1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанската СДСМ и симулација на демократијата

28 февруари 2019

Албанецот не е ништо повеќе од политички фудбал помеѓу македонските либерали и конзервативци. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3EF0k
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Во измамничката македонска игра на политичка моќ, Албанците не се ништо повеќе од орудија во употреба на една група Македонци кои се нарекуваат СДСМ против другата група Македонци кои се нарекуваат ВМРО. Со цел или да дојдат на власт, или пак да опстанат на неа. Помеѓу Македонците во Северна Македонија политичките тимови веќе не се поделени на сдсмовци и вмровци. Македонците кои сега се борат за контрола на македонскиот политички трон се поделени на либерални и конзервативни кампови. Македонските либерали од двете партии ги преминуваат партиските линии за да соработуваат кон една иста цел, додека македонските конзервативци го прават истото.

Либералниот Македонец се разликува од конзервативниот Македонец само по една карактеристика – македонските либерали се многу поизмамнички, многу полицемерни отколку македонските конзервативци. И двете групи сакаат моќ, но македонските либерали се тие кои го имаат усовршено занаетот на позирање како пријатели и добродетели на Албанците. Преку добивање на пријателството и поддршката од Албанците, македонските либерали можат да ги употребуваат Албанците како пиони или оружје во политичкиот фудбал кој постојано беснее помеѓу македонските либерали и конзервативци. Албанецот не е ништо повеќе од политички фудбал помеѓу македонските либерали и конзервативци. 

Двата воведни пасуси на оваа колумна не се од перото на авторот, туку парафризирани и адаптирани вербатим цитати на беседата на афроамериканскиот лидер Малколм Икс од далечната 1963 за меѓурасните односи во САД и манипулациите на двете најголеми тамошни политички партии со афроамериканските гласачи. Симптоматичната сличност помеѓу искуствата на Афроамериканците со демократите и републиканците, безмалку идентична со онаа на Албанците со СДСМ и ВМРО би била само историска коинциденција доколку во неа не се содржат подлабоки аспекти на севкупната политичка сцена и корените на перпетуалната криза низ која сме осудени да минуваме. Аспекти кои упатуваат на тоа дека можноста за реставрација на тврдата автократија кај нас е не само можна, туку и сосема извесна скорешна реалност. Како резултат на политичките процеси, динамики и сценарија диктирани однадвор и во име на демократијата базирана врз персонални преференци на дневните политики на меѓународната заедница.

Имитација на соживот

Во описот на Малколм Икс лежерно ќе ги најдете очигледните анахрони антрополишки и расни корења на домашно практицираните политики во меѓуетничките односи и третманот на Албанците од страна на СДСМ/либералите, но и нивните спонзори од меѓународната заедница. Вклучително и рецептурата која така прецизно ја отсликува западната – и посебно американската – визура кон овдешните меѓуетнички односи. Визура која често наместо да лекува, создава токсично тло за пресликување на дегенеративни процеси кои ги надополнуваат домашните заболувања и разурнуваат и она малку што остана од стекнатиот низ историјата имунитет. Поради кои на Бејли во заминување и Жбогар во зимување може само да им се порача дека, навистина, им успеа Заев да го доведат, а Али да го зачуваат на власт. Реставрацијата на демократијата, сепак, остана таму каде што беше и во времето на Груевски – во лажни статистики, корумпирани дипломатски оптимизми и фалширани Извештаи.

Предупредувачки е затоа да се потсетиме за искуствата од блиското минато во кое изборот на Обама се славеше како крај на расните поделби во Америка, по кои следеа Чарлстон, неонаци маршеви и изборот на Доналд Трамп. Предупредување кое пропонентите на лажниот либерализам не сакаат да го прифатат, и покрај очебијните сличности во искуствата со Зоран Заев и имитацијата на соживот. Преку форсирање ликови со кои македонските либерали и западни дипломати катадневно им порачуваат на Албанците кои се, какви се и што марка се прототипите на преферирани системски-Албанци и какво поведение се очекува од нив. Инсистирањето на подршка кон такви ликови – свесно или не – води кон реставрација на сенсот на супремација на Македонците кон останатите, создавајќи поволно тло и трон во исчекување да биде окупиран од некој нов, македонски Доналд Трамп. Тлото, чинам, е веќе спремно за цутење на нов автократ. Впрочем, замислете се зошто поддршката за Гордана Сиљановска во македонскиот кампус е со тренд на пораст, иако дотичната однапред се огласи дека ги прифаќа и поддржува час до вчера неприфатливите и Софиски и Преспански Договори? Одговорот е едноставен: сѐ додека не им попушта на Албанците, секој Договор со било кој црн ѓавол е опортунистички прифатлив, под услов да – е нема мајчини! – не им се попушта на клетите, проклети Албанци (со исклучок на ДУИ, се разбира).    

Други колумни од авторот:

Каде се исчезнатите?

Како Али го востоличи Зијадин

Жртвата Заев и антихеројот Али

Последиците на тој однос се рефлектираа низ последните случувања во бермудскиот триаголник СДСМ-ВМРО-ДУИ, од кој Зоран Заев излезе како жртва на сопствените и западните формули за „омароса Албанчиња”, а Али Ахмети се етаблира како првиот анти-херој на политичката сцена кај Албанците и не-Македонците. Обидите низ координирана кампања да се сатанизира ДУИ и Ахмети не беа ништо друго, туку наличје на претходната координирана кампања на сакрализација на ДУИ и Ахмети како спас на нацијата, демократијата и екологијата. И тоа од буквално истите пера и грла!

Но гневот на СДСМ кон ДУИ е помалку мотивиран од „По Муковски - Талат” репризата со главоболно растегливи поимања за моралот и етиката низ бихаќките лавиринти, а повеќе со внатрешношартиските текови во самата партија на Заев и променетите односи во рамките на владеачката коалиција. Имено, за разлика од коалицијата Груевски-Ахмети во која ВМРО работеше, а ДУИ пладнуваше, коалицијата СДСМ – ДУИ е конципирана според теркот на „СДСМ прославува, а ДУИ ги изгласува”. Однапред познатата реалност дека кабинетот на Заев не е составен да владее, да реформира и модернизира (туку само да исполнува) резултира со безмалку комична состојба во која ДУИ наликува на единствената сериозна и професионална политичка партија во Македонија. Зарем?

Вистината, алас!, е сосема поинаква. Доминацијата на ДУИ е реперкусија на од Албанците презрената лажна „граѓанштина” на СДСМ, Бејли и Жбогар. Надежта за спас од ДУИ за Албанците во етаблирањето на Македонската ДУИ на Заев, поради која Албанците се принудени партијата на Ахмети да ја прифатат како Албанска СДСМ во албанскиот дел на северно-македонското етнички длабоко поделено општество. Поделба за која, овојпат барем, вината не лежи ниту кај Македонците, ниту кај Албанците, туку кај меѓународната заедница и нивните повардарски симулации на сопствените им демократии. За кои, впрочем, гледаме во кој правец се движат.

Последната точка на парафразираната беседа на Малколм Икс е сепак најинтересниот дел од фрапантната сличност помеѓу неговата современа ера на движењето за граѓански права и денешната овдешна пост-шарена мимикрија. Миграцијата на наводните идеолошки групации преку партиските рамки денес и овде се демонстрира преку популарноста на Сиљановска во старите кругови на СДСМ оптоварени со албанофобија, исламофобија, бугарофобија низ кои ја факторизираа сопствената „бунтовничка патриотштина” и ја затскриваа професионалната, корупциска и интелектуална нудистика. Од другата страна, пребежништвото на ВМРО-вските кадри во прегратките на СДСМ (поради НАТО и ЕУ вредности, оф корс) е природен епилог на репатријација на старите пост-комунистички техно-банкарски гравитации кон матичните служби.

Прегрупирање

Расизмот во САД беше идеолошки изговор за промената на улогите помеѓу републикаците на Линколн и демократите на Џорџ Валас, диктирани од потребата на либералниот север за евтина работна сила од сегрегационистичкиот југ. Така и меѓуетничките односи кај нас се само плашт под кој се одвиваат процеси на прегрупирања диктирани од новите економски реалности и новата братство-единствена игранка на западното православие во одбрана од источното православие и ердоганизмот. Засилените обиди во македонскиот кампус за етаблирање на православни верзии на Беса се сѐ уште само ефемерни изблици на подлабоките дилеми во определбите помеѓу нео-клерикалните и постетничките самоидентификации. Посебно на групациите надвор од орбитите на ВМРО и СДСМ и нивните излитени и компромитирани интерпретации на македонството и православието.

Сличното искуство од албанскиот кампус и реинтерпретацијата на албашнтината укажува дека тој процес на реинтерпретација на македонштината допрва ќе добива на влијание во политичките односи помеѓу ВМРО и СДСМ, според теркот на ДУИ и ДПА. Епилогот, диктиран од западните фактори, е извесно дека ќе биде идентичен со оној од албанскиот кампус – целосна маргинализација и елиминација на автентичниот либерален дискурс. Разликата е во тоа што кај Албанците победата му припадна на Ахмети и неговата умешна експлоатација на алчната глупавост на Беса и Алијансата. Од друга страна, предизборната стапица во која се смести самиот Заев дава причини за сомнеж дали истата операција ќе успее да ја спроведе во сопствената СДСМ, разгризана од амбиции за претседателски пензии. Затоа, најбитната порака за оваа недела не е согласноста на Заев со Ахмети за трчање со заеднички кандидат, туку заканата на Заев до неговите сопартијци за она што ќе уследи по претседателските избори.  

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач