1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски кај Шолц: Русија притиска на фронтот

16 февруари 2024

Состојбата на истокот на Украина е лоша. Заедничко производство на оружје со западни фирми треба да биде од помош, но за тоа е потребно време.

https://p.dw.com/p/4cR9o
Олаф Шолц и Володимир Зеленски
Олаф Шолц и Володимир Зеленски (архивска фотографија)Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин се среќава со канцеларот Олаф Шолц во тешки моменти за неговата армија во одбраната од Русија. Им недостига муниција, а руската војска сѐ повеќе притиска, особено долж источниот фронт. Зеленски треба да учествува и на Минхенската безбедносна конференција за која се пријавени околу 40 шефови на држави и влади и воени експерти.

Украинската војска мора да ја штеди артилериската муниција. Недостигот на дотур од околу 50 земји поддржувачи, меѓу кои сѐ уште се и САД, треба да се најде на дневен ред во Минхен, каде се очекува присуството и на потпретседателката на САД, Камала Харис.

Во Вашингтон „виси“ помошта за Украина

Американскиот Сенат, каде Демократите на Бајден имаат тенко мнозинство, одобри нова воена помош за Украина од околу 60 милијарди долари. Но, дали ќе се најде мнозинство за неа и во Претставничкиот дом е нејасно. Таму Републиканците имаат мнозинство, а пакетот помош сакаат да го блокираат пред сѐ поддржувачите на Трамп.

Зеленски веднаш по гласањето во Сенатот им се заблагодари на сенаторите на платформата Х.

Но, на фронтот има последици од тоа што пред сѐ од САД нема дотур на муниција. И на истокот и на југот на Украина на пет руски гранати има само по една на украинска страна, покажуваат извештаи на аналитичари.

Украинскиот претседател Зеленски и амеирканскиот претседател Бајден во Вашингтон
Украинскиот претседател Зеленски и американскиот претседател Бајден во Вашингтон, 21.09.2023Фотографија: Presidential Office of Ukraine/picture alliance

Сѐ подраматичен недостиг на муниција

„Состојбата на фронтот е чувствителна", вели воениот аналитичар од австриската војска Маркус Рајзнер за ДВ, кој од самиот почеток на војната пред речиси две години ги следи случувањата на фронтот.

Тој на почетокот на годинава идентификувал „најмалку 15 точки” каде руската армија освојува територија. „Во изминатите недели делумно станува збор за територија до шест километри, но во некои делови и само по половина километар во украинска територија", вели тој.

И тоа пред сѐ зашто Украина „има сѐ помалку прецизна муниција, но и артилериска исто така", анализира Рајзнер. Русија пак ја користи надмоќта во артилеријата.

„Не се може без поддршката од САД“

Тој смета на тоа дека руската агресија „годинава ќе достигне кулминација”. Тоа значи дека „од воена гледна точка ситуацијата радикално може да се промени во еден или друг правец".

Европа и другите 50 поддржувачи под водство на САД може да се најдат во ситуација во која ќе мора да гледаат како Украина губи.

Канцеларот Шолц при посетата на Вашингтон месецов предупреди: „Не треба да зборуваме одоколу: поддршката од САД е незаменлива кога станува збор за тоа дали Украина ќе биде во состојба да се одбрани.“

Колку е тешка ситуацијата за Украина по неуспешната контраофанзива во 2023 година појаснува и безбедносниот експерт Густав Гресел од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР). Тој прогнозира дека „2024 ќе биде најтежок период за Украина по првите два месеца од инвазијата".

Единствениот украински барател на азил во Северна Македонија

Заеднички бизнис потфати за производство на оружје во Украина

Киев де факто се обидува од средината на 2023 година да ги зголеми значително сопствените производни капацитети за воена опрема. Има „амбициозна програма за не само да се оживее украинската воена индустрија од пред војната, туку и со помош на западни компании да се прошири", пишува Гресел. Во јануари украинскиот претседател беше во посета на Естонија, Летонија и Латвија, земји кои во однос на БДП и бројот на жители, даваат најголем придонес со воена опрема за Украина.

По средбата на Зеленски со литванскиот претседател Гитанас Науседа, двајцата соопштија дека Литванија и натаму воено ќе ја поддржува Украина и тоа преку „соработка на одбранбената индустрија со заеднички бизнис потфати и производство во Украина и олеснување на размената на информации за релевантни истражувања и развој во однос на одбраната”.

„Енормен борбен дух“

И полската влада сака да го поддржи производството во воената индустрија на Украина. Германскиот концерн „Ристунгсметал” уште пред тоа најави таква соработка. Но, за сето тоа очигледно е потребно време.

Пред посетата на Зеленски во Германија,  директорот на тајната служба во Норвешка го објави годишниот извештај за работа. Вице-адмиралот Нилс Андреас Стенсонес во него пишува дека иако „Украина покажува енормен борбен дух, земјата зависи од поддршката од Западот, за да се одбрани и да ја поврати иницијативата„.