1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканската рута е рај за шверцерите на луѓе

Мариана Каракулаки | Дмитрис Тосидис
24 ноември 2017

Бегалци, без оглед на договорот ЕУ-Турција, и натаму се обидуваат преку Балканската рута да стигнат во западна Европа, на задоволство на шверцерите на луѓе.

https://p.dw.com/p/2oBhN
Flüchtlinge auf der noch lebendige Balkanroute
Фотографија: DW/D. Tosidis

Кога во септември стигнал на Хиос, Мохамед знаел дека не е лесно да се достигне Западна Европа. Сепак, 27-годишникот се надевал дека е чекор поблиску до својот сон, барем така му ветиле криумчарите на луѓе. Но, реалноста била сосем поинаква.

Репортерите на Дојче веле прво го сретнаа на островот Хиос, и подоцна останаа во контакт со него. Во септември Мохамед конечно стигна во Атина. Тој е бедуин од Кувајт, важеше за апатрид, а својата татковина ја напуштил поттикнат од диксриминацијата на која ова малцинство без државјанство е изложено во Заливските држави. Си мислел, веројатно нема да биде тешко да добие статус на заштитено лице. 

Но, поднесувањето барање за азил овде значи и да мора да остане да чека на островот со месеци, можеби и години. Договорот за бегалците, склучен меѓу ЕУ и Турција во 2015. година, предвидува останување на бегалците на островот каде стигнале, додека не се провери нивната апликација. Само оној кој добил азил, смее да патува на грчко копно. Мохамед затоа реши да не поднесува барање за азил на Хиос. Кога моментот му се чинел поволен, на еден Сириец, зачудувачки сличен на него според ликот и со веќе добиен азил, му платил 800 евра и со неговите документи за идентификација можел да купи билет за да отпатува во Атина.

Infografik geschlossene Balkanroute Englisch

Во камион преку граница

Во Атина чекањето продолжило. Во еден мал стан во близина на пристаништето, Мохамед чекал преку шест недели додека една ноќ да добие порака од шверцерот, Ирачанец кој живее во Турција. Мохамед се надевал преку пристаништето Патрас да замине во Италија, но неговиот шверцер му дал други инструкции: да се качи во воз за Солун. Својата последна ноќ во Грција ја поминал во евтин хотел, а потоа работите почнале да се одвиваат многу брзо. 

„Ми се јави и ми рече да тргнам, да чекам во еден парк, попладнето стартуваме“, раскажува Мохамед за Дојче веле. Неговиот шверцер, тврди тој, веќе има широка мрежа долж  Балканската рута:  мештани, службеници во администрацијата, бегалци и мигранти работат за него.

Мохамед два часа пешачел заедно со други бегалци до едно осамено место, каде се сокриле во товарен камион, и потоа ја преминале границата кон Македонија.

„Ме мачеше огромен страв, камионот беше полн, мажи, жени, деца“, раскажувал подоцна Мохамед. Во Македонија, тој два дена и две ноќи се криел во близина на границата со Србија, чекајќи упатства: „Во куќата каде бевме сместени имаше многу луѓе, од секаде, сите беа стигнати на ист начин. За цело време додека бевме таму, немавме ништо за јадење.“ Вмешана била и една македонска жена, веројатно сопственичката на куќата, вели тој. Потоа продолжиле кон Белград.

Flüchtlinge auf der noch lebendige Balkanroute
Мохамед разговара телефонски со човекот што треба да го прокриумчариФотографија: DW/D. Tosidis

Илјадници на Балканската рута

Податоците на европската агенција за заштита на границите, Фронтекс, велат дека мноштво луѓе и натаму се обидува, со помош на шверцери, да стигне во Западна Европа преку Балканската рута. Од јануари до октомври 2017. година се фатени 9.964 лица, најголем број од Авганистан, Пакистан и Ирак. Во Србија, според информациите на ОН, само во првите две седмици од ноември стигнале 307 бегалци и мигранти, било преку рутата Турција-Грција-Македонија или преку Бугарија.

22-годишниот Авганистанец Џадали и 19-годишниот Ахмед од Пакистан веќе две години се заглавени во малиот град Шид на српско-хрватската граница. Многуте обиди да стигнат до ЕУ, останале безуспешни.

Заглавени на Балканот

„Три месеци поминав во Турција, три во Бугарија, во повеќе наврати бев протеруван од Словенија и од Хрватска. Престојував во три различни бегалски кампови овде во Србија. Постојано се обидував самиот да ја преминам границата, зашто немам пари за шверцери“, раскажува Ахмед.

Патешествието на Џадали е слично на она на Ахмед. Тој успеал да стигне во Унгарија, но оттаму по шест месеци го вратиле во Србија. 

Бегалците и мигрантите во Шид дење и ноќе пробуваат да ја преминат границата, сокриени во товарни камиони или во возови. Но, полицијата врши редовни контроли на камионите, на железничките станици патролираат луѓе од приватни фирми за обезбедување. Како што велат бегалците, криумчарите поставуваат цени од 300 до 1.000 евра за да пренесат некого преку граница. Кој може да си дозволи, плаќа неколку илјади евра на такси-возач за да стигне преку граница, а во оваа цена е содржан и поткупот на службениците.

Flüchtlinge auf der noch lebendige Balkanroute
Кафулето Месопотамија во БелградФотографија: DW/D. Tosidis

Чекајќи повик

И Мохамед во моментов не може да мрдне од Србија, во Белград чека на повик од својот шверцер. На крајот, на човекот кој досега никогаш лично не го сретнал, ќе мора да му плати 4.000 евра. Тој е проколнат на тоа да му верува, исто како што и шверцерот е проколнат да верува дека на крајот ќе ги добие своите пари.

Мохамед ги минува деновите во кафулето Месопотамија, заедно со другите бегалци. Тука многумина зборуваат арапски, среде Белград се добива чувство како да си на Средниот Исток . А сите гости се чини чекаат само на повикот: продолжуваме натаму, кон ЕУ. Мохамед е оптимист: „Секој ден си велам: никој нема да ме задржи да стигнам до Шпанија, мојата цел. Сѐ што сакам е пасош и да ги имам истите права како и сите други.“ 

Прилогот е настанат со поддршка на  средства од Migration Media Awards,  финансирана од ЕУ. Во него се пренесени ставовите на авторите, а не на ЕУ.