Зеленски: Украина сака да создаде тампон зона во Русија
19 август 2024Целта на офанзивата во рускиот пограничен регион Курск е „да се создаде тампон зона на територијата на агресорот“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски вчеравечер. Тој со тоа ги потврди претходните изјави на високи украински функционери на оваа тема. Зеленски во својот вечерен говор исто така ги пофали украинските сили. „Нашите луѓе вршат одлична работа во сите области“, рече тој за офанзивата во регионот Курск.
Сепак, украинскиот претседател го обнови својот повик до западните земји за побрза испорака на важна опрема. Украинската армија неочекувано ја започна офанзивата во областа Курск на 6-ти август. Тоа е најголема прекугранична офанзива на Украина од почетокот на руската војна и прва од странска армија на руска територија од крајот на Втората светска војна.
„Форбс“: Големи материјални загуби кај Курск
Украинската војска претрпе невообичаено големи загуби на вредна технологија за време на нејзиното напредување кај Курск, резимира во меѓувреме економскиот магазин „Форбс“. Загубите на тенкови, оклопни возила и тешко вооружување, како што се вели, се исклучително високи и се несразмерни со истовремените загуби на руска страна.
При напредување на отворен терен, според „Форбс“, возилата често биле изложени на воздушни и артилериски напади, така што загубите биле „двојно поголеми од вообичаеното“. Меѓутоа, како што проценуваат експерти за овој магазин, доколку Украина можеше да ја задржи заробената територија, тие загуби би вределе. Зеленски постојано се жали на руски ракетни и артилериски напади од областа Курск врз цели во источна Украина.