1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атак врз слободата на мислата во Европа

Б. Георгиевски8 јануари 2015

Франција и светот се во шок по бруталниот напад врз францускиот сатиричен весник „Шарли Ебдо“ во кој беа убиени 12 лица. Тоа што се случи е напад врз слободарскиот поредок во Европа, сметаат германските весници

https://p.dw.com/p/1EGih
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

„Целта на терористите секогаш е ширење на страв и паника“, заклучува весникот „Тагесцајтунг.“ По нападот од средата, стравот се вовлече во редакциите. Тешко ќе биде да се излезе на крај со стравот со кој убијците пукаа врз свеста на новинарите. Можеме ли да ги растераме стравовите, кога постојат луѓе кои прашањето: што смее сатирата? го решаваат со куршуми. Оној кој повеќе не е сигурен за својот живот, е се друго освен слободен. Ослободувањето од стравот е главната претпоставка за слободата и за слободата на медиумите“, пишува „Тагесцајтунг.“

Според „Берлинер цајтунг“ настраданите во Париз се херои. „Мораме да ги гледаме како такви. Како и секоја друга насилна смрт и нивната е целосно бесмислена. Оној кој сега ќе се обиде да ги искористи за свои цели врши светогрдие. Мораме да се надеваме и молиме, во сите светски религии, дека тој чин нема да го злоупотребат погрешни луѓе за погрешна политика или за некои нови погрешни дела. Ние, сите поединечно, но и медиумите, мораме да ги браниме демократијата и слободата, кон кои припаѓа и слободата на мислењето. И мораме да бидеме свесни за нашето право на слобода на мислење“.

„Бадише цајтунг“ предупредува на можните последици од масакрот. „Исправно е кога политичарите, особено сега, укажуваат на опасноста од исламистичкиот екстремизам. Исправно е и важно безбедносните служби со сите средства да и‘ се спротивстават на таа опасност, која и се заканува на правната држава. На слободата и‘ е потребна заштита, иако таа можеби не е совршена во слободното општество. Но, еднакво е важно токму сега да се спречат генерализациите. Разумот е неопходен. Крвавиот чин не значи дека милиони муслимани кои тука живеат сега се потенцијални насилници. Напротив. Мнозинството од нив тука живеат како мирни граѓани или тука пронајдоа засолниште од исламистичкото насилство. Заедно со нив мораме да се бориме за вредностите на демократијата, наместо да ги слушаме оние кои поради случувањата во Париз истакнуваат дека отсекогаш знаеле дека исламот го освојува Западот“.

Trauer nach Anschlag auf Charlie Hebdo in Paris
Фотографија: Getty Images/C. Koall

„Рајнише пост“ пишува за моралните дилеми по нападот: „Тоа е напад врз вредносниот систем на западниот свет. Врз слободата на печатот. Тој чин го покажува убиственото и нетолерантно лице на еден дел на исламот. Тој напад дополнително ќе ја влоши веќе вжештената атмосфера со судирот на културите. Умерените муслимани сега мораат брзо и гласно да се спротивстават на злоупотребите на својата религија. А нашата редакција? Да не ги објавуваме карикатурите кои за своја мета го имаат исламот? Тоа би било човечки разбирливо. Стравот е човечко право. Но, автоцензурата би била погрешна. Редакциите и карикатуристите не мораат да објавуваат сѐ, само затоа што можат. Провокацијата по секоја цена не е новинарство. Но заострувањето и сарказмот се ДНК на карикатуристите. Имаме обврска да се бориме за таа слобода. Жените и мажите од весникот 'Шарли Ебдо' се нашите примери“.

„Швебише цајтунг“ ги анализира последиците од масакрот во Париз на политичката сцена. „Свесна провокација и сарказам кон сѐ и секого, кон авторитетите и религијата, како и кон пророкот Мухамед- тоа во средата направи жртви од новинарите на ’Шарли Ебдо’. Политичките последици од крвавиот напад е тешко да се предвидат: десничарката Марин Ле Пен има добри шанси на следните избори да стане претседател на Франција. Недовербата кон луѓето од северна Африка или од Блискиот Исток драматично ќе расте, не само во Франција. И наскоро ќе видиме колку учесници на следните демонстрации на Пегида ќе речат дека предупредуваа на вакво нешто. Со тоа што во Париз се работеше за убивачка банда, а не за мирни муслимански сограѓани“.