1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Земјотрес во Турција: Расте бројот на инфекции и болести

Бурку Каракаш
18 февруари 2023

По катастрофалниот земјотрес во Турција, преживеаните се жалат на недостиг на санитарни јазли. Хуманитарните организации веќе бележат пораст на заразните болести. Репортерот на ДВ Бурку Каракаш известува од Хатај.

https://p.dw.com/p/4NexR
Жртвите од земјотресот во Хатај смрзнуваат во шатори
Жртвите од земјотресот во Хатај смрзнуваат во шаториФотографија: Burcu Karakas/DW

„Поставија мобилен тоалет на другата страна на улицата“, вели Јасемин Астан, покажувајќи во насока на тоалетот. „Ноќе едвај се гледа и едвај може да се оди. Како можам да ги оставам моите деца сами овде и да одам толку далеку во темнината, ако имам нужда?

Мајката на пет деца живее во Антакија во провинцијата Хатај, која беше тешко разурната по двата земјотреси во минатата недела. Јасемин, нејзиниот сопруг Хасан и деца успеале да ја напуштат куќата пред да биде целосно разурната. Сега живеат во еден од шаторите кои беа поставени два дена по земјотресот. Како и безброј други од Хатај кои нашле привремено засолниште овде во Антакија, и тие се жалат на незадоволителна хигиена.

„Барем пратете ни контејнери“

Во шаторот во кој е сместено семејството Астан моментално живеат 13 лица, меѓу нив 9 деца. „Се обидувам да ги оставам барем најмладите да спијат овде. Шаторот не е доволно голем за да собере 13 луѓе“, вели Јасемин Астан.

Туширањето и одржување на личната хигиена, веќе една недела, се невозможни за настраданите од земјотресот. Но, тоа не е најголемиот проблем: Жителите велат дека нема ниту соодветен тоалет.

Во овој шатор кој не е соодветен за зимски услови се сместени 13 лица од две семејства
Во овој шатор кој не е соодветен за зимски услови се сместени 13 лица од две семејстваФотографија: Burcu Karakas/DW

Насекаде има и ѓубре. Службеник од Министерството за семејство и социјални работи, кого го среќаваме во кампот каде што е сместено семејството Астан, објаснува дека дури ги повикал далечните градови Невшехир и Коња да замоли за помош за отстранување на ѓубрето. „Реков: 'Барем пратете ни контејнери за да не се акумулира ѓубре таму каде што се движат луѓето'. Се разбира, сега постои акутен ризик од болести“.

Додека зборува, тој покажува кон мобилниот тоалет, кој е веднаш зад нас. „Се разбира, она што излегува од тоалетот се протекува надолу. Овој е единствениот тоалет тука, а ги замоливме надлежните за најмалку 25 мобилни тоалети“. Тоалетот е толку полн што течноста истекува и се шири во делот каде што се поставени шаторотите.

Ноќе, некогаш живиот мултиетнички град е пуст. Посебно во целосно уништените населби не гледаме никого освен војници. Волонтер од хуманитарна организација вели: „Има луѓе, кои беа евакуирани од градот. Но има и такви кои сѐ уште се во Хатај. Тие или чекаат погреби или немаат каде да одат“.

И покрај тоа што, како своевидно чудо, преживеани и натаму се извлекуваат од под урнатините, надлежните веќе почнаа да ги расчистуваат урнатините. Работите се во полн ек. Како резултат на тоа, околината е полна со прашина и нечистотија. Всушност, тука секој треба да носи маска, но ретко може да се види некој на улица со маска преку носот и устата. Волонтер од провинцијата Сакарија вели дека хигиенските услови во моментов се толку лоши што тешко можат да се поправат.

Купишта ѓубре се акумулираат околу шаторите во Хатај
Купишта ѓубре се акумулираат околу шаторите во ХатајФотографија: Burcu Karakas/DW

Итно е неопходна чиста вода

Во градот Дефне во провинцијата Хатај, Турското лекарско здружение (ТТБ) постави контејнер и им нуди медицинска помош на преживеаните. Секој кој е извлечен од под урнатините и има здравствени проблеми, овде добива лекарска помош, облека и ако има потреба и лекови.

Еден лекар, кој сакаше да остане анонимен, вели: „Тука сум шест дена. Се чистиме со влажни марамчиња бидејќи немаме можност да се тушираме“. Друг, пак, вели дека отпадните води од тоалетите се испуштаат директно во реката Аси. Ова го зголемува ризикот за јавното здравје. Треба да се преземе итна акција. „Има тоалети, но тие не се чисти и затоа се потенцијален извор на инфекција. Многу е тажно, но полека ќе го видиме она од што сите овде се плашиме: инфекции, дијареа и треска. Водата тука во околината мора под итно да се пречисти“.

Расте бројот на габични инфекции

Лекарот раскажува дека досега лекувал најмалку 250 пациенти. Повеќе од 100 од нив страдале од заразни болести. „Гледаме дека гинеколошките болести се во пораст: вагинални инфекции кај жените, чешање, габични инфекции. Причината е што овде никој не може да се истушира. Има случаи на дијареа кај децата и случаи на осип кај возрасните и децата. „Има луѓе кои носат иста облека со денови. Секако дека се потат. Резултатот е акутен осип на кожата".

Помеѓу шаторите, преживеаните се обидуваат да се загреат на шпорети на дрва
Помеѓу шаторите, преживеаните се обидуваат да се загреат на шпорети на дрваФотографија: Burcu Karakas/DW

Кај лекарите доаѓаат и многу болни од рак. Но, тие мора да бидат испратени на друго место, бидејќи теренскиот тим не може да ги обезбеди неопходните лекови.

Премрзнати пред да стигнат во болница

Многумина спасени од под урнатините мораат да се борат и со друг проблем: студот. Доктор од Лекарското здружение известува дека многу луѓе починале од хипотермија во првите два дена по земјотресот. Лекар асистент од Универзитетската болница Мустафа Кемал во Хатај, кој работел во детското одделение за итна помош на денот на земјотресот, имал пациенти кои починале од премрзнатост. „Имавме двајца војници со скршени нозе. Ортопедското одделение беше малку подалеку и за жал немаше носилки да ги пренесеме до зградата на болницата“, известува докторот. „Искинав завеса од прозорецот за да ги покријам двајцата. Влегов во зградата да земам нешто и брзо се стрчав назад. Но, тие веќе беа мртви. Починаа од хипотермија.“

Додека се прават обиди да се помогне во Хатај, ситуацијата во околните села е непрегледна. Членовите на една група која соработува со турската Црвена полумесечина ги посетила селата околу градот Кирихан. Во селата има мали штети, велат, но потребата од храна и од лекови е голема. Особено на децата им се неопходни лекови.

Во најјужната турска провинција Хатај разурнувањата се драматични
Во најјужната турска провинција Хатај разурнувањата се драматичниФотографија: Clodagh Kilcoyne/REUTERS

„Дури и да имаме доволно лекови, потребна ни е поддршка за нивно дистрибуирање. Гледаме многу сериозен организациски проблем овде. Можеше да се направи повеќе за осум дена.“

„Се преземаат неопходни мерки против можни зарази“

Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, неодамна нагласи дека во зоната погодена од земјотресот работат мобилни аптеки и дека здравствената заштита во селата и натаму ќе биде гарантирана. Формирани се координативни центри за јавно здравје. „Се преземаат неопходни мерки против инфекциите кои можат да се појават по земјотресот. Во регионот се испратени вакцини против беснило и тетанус. Нашите здравствени домови даваат поддршка и за набавка на хигиенски материјали. Сакам уште еднаш да нагласам дека здравствениот систем во погодениот регион функционира.“