1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Втора егзекуција на демонстрант во Иран

Штефан Штикелман
12 декември 2022

Во Иран е извршена втората смртна казна поврзана со протестите против раководството во Техеран.

https://p.dw.com/p/4KoBo
Пресудата против Маџид-Реза Рахнавард беше изречена на 29 ноември
Пресудата против Маџид-Реза Рахнавард беше изречена на 29 ноемвриФотографија: isna

Маџид-Реза Рахнавард беше осуден на смрт на 29 ноември поради убиство на двајца припадници на силите за безбедност и нанесување повреди на уште четворица, објавено е на веб-страницата на судските власти, Мисан онлајн. Рахнавард беше јавно обесен во Машад. Тој, како што се вели, бил уапсен на 17 ноември при обид да ја напушти земјата.

Минатиот четврток (8.12) иранските власти ја извршија првата смртна казна во врска со протестите. Мохсен Шекари (23) беше обвинет дека на улична блокада во Техеран повредил припадник на паравоената милиција Басиџ. Егзекуцијата на рап-музичарот беше остро критикувана ширум светот.

Организацијата за човекови права Амнести интернешнал оцени дека судските процеси во Иран се процеси „кои имаат за цел да ги заплашат оние кои учествуваат во народниот бунт“. Според наводи на Амнести, режимот на Техеран е со намера да егзекутира повеќе од 20 луѓе.

Протестите во Иран се разгореа по смртта на 22-годишната Џина Махса Амини. Курдката почина во полициски протвор на 16 септември. Таканаречената полиција за чување на моралот ја уапси поради тоа што не ја носела шамијата како што требало. Протестите брзо се претворија во најголемиот предизвик за иранските власти во последните децении. Стотици луѓе ги загубија животите. Иран за немирите го обвинува Западот, особено САД.