1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија повлече кочница за германските патарини

Феликс Штајнер
19 јуни 2019

Сите да плаќаат патарина во Германија, но Германците да ги добиваат парите назад. Не требаше да се биде јасновидец за да се предвиди дека оваа логика нема да помине кај Европскиот суд на правдата, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/3KhC2
Autobahn A8 Abfahrt Siegsdorf Schild Stop Geisterfahrer
Фотографија: dapd

Постојат малку нешта за кои Германците треба да ѝ бидат благодарни на Австрија, најчесто на памет паѓаат Виенскиот валцер или Захер-тортата, штрудла со јаболка и други различни слатки деликатеси. Но, вчера без сомнеж беше еден од оние денови на кои обичниот Германец можеше да биде задоволен поради соседот на југ.

Зашто,  Австрија ја спаси Германија од еден бирократски чудовишен монструм,  за кој според пресметките на АДАЦ - лобито на автомобилките возачи, не е ни јасно дали воопшто би ја исполнило суштинската цел - имено, да донесе пари во државната каса. Во случајот со проектот патарини, Германците влегоа во една од стапиците на своето битие: за еден во суштина едноставен проблем да најдат претенциозно и страшно комплицирано решение.

Тапоумна идеја од Баварија

Идејата се роди пред шест години во Баварија. Во тамошните кафеани се разгоре револт што добродушниот Баварец во сите свои соседни земји мора да плаќа патарини, додека пак странците на пат кон Алпите или Јадранот едноставно смеат да возат по убавите германски автопатишта. А бидејќи во Баварија владејачката Христијанско-социјална унија е популистичка партија во вистинска смисла на зборот, патарините за странци се преточија во политичка програма.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

„Со нас нема да има воведување патарини“, изјави канцеларката Ангела Меркел кратко пред предизборната кампања во 2013 година. Но, кратко по изборите, наводно непопустливата и постојана канцеларка попушти и барањето за патарини се најде во коалициониот договор на претходната влада. Оттогаш, со оваа дрскост и врвна катастрофа се занимаваат цели работни штабови во Министерството за сообраќај, кое го раководи ЦСУ.

Притоа, дури и во тој момент работата можеше да биде едноставно регулирана: сите, без разлика дали се Германци или странци, ќе купуваат налепница - вињета за своето возило и точка. Австријците, Швајцарците и Чесите тоа го прават со години. И за приврзениците на технички покомплицираното решение имаше прифатлива опција: проширување на постојниот и докажан систем за патарина за товарните возила. Тогаш секое патничко возило ќе добиеше чип-картичка со предавател и ќе можеше точно до километар да се пресмета: оној кој вози повеќе, ќе плаќа повеќе. Оној кој само еднаш годишно поминува на пропатување низ Германија, ќе плаќа соодветно помалку.

Дискриминацијата како принцип

Ама не, ние Германците, кои наводно сме супер и примерни Европејци, сакавме безусловно да воведеме нешто бесплатно за сопствените сонародници. Бидејќи ние имено веќе долго ги плаќаме нашите автопатишта и во европска споредба стенкаме под речиси највисоките цени за бензин и данок на автомобили. И бидејќи ние Германците имаме посебен однос кон нашите автомобили и автопатишта и тука сме посебно чувствителни во однос на цените. Крајно, да плаќаат треба само глупавите странци, кои исто така ни наплаќаат нам Германците кога сме на пропатување.

Зошто никој во Берлин, во Европската комисија и во февруари во Европскиот суд не согледа дискриминација  ако сите мора да плаќаат, но на Германците ќе им се врши поврат на парите преку данокот, останува загатка. Веројатно некој шпекулирал дека еко-камуфлажата (за автомобилите кои испуштаат помалку штетни гасови ќе имаше поголем поврат на пари отколку што чинела патарината) во доволна мера ќе ја прикрие оваа невешта и дискриминирачка трампа.

По долги шест години на овој проект конечно му е ставен крај.  Благодарение на Австрија!