1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ВЛЕН: Ловеа сомови, загризаа китови

4 јули 2024

Поведенијата на Мицкоски-Сиљановска јасно укажуваат на стратегијата на создавање непријатели како изговор за напуштање на евроинтеграциите. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4hrAD
ВМРО-ВЛЕН Христијан Мицкоски
ВМРО-ВЛЕН: Ловеа сомови, загризаа китови Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Во последните година-две, напати се предупредуваше за опасноста од овдешните, домашни пресликувања на искуствата од Црна Гора во рушењето на режимот на Мило Ѓукановиќ и опасноста од прелесно даваните ветувања на „младите реформисти”. Интересно, но не и толку неочекувано е што за разлика од драматичните реакции за случувањата во Подгорица, реакциите за промените во Скопје и реперкусиите кое уследија сѐуште како да се држат „на куплунг”. Со далеку поблаги дози на јавна алармантност и заткулисна длабока загриженост и последни резерви на добра волја.

Тој тренд на слични поводи и различни реакции деновиве се надополни со неразумната одлука на црногорскиот парламент да изгласа „Резолуција за геноцидите во Јасеновац, Дахау и Матхаузен”. Со која про-руско/српската влада во Подгорица сакаше да се искупи за „предавството” кон Србија во изгласување на Резолуцијата на ООН за Геноцидот во Сребреница, по цена на кочење на земјата кон зачленување во ЕУ (и тоа ден откога ЕУ ја почести со позитивен IBAR) и ги наруши односите со соседна Хрватска. Не треба премногу напор за да се увиди дека смислата на овој потег е помалку диктиран од желбата на Белград за освета и многу, доминантно повеќе од стратегијата на Србија за успорување и спречување на членството на Црна Гора во ЕУ, проектирано да се случи до 2027 година.

Не е потребен и посебен напор, освен доволно храброст и искреност, да се каже дека слична, иако далеку поперфидна игра се одвива и кај нас, вперена кон успорување до заглавување на нашиот евроинтегративен процес со видлива и осетлива поддршка од соседна Србија. Но таа сличност на користење домашни „употребливи идиоти” за вршење скадарлиски саботажи се чини дека се надополнува и парира со една друга, не помалку битна коинциденција на слични контрареакции. Па така, поддржувачите на ЕУ од Подгорица, но и политичарите од Загреб, унисоно апелираа до Владата на Хрватска да одолее на предизвикот да вложи вето на понатамошниот процес на зачленување на Црна Гора во ЕУ. И со тоа ја обесмислија подмолната и деструктивна стратегија на Белград. Судејќи по одлуката на Шарл Мишел експресно да ја откаже најавената посета на Подгорица како реакција на ЕУ кон усвоената „Резолуција”, но и острите реакции од Загреб без закани за вложување вето, се чини дека таквите апели се уважени и тежиштето на спорот е префрлено врз односот Подгорица - Брисел. Звучи познато, нели.

„Прашај комшии“

Во духот на балканското правило „прашај комшии што ти се случува дома”, настаните во Подгорица се паралелна демонстрација на нашите состојби и искуства со „пакосните поддржувачи и добрите злобници” од соседството. Евидентно е дека стратегијата на Белград за саботирање на евроинтегративните процеси на соседите е увидена и прочитана од страна на Брисел, вклучително и обидите за инструментализација и креирање на  споровите со соседите. Но за разлика од досегашната аргументација дека Србија тоа го прави за да обезбеди првенство во зачленувањето, сѐ повеќе е јасно дека всушност целта е целосно оневозможување – а не одолжување – на членствата на Црна Гора, Македонија, Босна во ЕУ. И токму поведенијата на Мицкоски-Сиљановска јасно укажуваат на таквата стратегија на создавање непријатели како изговор за напуштање на евроинтеграциите.

Итроманско Скопје ја фрли јадицата. И наместо да накачат сом или крап, јадицата ја лапнаа китови и почнаа да ја влечат удоле, во длабочини каде нема светло за рибарски приказни и лаги. Таа реалност на  ставот на Атина,  но и Софија, беше најдобро и најблазирано сумирано од искусната Дора Бакојани дека „aко Скопје е во тешка позиција, тоа е затоа што против себе ја има меѓународната заедница“. Дипломатски прецизно порачувајќи дека „нит ви даваме чадор, нит ви даруваме кавга со нас, за спас на вас”. Пораките од Софија се речиси на ист тон, со јасна порака дека немаат намера  власта на Мицкоски  да ја почестат со вето како изговорен спас од неговите сопствени лаги, а Србија со дипломатска победа. Вократко, координацијата на Вучиќ со неговите симпатизери во Скопје, Подгорица, Бања Лука не вродува со посакуваниот ефект на предизвикување бескрајни, верижно поврзани регионални кавги за промовирање на Белград во катанец и клуч за решенија. Наместо тоа, заедничкиот именител на сите спорови е дека споровите се со Брисел и Вашингтон и таму треба да се бараат и измолат решенијата.

Христијан Мицкоски Гордана Сиљановска Давкова
Поведенијата на Мицкоски-Сиљановска јасно укажуваат на стратегијата на создавање непријатели како изговор за напуштање на евроинтеграциитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сепак, споредбените искуства со Подгорица треба да бидат поучно показатели за можните натамошни компликации кои извесно ќе уследат и врз нас. Во неговиот вчерашен осврт, црногорскиот аналитичар Борис Вукотиќ полемизира „дали Црна Гора е награда за Вучиќ во неговите дилови со Западот”, поточно како компензација за откажување од врските со Русија, „дефакто” признавање на Косово и вртење грб на Република Српска. Според Вукотиќ. за прагматичниот Запад би било прифатливо и „одржување на некој нов референдум (никако насилна промена на граници) со кој би остварила некоја нова заедница на држави од типот Отворен Балкан, наградувајќи ја така Србија со излез на море”. Она што Вукотиќ не го наведува или зема во обзир е диспаритетот помеѓу Црна Гора како земја членка на НАТО и Србија како анти-НАТО пропонент. Диспаритет кој може да се надмине со напуштање на Подгорица (нереално) или приклучување на Белград кон Алијансата (не толку посакувано од добар дел земји членки).

Спорови со соседите

Правењето споредби помеѓу таквите сценарија во Црна Гора со нас е денес перцепирано како претерување, онака како што пред неколку години се сметаше дека српско-руското влијание во Северна Македонија е преувеличено. Сепак, фактичката изолација на владата ВМРО-ВЛЕН од страна на Западот е јасна индикација дека проблемот веќе не се  споровите на Скопје со Грција  и Бугарија, туку менталниот склоп кој егзистенцијално зависи од потребата за самовиктимизација преку хранење реални и измислување фингирани спорови со сите први и втори соседи – освен со Србија. Апропо, фактот што на вчерашната комеморација и свечено испраќање на Исмаил Кадаре во Тирана беа поканети сите видни албански политичари од регионот, освен оние од ВЛЕН – вклучително и вториот по ранг државен функционер Африм Гаши – укажува дека Скопје е ставено во „извртена потковица” изолација и санитарна дистанца од сите соседи, вклучително и Турција.

Иако геостратешката позиција и битност на Црна Гора не смее и не треба да се потцени, таа е сепак битно помала од онаа на Северна Македонија како караула на западните интереси и објект на мрачните источни желби на Балканите.  Изборните резултати во очите на Западот  беа непријатно, се чини дури и шокантно сведоштво за доминантниот антизападен дискурс на пред се населението, а потоа и на водечките политички партии ВМРО, ЗНАМ донекаде и на СДСМ и ВЛЕН. Тоа посебно се однесува на САД, чиј претставник во Скопје едвај се воздржува во криење на вџашеноста. Иако не мал број набљудувачи со години предупредуваа за опасноста од искористување на членството во НАТО не како фактор на стабилизација и спас од „велико-соседни амбиции”, туку како факторизација на „тројански коњ” под закрила на НАТО во предизвикување тензии и дестабилизации во јужните предели на Алијансата.

Промоцијата на путинизмот од страна на Мицкоски-Сиљановска преку Иван Стоиљковиќ, медиумски речиси незабележените посети на српските црковни великодостојници, реактуализирањето на описната терминологија за Северна Македонија за „Стара, Јужна Србија” (без реакции од инаку, нели, грижливите патриоти на ВМРО, ЗНАМ) се веќе јасни оперативни потези на исцртување на нови центрифугални сили во земјата. Симптоматично фокусирани (енергетски и духовно) на линијата Морава-Вардар како традиционална српско-руска империјална Мажино Линија кон Егејот, поклопувајќи се со огнената линија на Џон Кери.

Дали тоа подразбира дека САД се спремни за некаква „прагматична награда” за Србија во Македонија, по теркот на Црна Гора? Во кратко, таа можност е реална доколку Србија прифати членство во НАТО. Без тоа, нереално е да се очекува НАТО на Србија да и дозволи да се наметне како потенцијално руско-кинеско „шило” среде три земји членки на Алијансата. Таквата стратегија на употребна вредност на Србија како „коридорен граничар” во Македонија помеѓу Бугарија и Албанија можеше да функционира во СФРЈ, но во новите реалности таа не може да биде изведена без сериозни и драматични потреси во регионот.

Нов референдум

Дури и доколку некому му текне да изведе некој нов референдум, во смисла на реактивирање на условот вметнат во Референдумот за независност од 1991 година. Потсетувањата од челниците на Европскиот Фронт (ДУИ) за легитимноста на Референдумот од 1992 година, како и укажувањата за „Северна Македонија во која граѓаните ќе имаат бугарски и албански пасоши” од провладините фактори беа очекувано оценети како „закани и уцени”. Но во реалноста тие се предупредувања за правецот во кој се движиме како последица на владините политики и диктираните наративи дискретно наметнувани од Мицкоски-Сиљановска и просрпските кругови кои ги опкружуваат. Дотолку повеќе што нивните политики и црногорските искуства ги аргументираат ставовите на Фронтот како центристички полезни карши поларизирачките подривања од страна на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ.

Сепак, сите горенаведени сценарија се само дијалози во празно доколку не се разбере движечката духовна сила која ги осмислува, креира и наметнува. Конкретно, духот на секоја изјава, став, политика и генерален мајндсет на ВМРО, ЗНАМ и нивните С(М)АНУ и МПЦ-ОА маркистички идеолози е не само дијаметрално спротивно на јакнењето на државата и внатрешната кохезија, туку е еклатантен пример на (воглавно намерно, делумно наивно) процес во правец на изумирање на државата. Онаа држава која веќе не може да ја обезбедува или испорачува нејзината утилитарна улога и нема капацитети и уште помалку желба да делува среде новите реалности и принципи на меѓузависност. Континуитетот на доброволна десуверенизација започнат од Заев и еуфорично, речиси акламативно прифатен од Мицкоски, Сиљановска и нивните гласачи е порака која јасно е разбрана од нашите партнери. Порака која ги редефинира односите не само на соседите кон нас, туку и нашиот однос кон соседите. Однос во кој - прв пат од независноста - Македонците делумно наивно, делумно заслужно, но секако благодарение на Мицкоски, Димитриевски, Сиљановска по прв пат се препознати како сомнително лице.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема