1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Техника

Битка на два фронта– против вирусот и лагите за 5G

23 октомври 2020

ЕУ има потреба од стратегија против дезинформациите за 5G технологиите. Во спротивно, лагите ризикуваат да го уништат економското закрепнување, се вели во писмото на 15 земји.

https://p.dw.com/p/3kJuP
Symbolbild 5G
Фотографија: picture-alliance/dpa Themendienst/A. Warnecke

Иако бројките на новозаразени од Ковид -19 во Северна Македонија рапидно растат, дел од граѓаните сѐ уште не се уверени дека станува збор за вирус, туку за „нешто друго“. Под тоа „друго“, најчесто флуктуираат теории на заговор во кој главни протагонисти се дел од оние што спаѓаат во 1 отсто од најбогатите луѓе во светот, како и обид за депопулација преку загрозување на здравјето. Но, најдоминантна и натаму останува „теоријата“ дека за актуелната пандемија не е виновен вирус, туку штетноста на 5G технологијата. Тоа е и причината што голем дел од уверените во ова теорија не носат маски, бидејќи сметаат дека маските не ги заштитуваат од вистинскиот непријател – штетно дејство врз организмот од зголемено електромагнетно зрачење на 5G технологијата.

Млади луѓе од Скопје, велат дека за сето ова се информирале на интернет и од „научни видеа“ објавени на социјалните мрежи. Но, и од домашни извори. 

„Има доста материјал на интернет за оваа прашање. Знам дека многумина на ова гледаат со потсмев. Но, има и наши лекари кои истото го говорат, само не јавно. Јас имам завршено средно, не сум стручен за ова. Kонкретно, мене лекар ми ги има објаснето опасностите од 5G. Маската не заштитува од тоа“, вели 20 -годишен скопјанец.

Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Теориите го хранат вирусот

Иако засега нема научна основа која ја поврзува 5G безжичната мрежа со Ковид-19, ваквите верувања се шират со поголема брзина од вирусот. И добиваат нови епизоди – од тоа дека кришум, ноќе  се поставуваат бази за 5 Г, до корелација на тие активности со новите здравствени биланси.

Повеќе:

-Коронавирусот и опасноста од 5Г технологијата: Тешка и опасна глупост!

-Лекари и сестри во самоизолација поради Ковид-19, болниците се полнат со пациенти

-Законот за заштита од заразни болести пред пратениците на 27 октомври

Според социолози, во време кога секојдневието е соочено со протоколи и мерки за заштита или рестрикции во движењето, кои луѓето ги доживуваат како удар врз нивната слобода, а не како начин на заштита на нивното здравје, дел од нив се склони да бараат и наоѓаат објаснувања што ќе му дадат смисла на нивниот отпор против чувството за загрозена слобода. Проблемот е, што во тие теории не се прифаќа постоењето на вирусот, па отпорот се манифестира кон сите мерки за превенција, што во голема мера им ги отежнува работите на здравствени системи.

Проблемот не е ендемски. Ваквите теории заживеаја со почетокот на корона-пандемијата, и се претворија во пандемија на дезинформации. За илустрација, уште пролетта во Британија беа демолирани или запалени над дваесетина столбови за мобилна телефонија, поради неосновани тврдења дека 5G безжичната мрежа ја предизвикала пандемијата на Ковид-19, или дека драматично го забрзала преносот на вирусот. Тогаш, пролетните карантини беа критикувани и објаснувани со потребата од наводно непречено и тајно инсталирање на 5G технологијата. Објаснувањата дека исто како 3G и 4G, така и 5G се пренесува преку бранови кои не се штетен дел од електромагнетниот спектар, не ги намалија дезинформациите. Напротив, покажаа дека тие се шират многу побрзо од веродостојните информации за таа тема и за коронавирусот.

Symbolbild 5G
Фотографија: picture-alliance/dpa Themendienst/A. Warnecke

Писмо до ЕК

Последната карта за епидемиолошката состојба во Европа што секоја недела ја подготвува Европскиот центар за контрола и превенција, покажува дека континентот во најголемиот дел е во „црвената зона“. Стапката на зараза, исполнетоста на болниците но и смртноста драматично растат во цела Европа. Во ситуација кога дел од луѓето мислат дека коронавирусот не е вистинска или сериозна закана, не се штитат, а ги сведуваат состојбите исклучиво на последици од 5G, политиките на националните здравствени за борба против ширењето на корона вирусот - во голема мера може да станат неефикасни.

Токму ваквите аспекти беа причина што 15 земји членки на ЕУ побараа заедничко дејствување против заговорите за новата безжична технологија 5G, кои доведоа до палење на сигнални кули во десет европски земји, како и до напади врз работници.

„Европската унија има потреба од стратегија против дезинформациите за 5G технологиите. Во спротивно, лагите ризикуваат да го уништат економското закрепнување“, се вели во писмото испратено до Европската комисија, односно до европските комесари за дигитална економија, за внатрешен пазар, и за за вредности и транспарентност. Писмото е потпишано од Австрија, Хрватска, Чешка, Бугарија, Кипар, Естонија, Финска, Грција, Летонија, Литванија, Луксембург, Португалија, Словачка, Шведска и Полска.

„Очигледно е, дека сме сведоци на растечка активност на движењето против 5G во ЕУ“, се вели во писмото, во кое земјите ја повикуваат ЕУ да „преземе активен, долгорочен и систематски пристап“ кон загриженоста за 5G и електромагнетните полиња.

„Ја прифаќаме и потребата од повеќе научни истражувања за ризиците во јавното здравје, за ширење веродостојни информации меѓу европските граѓани и за итна потреба од образование во оваа сфера на европско ниво“, се вели во писмото.

Во него се додава дека „стравот и вознемиреноста кај луѓето кои се спротивставуваат на 5G поради загриженост во врска со електромагнетните полиња мора да се сфатат сериозно и дека во тој контекст, една широка и инклузивна дебата ќе помогне за создавање на доверба кај граѓаните“.