1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги тестира нервите на партнерите во ЕУ

Ела Џојнер
24 март 2023

Берлин во последен момент сака да протне измени во нацрт-законот на ЕУ со кој треба да биде забранета продажбата на моторите со внатрешно согорување до 2035. Аналитичари од Брисел говорат за лош пример од голем играч.

https://p.dw.com/p/4P7Zj
Возилата со мотори на внатрешно согорување треба постепено да исчезнат од европските патишта, гласат плановите на ЕУ
Возилата со мотори на внатрешно согорување треба постепено да исчезнат од европските патишта, гласат плановите на ЕУФотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Кога преговарачи од земјите членки на ЕУ, ЕК и Европскиот парламент една вечер во октомври минатата година постигнаа амбициозен договор за да се запре продажбата на моторите со внатрешно согорување до 2035 година, Франс Тимерманс кој е меѓу водечките климатски политичари на Унијата, беше меѓу многумина кои објавија Твитови со пофални зборови. "Со полна пареа напред!”, пиша потпретседателот на ЕК.

Пет месеци подоцна и нацртот за кој се вели дека во изминатите недели добил зелено светло за финалната верзија, се соочува со пречка на патот. Германскиот министер за транспорт, Фолкер Висинг, инаку од Либералите, минатиот месец побара д се направи измена со која ќе се дозволи моторите со внатрешно согорување да се продаваат и по тој датум, доколку користат климатски неутрални, синтетички добиени горива.

Тоа е потенцијална врата за производителите на автомобили и натаму да продаваат традиционални наместо електрични возила и според Висинг потребно за да се поддржи неопходниот развој на е-горива и на автомобилската индустрија.

Германскиот министер за транспорт, Фолкер Висинг
Германскиот министер за транспорт, Фолкер ВисингФотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

Пат со пречки до климатска неутралност

Германија се ангажираше за да добие поддршка од неколку други членки, па така гласањето за законот кој се подготвуваше неколку месеци, одеднаш беше одложено.

Сега ЕК и германското министерство за транспорт очигледно се ангажирани во пинг-понг партија на предлози и контрапредлози во пресрет на претстојниот ЕУ самит. Партнерите на Германија пак се прашуваат од кога е станато прифатливо да се отвораат затворени прашања во врска со закони кои веќе се договорени.

„Навистина е многу невообичаено земја членка да отвори прашања во таа фаза од законодавниот процес”, вели евродипломат за ДВ кој сака да остане анонимен. Од нивна гледна точка, задршките на Германија за е-горива и на Италија за спортските автомобили веќе биле расчистени во преговарачкиот процес.

Франција е делумно критички настроена во однос на обидот да се направат измени во нацртот со кој се поставува целта за 100% намалување на емисиите на јаглероден диоксид од нови возила, со што всушност се забрануваат дизел и бензински возила по 2035та години. Министерот за финансии Бруно Ле Мер изјави дека тоа праќа мешани пораки до автомобилската индустрија: дека мора да стават сѐ на картата на електрификација, но и дека ќе има исклучоци. Економски тоа е контрадикторно и индустриски опасно, вели Ле Мер во негов коментар што го пренесува новинската агенција Ројтерс.

„Тоа не е во интерес на нашите национални производители и пред сѐ не е во интерес на планетата”, заклучува тој.

Улогата на е-горива во транспортот намалена

Барањата на Висинг се контроверзни бидејќи е-горивата малкумина ги сметаат за соодветно решение за намалување на емисиите на штетни гасови од патнички возила, вели за ДВ Елизабет Корнаго, експерт за климатска политика од Центарот за европски реформи. "Студии индицираат дека на е-горива во 2035 ќе може да возат само 5% од европските возила, со што само се одвлекува внимание од електрификацијата на транспортот”, вели таа. Актуелно ЕУ не генерира доволно енергија од обновливи извори за да може да произведува и е-горива покрај сите други енергетски потреби.

Контроверзните е-горива
Контроверзните е-гориваФотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Обидот да се вметне исклучок исто така се чини дека ги влошува релациите во владината коалиција, која сака меѓународно да ја задржи својата климатска веродостојност. Германската влада на чеко со Шолц од 2021 година често е предмет на критика заради то што бавно и неодлучно носи одлуки, како на пример и во однос на прашањето дали да ù се дадат тенкови на Украина. Министерот за економија, Роберт Хабек, рече дека е „крајно време” да се донесе одлука, пренесува новинската агенција ДПА. „Тоа е на штета и на Германија”, вели Хабек и додава дека ова може да ги минира пошироките климатски цели на ЕУ.

Лош пример од голем играч

Корнаго вели дека ова не е добро за Берлин. „Има штета за угледот на Германија во смисла дека најголемата земја во ЕУ сега во основа се откажува од спогодбата,“ вели таа. „Во Брисел се загрижени дека ако Германија го направи ова по неа ќе следат и други земји,“ вели Корнаго посочувајќи ги новата десничарска влада во Италија и Полска.

Предлогот личи на обид да се добијат политички поени, коментира Корнаго и додава: „Либералите со ова сакаат да ги убедат своите гласачи дека може на некој начин да ја замрзнат (н.з. енергетската) транзицијата и дека може да најдат начини како да се заобиколи целосен премин кон електрични возила во автомобилскиот сектор“. Според неа ова не е кредибилно.

Анкета на германскиот јавен сервис АРД од минатата недела покажува дека мнозинството Германци се против целосна забрана на автомобили со мотори со внатрешно согорување во ЕУ. Дипломат од ЕУ со кој разговараше ДВ вели дека европските пратеници сакале да го видат веќе договорениот „амбициозен текст“ изгласан, но и вака не мислат дека „виси” целиот предлог-закон. „Не треба да ја преувеличуваме работата“, вели нашиот извор, иако според него инцидентот ја посочил опасноста од прелевање на внатрешнополитички ставови на ниво на ЕУ. Спорот би можел да биде адресиран од поединечни земји членки, како на пример Франција, на овонеделниот самит, иако претставниците на ЕУ сакаат да ја држат оваа тема надвор од официјалната агенда, додава дипломатот. Нејасно е кога би било закажано гласање за законот за моторите.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема