувања навестуваат можен пресврт на домашната политичка сцена. ВМРО-ДПМНЕ нема двотретинско мнозинство и засега „резервната гума“ е кај ДУИ. Барем така се покажа во изминатите две гласања кога на дневен ред беа измените на закони кои овозможија да се прошири Владата, и измената на Законот за локална самоуправа. Иако ДУИ го негира тоа и јавно лидерот му испраќа драматични писма на шефот на Владата Мицкоски, во парламентот се чини дека партијата од Мала Речица игра друга игра.
Цинична поддршка од Филипче
Последен пат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ играа здружено во 2001 кога направија таканаречена широка коалиција, предизвикана од потребата заеднички да се дејствува за смирување на вооружениот конфликт. Тогашните искуства не беа добри бидејќи двете партии играа едната во клин другата во плоча, но направија заеднички политички резултат ставајќи крај на оружените пресметки и донесувајќи ги заедно државните акти кои помогнаа во смирувањето на ситуацијата. Двете партии повремено се среќаваа во заедничка влада и по Пржинскиот договор, но оваа практика се претвори во карикатура на демократијата.
Сегашното заедничко гласање во парламентот, пак е големо изненадување, без оглед што точката беше примамлива за бившата власт поради тоа што учествуваа во изработката на стратегијата. „Ова не е Стратегија на една влада или една партија, туку од сите нас за сите нас. Овој документ успеа да ги обедини различните гласови и интереси“, рече вчера (29.10) Фатмир Битиќи од СДСМ. Интересно е и што освен што ја гласаше, СДСМ и ја пофали Стратегијата. Покажуваме, порача Битиќи, дека ги цениме различните мислења и дека сме заинтересирани да ги интегрираме во заеднички план.
„Граѓаните очекуваат соработка, консензус и визија која ќе ги надмине тековните политички битки и поделби“, рече тој.
Ако оваа изјава не е вовед во нови ветришта во политиката во Северна Македонија, тогаш или станува збор за наменска позитивна реторика или пак, е вовед во нова рунда поделби во СДСМ каде деновиве се кршат копја околу поддршката на лидерството и идното опозициско дејствување. Неодамна и претседателот на социјалдемократите Венко Филипче, одговарајќи на предлогот на Мицкоски уставните измени да стапат на сила по приемот на Северна Македонија во ЕУ, подаде рака за поддршка, но со извесна доза на цинизам. „Очекуваме премиерот да каже од кои земји има поддршка за тоа, очекуваме премиерот да ја обезбеди таа поддршка во Брисел и кога тој ќе го обезбеди тоа, ние апсолутно тоа ќе го поддржиме“, рече Филипче. Но Филипче при доаѓањето на кормилото на партијата отворено навести дека СДСМ нема да биде опозиција која за сѐ ќе биде против.
За политиката во Северна Македонија најчесто се вели „сѐ е можно", но ако навистина „војната" меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ спадне на вообичаено партиско ривалство, тогаш навистина ќе дојде до смена на политичкиот воздух кој безмилосно ја загадува атмосферата во државата со децении наназад.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.