„Бесата“ на Заев и Касами ја разочара ДУИ
27 февруари 2020Гласачите на предвремените парламентарни избори на 12 април за првпат ќе добијат заедничка понуда на партија од македонскиот и од албанскиот етнички блок. Лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на Беса, Биљал Касами денеска ја официјализираа соработката, истовремено оценувајќи ја како „историска“.
„Оваа коалиција е историска, победничка и ќе биде најразноликата досега“, порача Заев. И за Касами „ова е историски ден“.
Иако, според Заев, „секој кој размислува како нас е добредојден“, новата коалиција „ја разочара“ ДУИ која формално, се уште е дел од власта како коалициски партнер на социјалдемократите.
Вицепремиерот Бујар Османи порача дека соработката меѓу двете партии „ги дефакторизира албанските гласови“, но и улогата на Охридскиот договор и бадентеровиот принцип.
"Разочарани сме поради фактот што тие денеска постигнаа унификација заради мали лични и групни интереси", рече Османи.
Заев денеска коментираше дека ДУИ помогнала да се „урне режимот“, но призна дека двете партии имале и „проблеми“ во коалициската соработка.
На веста реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со оценка дека се работи за коалиција „за продолжување на криминалното владеење.“ Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Беса е партија која заговарала федерализација на земјата.
На ставовите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ одговараат со оценка дека нивните реакции покажуваат страв.
„Единствени што може да имаат штета од коалицијата на СДСМ и Беса се токму ДУИ, а не Албанците. Со ваквата реакција тие покажуваат само колку се исплашени од нашата коалиција. Најголема штета за Албанците во земјава и севкупно за сите граѓани, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, се токму ДУИ“, вели потпретседателот на социјалдемократите, Мухамед Зекири.