1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австралија: закани и навреди за гласачите на референдумот

29 септември 2018

Македонските власти најавија остри мерки против оние кои ги попречуваат и навредуваат иселениците во Австралија при гласањето. На социјалните мрежи се појавија снимки од случувањата пред македонскиот конзулат

https://p.dw.com/p/35hL3
Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Припадници на македонската дијаспора кои излегоа да гласаат на референдумот денеска биле цел на навреди и закани од нивни сонародници во Австралија. Луѓето кои гласале биле снимани и потоа објавени на социјалната мрежа Фејсбук во групата наречена „Предавници“.

Иселениците кои решиле да гласаат на референдумот биле навредувани и добивале закани додека оделе на гласачкото место.

Македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека „најостро го осудува објавувањето на снимки на социјални медиуми како и навредите кон македонски граѓани во Австралија, кои решиле да излезат и да гласаат на референдумот“.
„Ова претставува директно прекршување на основното демократско право на гласање, но и влијание врз референдумскиот процес, како и прекршување на правото на приватност за време на гласање. Каков било обид за влијание или притисок врз гласачите на денот на гласање за референдумот е недопустливо“, велат од МНР.
Локалните власти во Австралија се известени за настанот, велат од МНР, и најавуваат законски мерки за санкционирање на сторителите.

Македонија- поделена спроти референдумот

Реагираше и министерот за дијаспора, Едмонд Адеми кој вели дека случајот е пријавен, а снимачите се идентификувани и ќе ги сносат сите законски последници согласно австралиското законодавство.

„Чинот на снимање на гласачите пред конзулатот во Мелбурн од страна на неколку индивидуалци е спротивно на сите закони и вредности на демократијата“, напиша Адеми на својот „Фејсбук“ профил.

Денеска на еден ден пред реферндумот гласаат државјаните на Република Македонија што живеат во странство, болните, изнемоштените, лицата во домашен притвор и затворениците.

Македонското Министерство за внатрешни работи во неколку наврати во пресрет на гласањето предупреди дека слични ситуации нема да се толерираат за време на референдумот в недела.