Уште десетина денови и Владата ќе ги одбележи стоте дена власт. Првото тримесечие покажа дека и Мицкоски како и повеќето претходни премиери, доминира на сите полиња оставајќи ги во сенка министрите и нивните ресори, а споредната улога, се чини, ѝ е дадена и на шефицата на државата Гордана Сиљановска Давкова. Доминација на Мицкоски во сите сфери значи дека и во оваа гарнитура еден човек владее другите се послушници.
Претседателот на Владата е промотор и на економските инвестиции и на зголемувањето на пензиите, и на намалувањето на цените, и на ставовите во надворешната политика и на борбата против корупцијата, па дури повремено ја зема работата и на обвинителите и полицијата, како на пример кога неодамна кажуваше дека се собрани цврсти докази за криминал во една државна компанија.
Но, ако треба да се опишат изминатите три месеци владеење, оценката би била дека Владата имаше добар старт во економијата, но слаб во политиката. Мицкоски во интервју веднаш по изборната победа рече дека „за првите 100 дена имаме многу амбициозна агенда за која што веќе се подготвувавме“. Најави дека во втората половина на септември ќе почне децентрализација на финансиски средства и инвестиции во општините од 250 милиони евра, чие остварување веќе е почнато. Владата успеа да најде пари и за зголемување на пензиите кое ќе се реализира, почна ветената инвестиција во ветропарк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш, и делумно го оствари ветувањето за милијардата, која од најавата до реализацијата се намали на половина. Укинати се и економските директори во здравството иако нема анализа дали тоа значат заштеди во буџетот или кадрите се само трансферирани во други буџетски институции.
Платени се и заостанати субвенции на земјоделците во износ од 16 милиони евра, донесена е одлука за реконструкција на девет студентски домови во износ од 18 милиони евра како и изградба на нов студентски кампус, исплатени се заостанати плати во Железница и Водостопанство, ставени се нови 87 лекови на позитивната листа, а се најавува и завршување на автопатот кон Охрид. Се разбира сето тоа допрва треба да се реализира, но одлуките говорат дека е влезено во владиниот план.
Тактизирања и потфрлања
Мицкоски, уште пред да биде формирана Владата, на 19 јуни, најави и друга важна мерка. „Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит. На тој начин ќе му се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата“, рече тој. Меѓутоа, оваа даночна измена уште е во подготовка, откако експертите се побунија дека нема да даде резултати какви што посакува власта е тоа е привлекување на големи странски инвестиции. Во областа на стандардот, пак, Владата тактизира со минималната плата, додека од друга страна намалувањето на цените на прехранбените производи кое деновиве е главна вест следи по нивното енормно зголемување што укажува дека и оваа Влада како и претходните ќе има проблем да се справи со трговската мафија.
Досегашното остварување на политички план е, меѓутоа, големо потфрлање. Односите со Бугарија се влошени поради потезите од таму, но и затоа што македонската дипломатија не се покажа дорасната на големите игри во надворешната политика. По првичните високи тонови од Грција, пак, впечаток е дека во Атина е изгубен интересот за докажување со Македонија како треба да се спроведува Преспанскиот договор, а средбата во понеделникот (23.09.2024) во Њујорк меѓу Муцунски и Герапетритис,во Скопје е оценета како важен чекор во унапредувањето на дипломатските односи. Треба да се каже и дека Владата и премиерот Мицкоски вложија енергија да ги подобрат односите со Грција, прифаќајќи го новото уставно име на државата како реалност.
Партизација на институциите
Најважното сепак е што ја очекува земјата на планот на преговорите за членство во Европската унија, и дали ќе бидат одмрзнати или не. За тоа прашање се чини дека Владата е во големо заостанување, бидејќи не покажува волја да ги исполни условите од преговарачката рамка кои ги договори претходната влада. Тоа е и најголемиот товар за Владата кој во наредните три години може да го анулира преку позитивната енергија што ќе ја внесат во државата 750 милиони евра од Планот за раст на Западен Балкан, кои треба да пристигнат сукцесивно. Реформите што треба да уследат како услов да се добијат парите, може но не мора да внесат свежина на евроинтеграцискиот пат, затоа што Владата веќе отворено кажува дека не е подготвена на уште една рунда отстапки во замена за ЕУ членство.
На домашен план и оваа Влада како и сите претходни изврши груба партизација на институциите на сите нивоа, што води кон натамошна поделеност на општеството. Тоа е еден од најголемите минуси на Мицкоски и коалицијата на власт, бидејќи наспроти ветувањата дека ќе бидат влада на сите граѓани, партиската книшка повторно руши рекорди на берзите за државно вработување.
Меѓуетничките односи во голема мера, пак, остануваат непроменети иако серија постапки навестуваа немирна есен на внатрешно-политички план. Владата сѐ уште не ја избегнала таа опасност бидејќи и покрај привидниот мир со ДУИ, оваа партија дава сигнали дела нема да прости што е изоставена од власта. Другото сѐ е исто, дури и сознанието дека и оваа Влада, како и претходната, има свој Артан Груби, но кој сега се вика Африм Гаши. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ е на пат да ја научи тешката лекција дека коалициските влади опстануваат со многу болни компромиси на сметка на партискиот рејтинг, кои се неопходни за зачувување на власта.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.