1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Можеби таа молчела заради тебе

Дарио Хајриќ
19 јануари 2021

Живееме во општество на молчење. Ги учиме децата да не им се спротивставуваат на авторитетите, премолчуваме изживувања на шефови и политичари, соседи кои си ги тепаат сопругите... И потоа ја прашуваме неа зошто молчела?

https://p.dw.com/p/3o57d
Symbolbild Gewalt Frauen Schutz
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/Puklavec

Милена Радуловиќ прозборе и не е сама. Уште четири колешки од актерската школа пријавија во полиција дека ги силувал или сексуално ги вознемирувал Мирослав „Мика“ Алексиќ, сопственик на школата - прилично познат, така што можеби сте слушнале за него дури иако не се движите во актерските кругови. Алексиќ е уапсен и се чека обвинение.

Јавното сведоштво на Милена покрена бран поддршка која потсетува на движењето #МеТоо, но, како што вели и самата Радуловиќ, значително се разликува од него: во моментот на злосторството дел од жртвите биле малолетни. Ова пак не спречи да избијат и спротивни реакции, што беше и по малку предвидливо.

Случаите како на Алексиќ се третираат како „врел костен“, бидејќи излегуваат од шаблонот. Тие го доведуваат во прашање поимот за силувачот како странец кој ги демне минувачите сокриен во грмушка, занемарен маргиналец, полуѕвер.

Силувачите честопати се луѓе кои ги познаваат жртвите (понекогаш се работи и за партнерот), а злосторството може да претставува кулминација на преминување на границата, така што жртвата не може да тврди дали доволно јасно се спротивставила, преиспитувајќи си го секој збор и постапка.

Колку е помлада, толку е поголемо прашањето дали ќе и' се верува нејзе или на возрасниот. Колку поочигледна е неговата нападност, толку е таа понормализирана, бидејќи едноставно „тој е таков“. Таков беше и Лери Насар, поранешен лекар на женската гимнастичарска репрезентација на САД, додека не заглави на робија поради силување на малолетни атлетичарки кои требало да ги лекува.

Dario Hajric Soziologe Aktivist Serbien
Дарио ХајриќФотографија: privat

Непријатноста која настана кога се појави обвинувањето против Алексиќ е поради фактот што на јавноста и' беше сервирано дека на обвинителна клупа може да се најдат и луѓе со сериозна кариера, со огромен симболички капитал и моќни позиции.

Лесно е да им се „загрми“ на луѓе како Нинослав Јовановиќ, па дури и да му се посакуваат најстрашни работи на таканаречениот „Малчански бербер“. Не само поради тоа што станува збор за осуден силувач и педофил - тој се вклопува во претставата за тоа како изгледаат силувачите и кој им е начинот на дејствување.

Кај угледните личности на виделина излегува малограѓанскиот рефлекс по секоја цена да се зачува сопствената претстава за пристојно општество, во кое господа не манипулираат малолетници, не ги приморуваат на сексуални односи и не го користат влијанието за да ги обесхрабрат да ги пријават.

Заслепувачкиот впечаток на пристојност долго време важел и за споменатиот Насар. Покрај товарот на стигмата, карактеристичен за жртвите во патријархалните општества, жените мора да се справат и со обвинувања дека „ќе му наштетат на угледот на напаѓачот“ и „ќе му ја уништат кариерата“. Како нивните трауми да вредат помалку од нечија биографија! Списокот на средства за промена на улогите на сторителите и жртвите тука само што почнува да се отвора.

На националната фреквенција можевме да чуеме како некои гости, со одредена задршка, шпекулираат дека пријавата на Милена Радуловиќ е одмазда за нејзино некогашно исфрлање од час. На социјалните мрежи очекувана дебата и голем број прашања: „Зошто токму неа, а не на некоја друга?“, „Зошто едноставно не избегала?“, „Зошто не им кажала на родителите?“. Со оглед на тоа дека силувањето се случило пред девет години, неизбежно следи и прашањето „Зошто не пријавила веднаш?“

Најконцизниот можен одговор гласи: „Заради тебе!“

Заради тебе и таквите кои анализираат дали повеќекратно силувана девојка е самата виновна и во зависност од симпатиите одлучуваат дали таа лаже, или ја говори вистината. Поради сите кои се подготвени да кликнат на анкетата на таблоидот „Ало“ која гласи „Дали Мирослав Алексиќ е виновен за силување?“, како да станува збор за некој референдум за „кибицери“.

Можеби не пријавила веднаш бидејќи имала седумнаесет години. Или поради чувството на беспомошност, или срам. Или затоа што не сакала да ги повреди родителите. Можеби бидејќи требало да обвини човек кој е „ѕверка“ во браншата. Некој кој прво ја научил да му верува, а потоа тоа најгрубо го погазил. Можеби не пријавила веднаш бидејќи кај нас малку се знае и ретко се пишува за манипулативната стратегија со цел сексуално злоставување на малолетнички – таканаречен груминг, кој задира во еден куп табуа, па ни родителите ни децата не умеат да ги препознаат сигналите.

Живееме во општество на молчење. Ги учиме децата да не им се спротивставуваат на авторитетите, ги премолчуваме изживувањата на наметливи шефови, на соседите кои си ги тепаат сопругите, татини синови кои газат пешаци, на барање мито, масовни гробници… а потоа одеднаш отвораме уста за да ја прашаме девојката зошто молчела.

Па дури и да сме безгрешни, со кој образ се дебатира за тоа како требало да постапи едно седумнаесетгодишно девојче кое преживеало страшна траума? Со која дрскост денес, на оваа возрасна и доволно силна жена да му се спротивстави на напаѓачот, и' испраќаме порака дека „поминал возот“ и дека нејзиното обвинение веќе не е легитимно?

Големата храброст на Милена Радуловиќ и нејзините колешки отвори простор и за останатите жени да проговорат за сексуалното насилство и траумите кои ги преживеале. Некои тргнаа на долго патување еден ден да соберат сили да излезат јавно и да ги обвинат злосторниците.

За нивните гласови да се слушнат во секојдневниот шум, неопходно е да ги засилуваме. Нивната храброст и солидарноста со жртвите не' обврзува на тоа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи