1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Бајден во Полска: Членот пет на НАТО е света обврска за САД

ЖА / агенции
26 март 2022

Американскиот претседател Џо Бајден ѝ вети поддршка на Полска во светло на руската инвазија врз Украина. Тој ѝ оддаде признание на Полска за приемот на огромен број украински воени бегалци.

https://p.dw.com/p/494oy
Polen | Joe Biden und Andrzej Duda
Фотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

„За нас членот 5 е света обврска, на тоа можете да сметате, за вашата слобода и нашата“, изјави американскиот претседател Џо Бајден денеска при средбата со својот полски колега  по функција, Анджеј Дуда во претседателската палата во Варшава. Членот пет од договорите на Северноатлантската алијанса предвидува воена солидарност, дека напад врз една членка на НАТО се смета за напад врз целиот воен сојуз. 

Бајден смета дека рускиот претседател  Владимир Путин  „очекувал дека ќе успее да го разедини  НАТО,  дека ќе го оддели источното крило од западното“, но намерата не му успеала.

Бајден ѝ се заблагодари на Полска за енормниот товар кој го презеде со приемот на воени бегалци од Украина. „Гледаме дека Полска презема гигантска одговорност, која според мене не треба да ја погодува само Полска, туку е обврска на целиот свет. Фактот што толку многу Украинци бараат прибежиште во Полска сосем го разбираме, зашто и на нашата јужна граница сме соочени со илјадници луѓе дневно кои сакаат да дојдат кај нас во САД“, истакна Бајден. Тој попладне ќе се сретне со бегалци од Украина, а потоа ќе одржи говор за војната во Украина, пред вечер да замине за САД и да ја заврши посетата на Европа, во рамките на која престојуваше и на самитите на ЕУ,  НАТО и Г7, на кои главна тема беше  руската инвазија врз Украина.

Полска: Делче нормалност за децата бегалци од Украина