Војна на германските базени
19 јули 2023„Претпладне е сѐ во ред додека доаѓаат пензионери и мајки со деца. Проблематично станува попладне кога на базенот почнуваат да доаѓаат групи на млади мажи, повеќето со арапско потекло кои прават проблеми“, вели за весникот Билд, еден берлински спасувач и обезбедувач кој сакаше да остане анонимен. Групи млади мигранти, за кои истиот извор тврди дека не се бегалци, туку мигранти родени во земјата, не го признаваат авторитетот на редарите кои редовно се соочени со закани и навреди.
Судир на светови
Последните неколку недели на особено проблематичните базени како Колумбијабад кој се наоѓа во берлинскиот кварт Нојкелн, со висок процент на доселеници од арапските земји, особено Либан, полицијата по неколку интервенции го затвораше базенот. Колумбијабад сега е затворен целосно бидејќи повеќето редари и спасувачи пријавиле боледување поради страв за своето физичко и психичко здравје.
Лошата состојба на германските базени ја потврдува и Петер Харцхајм, претседател на Германското здружение на спасувачи.
„На повеќето базени е мирно. Проблемите се случуваат тами каде што е натпропорционално висок процентот на гости со арапско потекло“, вели тој. Харцхајм потврдува дека и самиот повеќепати бил изложен на закани, главно од млади мажи. Спасувачите и редарите од Колумбијабад велат дека особено на мета на провокации и малтретирање се гости како хомосексуалци, жени и Евреи. „Масло на огнот“ долеа неодамнешната одлука на базените да се дозволи капење и сончање топлес.
„Тука доаѓа до различни светогледи“, вели еден редар. Квартот Нојкелн, освен по високиот процент на граѓани со арапско потекло, во последните десетина години е познат и по високата концентрација на млади од целиот свет кои, овој некогашен мигрантиски и работнички кварт, го претворија во популарна дестинација за оние кои бараат забава. Тука живее и голем број припадници на ЛГБТ заедницата. Но, поради постојаното малтретирање и навредување од страна на арапските „староседелци“, хомосексуалните парови, како што неодамна пишуваше германскиот печат, сѐ повеќе си заминуваат од населбата.
На базен со легитимација
Управата на градот Берлин не сакаше да ги потврди овие наводи, но од минатиот викенд воведе посебни мерки. Отсега, влезот во базените е можен само со приложување на лична карта. Со оваа мерка, како што е соопштено од градот, се сака јавните базени „да се направат посигурни за посетителите и да се олесни работата на вработените“. Преку легитимирањето на посетителите се сака да им се забрани влез на оние кои имаат мерки за забрана за влез.
Во расправата сега се вклучи и канцеларот Олаф Шолц, кој на својата летна конференција за медиуми рече дека проблемот со безбедноста на базените не смее веќе да се игнорира и дека влезот на полицијата на базените е „целосно оправдан“. На директното прашање, дали се работи за проблем со интеграција на младите од странско потекло, Шолц го заобиколи одговорот и рече дека „оние кои создаваат проблеми не се однесуваат во согласност со нашите правила“.
Првиот викенд по воведувањето на мерките забележан е значителен пад на бројот на гости на „проблематичните“ базени и тоа, и покрај рекордно високите летни температури.