1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жонглирањето на Вучиќ: Ни на исток, ни на запад

Ивица Петровиќ
23 мај 2024

Борба против прием на Косово во Советот на Европа и резолуцијата за Сребреница, колнење во европски пат, посета на украинската прва дама. Дали надворешната политика на Србија е „шизофрена“ или тука се крие некој систем?

https://p.dw.com/p/4g6Gp
Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ игра на сите картиФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Бурна дипломатска пролет во Србија. Посетата на кинескиот претседател, борбата против резолуцијата за Сребреница во Обединетите нации, посетата на Олена Зеленска и министерот за надворешни работи на Украина, кампањата против приемот на Косово во Советот на Европа, говорот на Вучиќ во Рускиот дом. ..

Важни надворешнополитички настани се редат како на лента. Некој би рекол, полна со недоследности и талкања на српската надворешна политика, која некои аналитичари ја опишуваат како шизофренична.

Декларативно сè уште на европскиот пат, Србија или поточно нејзиниот претседател Александар Вучиќ се обидува да најде сојузници од сите страни, што за набљудувачите однадвор изгледа како надворешнополитичка игра во која тешко се наоѓа систем.

Пропагандна промоција на режимот

Душко Лопандиќ, претседател на Форумот за меѓународни односи, за ДВ посочува дека српската надворешна политика „има многу сличности“ со внатрешната политика.

Зашто, како што Српската напредна странка е таканаречена партија „catch-all“ - нема своја целна група или јасен профил, туку дека сите треба да гласаат за неа - така и дипломатскиот зафат е широк, смета Лопандиќ.

„Таа широка дипломатија првенствено се користи за промовирање на режимот и за внатрешна пропаганда. Имаме многу неуспешна надворешна политика кога се во прашање евроинтеграциите и регионалната соработка. Наместо тоа, режимот спроведува некаква пропагандна надворешна политика“, оценува нашиот соговорник.

Ши Џинпинг Александар Вучиќ
Важната посета на кинескиот претседател Ши Џинпинг - средба со Александар ВучиќФотографија: Darko Bandic/AP/picture alliance

Но, нашиот втор соговорник смета дека има некаков систем во таквата политика. „Фокусот сега е на две оски, имено Америка и Кина“, вели Игор Новаковиќ од Центарот за меѓународни и безбедносни прашања.

„Европската унија е на трето место, а Русија е на четврто. Сега сите карти се ставени на некаква реалполитика, која се заснова на одреден тип на трансакциски односи, а чија цел е да ја одржи постоечката елита на власт. Со оглед на тоа што ги контролираат сите процеси во државата, можат да водат и таква quid pro quo надворешна политика“, смета Новаковиќ.

Душко Лопандиќ, пак, зборува за импровизација - за  важната посета на кинескиот претседател Ши,  која не е на рамноправна основа, за посетата на украинската делегација, која „првенствено е поврзана со односите со Америка“.

„Тогаш имаме дека еден ден ЕУ е критикувана, додека следниот ден се вели дека сме на европскиот пат. Тоа е жонглирање што го наметнува прашањето за цената на таквата политика, а таа не е мала", укажува Лопандиќ.

Србија и Украина – односи во илегала

Посетата на сопругата на украинскиот претседател, Олена Зеленска и министерот за надворешни работи Дмитри Кулеба е интересна по тоа што режимските медиуми речиси и не известуваа за посетата.

Игор Новаковиќ забележува дека „власта го контролира подеднакво и прорускиот и прозападниот наратив во медиумите. Со тоа се намалува важноста на Западот и ЕУ од една страна, а од друга страна се спречува некаква подлабока манипулација од руска страна“.

 Александар Вучиќ и Олена Зеленска
Српскиот претседател Александар Вучиќ и сопругата на украинскиот претседател, Олена Зеленска Фотографија: Marko Drobnjakovic/AP/dpa/picture alliance

Режимот веќе подолго време води антизападна, а во помала мера и проруска кампања, вели Душко Лопандиќ.

„Навистина е интересно што оваа посета беше толку скромно забележана, бидејќи таму не беше само сопругата на украинскиот претседател, туку и нивниот министер за надворешни работи. На крајот, таа кампања се одрази и во ставовите на јавното мислење, кое е доминантно проруско.  Во таа смисла, свртувањето кон Украина секако не е популарно во моментов“, вели Лопандиќ.

Поддршка за Додик

Следните денови секако ќе бидат во знакот на најавеното усвојување на  резолуцијата за Сребреница во Обединетите нации.

Игор Новаковиќ борбата на властите во Белград против таа резолуција ја оценува како поддршка на Милорад Додик.

„Парадоксално, таа приказна дојде во вистинско време за Вучиќ и Додик, кои имаат куп внатрешни проблеми. Оваа тема може да се искористи за мобилизирање луѓе“, оценува Новаковиќ.

Во овој контекст, политичките лидери на Србија и Република Српска го најавуваат големиот српски Собор на 8 јуни во Белград. Соборот ќе следи по седницата на Генералното собрание на ОН во четврток (23 мај), на која ќе се расправа за резолуцијата за Сребреница, како и по локалните избори во Србија (2 јуни).

Душко Лопандиќ тој собор го гледа како дел од „популистичко-националистичка кампања".

Милорад Додик и Александар Вучиќ
Милорад Додик и Александар Вучиќ - темата Сребреница им дојде во вистински моментФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

„Тоа е дел од идеологијата на владејачкиот режим, која произлегува од неговите радикални корени. Бучавата околу резолуцијата е поврзана со тие корени, зашто да се потсетиме дека Вучиќ лепеше плакати со името на Ратко Младиќ над  името на булеварот Зоран Ѓинѓиќ“,  потсетува Лопандиќ.

Косовски  автогол

Српската дипломатија вложи големи напори да го спречи  влезот на Косово во Советот на Европа,  што засега ѝ успеа. Во петокот (17 мај) Косово не беше на дневен ред, бидејќи земјите од Квинта инсистираа на почеток на формирање на Заедницата на српските општини, што Приштина го одбива.

Нашите соговорници не се сигурни дека ова е дипломатска победа на Србија, туку повеќе зборуваат за  погрешните чекори што ги презема Приштина.

„Овој резултат го донесе некооперативноста што Курти ја покажува со години и негирањето на делови од Бриселскиот договор“, заклучува Душко Лопандиќ.

Слично размислува и Игор Новаковиќ: „Косово веројатно ќе оди на вонредни парламентарни избори, а за Курти може да биде штетен секој потег што сугерира дека ЗСО може да биде нешто повеќе од обична невладина организација“. На овој начин, косовските власти се однесуваат многу слично како и српските власти, доста трансакциски и непопустливо“.