1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегол поглед кон мојата Европа

Елени Тороси
8 октомври 2016

Од грчки аспект, долго време се чинеше дека популистичката левица претставува најголема опасност во Европа, смета Елени Тороси. Во последно време стана појасно дека опасноста за Европа демне од друга страна.

https://p.dw.com/p/2R0gM
Deutschland Eleni Torossi bei der Buchmesse in Frankfurt 2009
Фотографија: picture-alliance/Frank May

Стравувам дека ние Грците го имаме фокусирано погледот врз Грција, дека ние самите до гуша сме потонати во проблемите на нашата сопствена земја, па кон Европа фрламе само бегол поглед.

Сепак, го следиме развојот и констатираме дека Европската унија сѐ повеќе навлегува во ќорсокак. Мнозинството од областа на политиката, економијата и медиумите по Брегзит очекуваше Велика Британија да биде земјата која ќе се соочи со најтешките проблеми. Но, сега заклучуваме дека наместо тоа, Брегзитот ги извади на виделина сите слабости и деформации на ЕУ.

Пред десет дена, во пресрет на неформалниот самит во Братислава, стигнаа редица изјави на политичари и високи функционери на ЕУ, кои обзнанија одредена непријатност, исто така и очај на европските водачи. Истото се случи и на самитот во Братислава: водечките европски политичари фаворизираа попрво кукавички заеднички договор. Тие бараа најмал заеднички именител. Резултатот е што тој најмал заеднички именител во никој случај не ги решава проблемите, туку едноставно ги одлага.

Ненадејно - изјави без заобиколување

Првата од овие изјави стигна од луксембуршкиот министер за надворешни работи, Жан Аселборн. Според негово мислење, за Унгарија, со двојната жичена ограда на нејзините граници и целосното непочитување на бриселските правила, нема место во ЕУ. Неочекувано, еден министер на една членка на ЕУ без влакна на јазикот првпат го кажа своето мислење за друга членка на Унијата. Неговата изјава не беше поврзана со вообичаената тема, економската политика, туку со етичкото однесување на земјата-членка.

Досега бевме навикнати секојдневно на нови обвинувања во поглед на економската политика и непридржувањето кон договореното, првенствено ние во Грција, но и другите земји од европскиот југ. Спротивно на тоа, сега изјавата на луксембуршкиот министер за надворешни работи се однесува на заедничките етички правила во соживотот на земјите-членки на ЕУ и придржувањето кон овие правила од страна на членките.

Eleni Torossi
Елени Тороси има издадено бројни книгиФотографија: DW

„Зошто сегрегација на бегалците?“

Министерот притоа не беше осамен. Еден ден по завршувањето на неформалниот самит во Братислава, Торстен Денклер, уредник во весникот „Зиддојче цајтунг“, напиша дека за сите земји, кои бараат „флексибилна“ примена на правилата за распределба на бегалците, таа „флексибилност“ треба да важи и во поглед на ползата кои тие земји ја имаат од ЕУ.

Овој предлог јас првпат го прочитав, иако реченицата е во устите на бројни граѓани: „Зошто сакаат да се изолираат од бегалците? Прво ги уживаат предностите на ЕУ, а потоа не сакаат да направат ништо за прогонетите? Не, тоа е наша христијанска традиција! Тогаш и ние од наша страна треба да се погрижиме ним да не им следуваат никакви ЕУ-привилегии!“

Бидејќи ние во Грција страдаме под една популистичка и опортунистичка влада со левичарски дискурс, некои од нас се склони да веруваат дека проблемот во Европа се левичарите. Но, сега согледуваме дека тоа не е точно. Гледаме одредени земји од поранешниот Источен блок, како Унгарија и Полска, кои се движат кон десничарски национализам и ја одбиваат либералната демократија, директно или индиректно. Тие стремат кон режим „а ла Путин“. А токму во тоа е проблемот.

Грчко-германската писателка Елени Тороси е родена во Атина, но ја напуштила Грција за време на воената диктатура и од 1968. година живее во Минхен. Таа има објавено повеќе книги на германски и на грчки јазик, последно дело е романот „Кога ти покажав како звучи светот.“ Во 2009. година ѝ беше доделен германски Орден за заслуги.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема