1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Русите гаѓаат од нуклеарката „Запорожје“

Александра Индјухова
20 мај 2023

Никопољ е под постојан оган од руската артилерија во близина на атомската централа „Запорожје“, а Украинците не смеат да возвратат зашто ризикуваат нуклеарна хаварија. Репортер на ДВ го посети градот на Дњепар.

https://p.dw.com/p/4RRrq
Никопољ, Украина војна
Никопољ е постојано под руски оганФотографија: Indukhova Oleksandra/DW

На периферијата на Никопољ речиси нема возила, ни воени, ни цивилни. Разлистените дрвја ги затскриваат разрушените згради во овој град на Дњепар. Само седум километри од тука, преку реката, се наоѓаат шест моќни реактори на нуклеарната електрана „Запорожје"која е окупирана од руските трупи.

Повремено се слушаат експлозии од разни правци. „Пукаат и нашите војници и окупаторите“, вели Олександр од Никопољ. Тој брзо полни гориво на бензинската пумпа и продолжува да вози, што му советува и на репортерот. „Утрово беше помалку или повеќе мирно. Но, на проектилите им требаат само 15 до 30 секунди до овде.“ 

Руската артилерија често го гаѓа Никопољ од подрачјето на нуклеарката. Од почетокот на руската агресија, убиени се 44 жители, преку 200 се ранети. Очевидци велат дека неодамна се гаѓани станбени објекти покрај реката. Од околу сто илјади жители, едвај половината се останати во градот.

Неодамна Русите најавија евакуација на Енерходар, гратче подигнато за потребите на нуклеарката. Но, тоа не значи крај на гранатирањето, напротив.

Никопољ Украина војна
Поправка на електричните водови во Никопољ по руски нападФотографија: Indukhova Oleksandra/DW

„Се` може да биде уништено за секунда"

За комуналните служби има работа по цел ден – изнесуваат искршени цигли и стакло, тракторските приколки се полни со шут. Електричари ги поправаат електричните водови. „Постојано не` гаѓаат! Го воспоставуваме снабдувањето со струја за кога ќе победиме, насекаде да има светло“, вели Виктор кој работи како електричар.

Градските татковци велат дека е разорен голем дел од градот кој се наоѓа на брегот на реката. Делумно или целосно се урнати околу 3.000 станбени објекти, тврди Јевхен Јевтученко, кој ја води регионалната воена управа.

Олександр, кој работи во една локална фабрика за производство на легури од железо, бил во ноќна смена кога пред неколку дена повторно „толчела“ артилеријата. Кога се вратил дома, затекнал срушен покрив, оштетени ѕидови и автомобил и своето мртво куче. „Се` може да биде уништено за секунда. Добро е што никој од семејството не е повреден. Мојата жена успеала да истрча во подрумот по првата експлозија, а веднаш потоа ракета удрила овде," раскажува тој.

Комуналните служби преку куќата на Олександр распнале посебна фолија која привремено заменува покрив и го однесле шутот.

Никопољ Украина војна
Олександр пред својата оштетена куќа во НикопољФотографија: Indukhova Oleksandra/DW

Некои се навикнаа, некои живеат во страв

Во Никопољ има вода, струја и гас, работат градскиот превоз и болниците. За разлика од периферијата на градот, во центарот се отворени продавниците и пазарите.

Ненадејно во градскиот парк се слушаат сирените за тревога. Но, една млада двојка и една жена со дете воопшто не реагираат. Жената вели дека нема да се гранатира. „Постои еден канал на Телеграм со информации од Енерходар. Денеска само ја преместуваат артилеријата на друга страна“, вели таа.

Наталија (39) ги уредува цвеќињата пред фирмата во која работи додека е во сила тревога. Вели дека навикнала. „Мирна сум зашто верувам во победоносна контраофанзива на украинската армија. Сите веруваме во тоа“, вели Наталија и додава дека е важно да не се западне во паника дури ни толку близу до фронтот.

Но, не се сите толку мирни. Викторија (69) вели дека ужасно се плаши и не поднесува силни експлозии. Покрај нејзината зграда веќе паднале неколку гранати, па со мажот најчесто спие во подрумот наместо во станот на највисокиот кат.

„Од горните спратови на речиси сите згради може да се види нуклеарката и како гаѓаат оттаму. Сите тие спратови се директно на линијата на огнот“.

Вели дека во текот на војната многу ослабела, поминувала цели денови болна во подрумот, а и психички и` е тешко. „Пред војната бев друг човек“, вели таа низ солзи.

Никопољ Украина војна
Пензионерката Викторија од Никопољ од страв живее порадо во подрумот отколу во станотФотографија: Indukhova Oleksandra/DW

„Се надевам дека нема да ја доживееме судбината на Бахмут“

Па сепак, ни Викторија, како ни другите со кои разговаравме, не сакаат да го напуштат Никопољ иако овде опасноста од зрачење е најголема доколку нуклеарката биде оштетена.

„Кому уште му требаме ние кои сме близу до пензија. А што се однесува на опасноста од нуклеарката, па луѓе уште живеат во зоната на Чернобил“, вели фабричкиот работник Олександр.

Пред неколку месеци на жителите им биле поделени таблети јод, за случај на ширење радијација. Во март локалните власти повикале на доброволна евакуација од градот, а повикот е уште во сила.

Можеби уште некој ќе замине кога ќе почне долго најавуваната украинска контраофанзива. Луѓето се плашат дека тогаш Русите уште пожестоко ќе удираат по Никопољ.

„Се надевам дека нема да ја доживееме судбината на Бахмут“, вели Микола, постар човек, зборувајќи за целосно уништениот град северно од Доњецк, околу кој со месеци се водат жестоки борби. „Ние сме заложници на ситуацијата, зашто украинската војска не може од Никопољ да ја гаѓа електраната“. 

Микола го сочекува престанокот на сирената за опасност и потоа оди во продавница во центарот на градот да купи леб и млеко, за повеќе денови. „За секој случај“, вели тој.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи