Зошто имаше толку жртви во турскиот ски-центар?
23 јануари 2025Неколку дена по катастрофалниот пожар во хотелот во Карталкаја, Турција, целата јавност се уште е потресена: семејствата, училиштата, спортските клубови и професионалните здруженија објавуваат фотографии од нивните најблиски и познаници кои загинаа во хотелот во Болу. Но, се погласни се барањата за одговорност: како е можно да загинатречиси една третина од 234 гости кои биле во тој хотел?
Сведоците на пожарот таа вечер сведочат за паника и хаос: гостите бегале низ зачадените ходници и не знаеле каде да одат. Некои се обиделе да излезат низ прозорците, дури и на 11-тиот кат од хотелот се обиделе да импровизираат некакво јаже направено од чаршафи. А, пожарникарите никако да дојдат: биле потребни петнаесетина минути за да пристигне првото возило. Гостите не можеле да најдат ни доволно противпожарни апарати во хотелот.
Официјално, причината за пожарот се уште е „непозната“: истражителите исто така утврдуваат дали безбедносните мерки на хотелот биле во согласност со прописите. Тоа е и политика во Турција: опозициската партија ЦХП ја обвинува владата дека дури и ги ублажила прописите за заштита од пожари во хотелите во 2012 година.
„Не сме ние виновни, тие се тие...“
Се поставува прашањето и за непосредна одговорност и кој последен направил инспекција на хотелот: градоначалникот на Болу, Тању Озчан од опозициската партија ЦХП го обвинува министерството, додека министерот за туризам Мехмет Нури Ерсој за се ги обвинува локалните пожарникари. Пожарникарите, пак, велат дека не е нивна вина што немало поблиска противпожарна станица од која би можеле побрзо да стигнат на местото на пожарот.
Згора на тоа, кога пристигнале, тој хотел немал внатрешен систем за гаснење на кој пожарникарите би требало само да ја поврзат нивната цистерна. Ова е обврска за хотели со таа големина од 2007 година, но овој хотел, кој однадвор е покриен со дрво, тоа го немал.
И повторно тука има политика: турскиот министер за туризам сè уште е косопственик на тур-операторот ЕТС, кој препорачувал престој во тој хотел. Дали поради тоа министерот треба да поднесе оставка?
Дали можеше да се избегне?
Цела низа експерти целосно се согласуваат со Ерол Перчин од Турската професионална асоцијација на архитекти и инженери: „Сите учесници сериозно да ги сфателе своите обврски и да се почитувале постоечките прописи, денес немаше да зборуваме за толку многу жртви, туку само за материјална штета“.
Но, исто така е познато дека често не се почитуваат безбедносните и градежните прописи: така беше и во катастрофалниот земјотрес во февруари 2023 година. Пожарите во Турција постојано одземаат животи. Минатата пролет имаше 29 жртви во пожарот во дискотеката „Маскерад“ во Истанбул, а веднаш откако изгоре хотелот во Болу, во вторникот се случи експлозија во ски-центарот Сивас во централна Анадолија: четири лица беа повредени, од кои едно сериозно.