Путин и Бајден во Женева: Желбите на Русија
16 јуни 2021Руските медиуми веќе со недели не знаат за ниту една друга надворешнополитичка тема освен за средбата на рускиот претседател, Владимир Путин, со неговиот американски колега, Џо Бајден. На сите канали детално се анализира со што денешната средба би можела да резултира. Дури на долго и на широко се зборува и за местото на средбата - вилата во Женева од 18 век. Како да станува збор за кралски прием.
Официјално, Кремљ ги намалува очекувањата од средбата: нема да има позитивен чекор во односите меѓу двете земји. Па сепак, претседателот истовремено пружа и трошка надеж. „Фактот дека доаѓа до средба само по себе не е лошо“, рече Путин на почетокот на јуни во едно интервју. „Сметам на позитивен исход на состанокот“, додаде тој.
Според Путин, позитивен исход би значело двете сили да се договорат околу натамошни контакти, кои би воделе до „нормализирање на руско-американските односи“. Но, истовремено тој во интервју за американската станица НБЦ рече и оти односите меѓу Русија и САД ги гледа на „најниска точка во последните години“. Вината за тоа, како што рече, е поради околностите во САД.
Копнеж за разговори на рамноправно ниво
Сепак, набљудувачите како Татјана Становаја, од московскиот Карнеги-центар, воочуваат „многу позитивно расположение“ пред средбата. Така, на пример, влијателниот секретар на рускиот Совет за безбедност, Николај Петрушев, во неочекувано позитивен тон ја опиша својата средба со американскиот колега Џејк Саливен за време на подготовките за средбата во Женева. „Русите не очекуваа дека Американците ќе бидат отворени за руски идеи“, вели Становаја.
Повеќе: НАТО: Русија и Кина да се држат во шах позиција
Кремљ од распаѓањето на Советскиот Сојуз посакува разговори со Вашингтон на исто ниво, вели таа. „Во Москва сметаат дека Русија, иако е економски послаба од САД, поседува исто количество нуклеарно вооружување, а тоа е, според Кремљ, единствено што се смета“, вели Становаја. Слично размислува и Ханс-Хенинг Шредер од берлинската Фондација за наука и политика. „На Русија едноставно и' е потребно признание дека е велесила“, вели тој.
Иако, огромниот интерес на руските медиуми покажува дека руската страна на состанокот во Женева му придава поголема важност отколку американската, некои руски аналитичари укажуваат и на тоа дека Бајден е тој кој ја иницираше средбата.
Асиметрична средба на врвот во Женева
Односите меѓу Русија и САД, кои се влошени уште од анексијата на Крим, во последните месеци доживеаја дополнителни удари. Во едно унтервју во март Бајден го нарече Путин „убиец“. Русија потоа предложи јавна расправа меѓу двајцата претседатели, што Вашингтон го отфрли.
Белата куќа дополнително ги заостри санкциите против Русија, меѓу останатото и поради мешање во претседателските избори во 2020 година во САД, што Москва решително го демантира. Земјите меѓусебно протераа дипломати и оттогаш комуникациите се во прекин - и тоа и покрај масовното разместување на руските единици од украинската граница. Затоа, како што се верува, Бајден во април и предложи да се одржи овој самит.
Андреј Кортунов, директор на Рускиот совет за надворешна политика, смета дека времињата кога советско-американските самити го држеа светот без здив - се минато. Тој, исто така, е уверен оти од претстојниот самит повеќе полза ќе има Русија отколку САД. „Ваквите средби нашите две земји ги ставаат на исто ниво. Тоа е важно за статусот и за положбата на Русија во глобалната политика“, вели Кортунов.
Татјана Становаја, меѓутоа, го користи изразот „асиметричен пристап“. „За Русија овој самит е сѐ, а за Бајден само еден чекор на патот кон решавање на проблемите со Кина“, вели оваа аналитичарка. За САД, нагласува, во мометов е поважен односот кон главниот ривал Кина.
„Стратешката стабилност“ - една од главните желби на Русија
Оваа разлика во пристапот е видлива и од начинот на кој двете земји се подготвуваа за самитот. Москва уште од советскиот период тежнее кон опширни и сеопфатни рекапитулации на односите, додека Вашингтон, објаснува Кортунов, секогаш тежнеел кон помали, прагматични чекори.
И покрај тоа, теми за разговор меѓу двајцата државници нема да недостасуваат. Од гледна точка на Москва, најважна тема е „стратешката стабилност“. Слично размислува и Ханс-Хенинг Шредер. „Русите сакаат договор за атомското вооружување“, вели тој.
САД се повлекоа од неколку договори за вооружување со Русија, а овој тренд во јануари, по доаѓањето на власт, го прекина самиот Бајден. Тој најави и нови чекори во насока на враќање на договорите.
Москва смета на тоа во Женева. Притоа не станува збор само за традиционалното и атомското оружје, туку и за сајбер нападите, вселенското оружје или војните со беспилотни летала. Русија, тврди Кортунов, исто така тежнее кон ставање крај на дипломатските конфронтации.
Но, кога станува збор за темите како Украина или човековите права, експертите во Русија не гледаат простор за приближување. Москва е подготвена да ги прифати критиките на Бајден само како еден вид „нужно зло“, вели Становаја. Надежите на Русија за нов почеток се многу неизвесни, а неуспехот на разговорите во Женева може да резултира со уште поагресивно однесување кон Западот, но и на внатрешен план.
Првата желба на Москва, сепак, веќе е исполнета: Русија го доби самитот. Но, медиумската платформа за Путин е загрозена од фактот дека Бајден ја отфрли идејата за одржување заедничка прес-конференција по самитот.