1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Милевски: Германија на Флик е многу посилен противник

9 октомври 2021

Може ли македонската фудбалска репрезентација да го повтори чудото од Дуизбург и повторно да ја совлада германската репрезентација? Селекторот Благоја Милевски во интервју за ДВ зборува за големиот дуел.

https://p.dw.com/p/41MJD
Благоја Милевски
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја МилевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Како играч Благоја „Боби“ Милевски (50) беше фудбалски номад што скиташе од една во друга земја во потрага по слава и трофеи. Како тренер, барем досега, фокусиран е на развивање млади фудбалски таленти во својата матична земја: прво во Вардар, потоа како менаџер на репрезентацијата до 21 година, а од август 2021 година како шеф на сениорската екипа.

Сметан за голем талент во поранешна Југославија, Милевски ја започна својата кариера како 14-годишен централен дефанзивец во белградска Црвена Ѕвезда во 1986 година. Откако залудно ја чекаше својата шанса 5 години, одлучува дека е време за нов предизвик и се сели во грчки Ираклис.
„Младешките бубачки и големата самодоверба ме однесоа во Грција“, вели денес Милевски низ насмевка. Шест месеци откако го напушти клубот во декември 1990 година, Црвена Ѕвезда застана на врвот на Европа за прв и единствен пат во историјата. Милевски можеше да биде таму, на стадионот Сан Никола во Бари na 29 мај 1991, кога неговиот сонародник Дарко Панчев го постигна решавачкиот пенал против Олимпик Марсеј во финалето на Европскиот куп. Но не жали за тоа, а до ден-денешен е навивач на Црвена Ѕвезда.

Тренерската кариера ја започнува во Вардар, каде ја освојува и првата титула во 2013 година. Потоа ја презеде репрезентацијата до 21 година и ја донесе до финалната фаза на Европското првенство до 21 година во Полска во 2017 година. Голем број играчи од таа генерација денес го сочинуваат костурот на сениорскиот тим. По кратката одисеја во Израел каде го водеше Ашдод, Милевски се врати дома и го презеде сениорскиот тим од Игор Ангеловски.

ДВ: Господине Милевски, која ви е првата асоцијација кога ќе се спомене германската фудбалска репрезентација и германскиот фудбал општо? 

Милевски: Првата асоцијација: традиција, професионалност, дисциплина.

ДВ: Ја следите ли германската Бундеслига? Имате ли омилен тим, играч или тренер? Чиј стил на игра ви е близок? 

Во последно време, бидејќи сме бомбардирани со многу натпревари од повеќе лиги во истовреме, поретко ја следам. Во минатото Борусија Дортмунд ми беше омилен клуб, меѓудругото и затоа што имав можност да играм против нив како играч на словенечки Марибор во тогашниот Куп на УЕФА. Традиционално ми се допаѓа амбиентот на тој стадион, начинот на игра, филозофијата што ја негува како клуб. 

Blagoja Milevski
Благоја Милевски на тренинг на македонската фудбалска репрезентацијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

ДВ: Доколку ја погледнете германската репрезентација: кој играч би сакале да го видите во дресот на македонската репрезентација и зошто? 

Милевски: Излишно е да се издвојува некој затоа што таа репрезентација е составена од врвни играчи и мислам дека, кој и да настапи во тој дрес, треба да има врвен квалитет и тоа и го покажуваат. Имаат врвен ростер, врвен избор на играчи, така што не би можел да издвојам никој затоа што сите се на едно највисоко можно фудбалско ниво.

ДВ: А од минатото. Има ли некој играч кој ви оставил впечаток или ви бил идол? 

Милевски: Идол не, но впечаток ми остави Матијас Замер, како професионалец и како фудбалер. Една од причините е и што играв против него додека настапував за Марибор. 

ДВ: Во слична позиција како вашата е и селекторот на германската репрезентација Ханзи Флик чиј мандат започна по Европското првенство. Која е според вас разликата меѓу него и неговиот претходник Јоахим Лев? 

Милевски: Според анализите на последните одиграни натпревари на Германија, мислам дека и стилот и начинот на функционирање на тимот е различен од претходно, со доста повеќе агресивност, трчање и дисциплина во самата игра. Играчите се, помалку или повеќе истите, но стилот и филозофијата на новиот селектор е сосема различна од претходно и тоа им носи и резултат и допадлива игра, и начинот на кој функционираат сега е на многу повисоко ниво од претходно. 

ДВ: Сметате дека оваа нова репрезентација е подобра од претходната? 

Многу подобро изгледаат на терен.

ДВ: Го наследивте Игор Ангеловски на чело на фудбалската репрезентација. Тој веќе ја совлада германската репрезентација во март годинава. Дали тоа го прави овој реванш меч потежок? 

Не е воопшто товар за нас. Сега не очекува сосема поинаков противник и натпревар. Веќе ви кажав зошто мислам дека е така. Ние сме исто така во фаза на освежување на репрезентацијата, особено по откажувањето на неколку фудбалери и заминувањето на Горан Пандев од тимот. Ние сме во процес на трансформација со доста млади играчи. Веќе имаме шест играчи кои се приклучија по последните квалификации на У21 и се наоѓаме во транзиција. Но, главната цел секако ни е да создадеме конкурентен тим за следните квалификации за Европското првенство 2024. Овие актуелни квалификации за Катар ќе ни послужат како тест и репер за оној потенцијал што го имаме и за една дополнителна селекција за она како треба тимот да изгледа за следните предизвици. 

Fussball | WM-Qualifikation I Deutschland - Nord Mazedonien
Горан Пандев го матира Марк Андре Тер Стеген за водство од 1:0 на мечот меѓу двете репрезентации во Дуизбург, во март 2021Фотографија: Maik Hölter/Team 2/imago images

ДВ: Верувате ли дека може да се повтори чудото од Дуизбург и Македонија повторно да ја совлада Германија или барем да избори добар резултат? 

Секој натпревар е посебна приказна. Фудбалот не би бил тоа што е ако фаворитот на хартија секогаш победува. Не гледам причина зошто да не влеземе и во овој натпревар со амбиции да оствариме позитивен резултат. 

ДВ: Кои се вашите цели со оваа репрезентација? 

Не само моја туку и на Фудбалската федерација, стратегијата е да создадеме тим кој ќе се темели на тимска игра, на човечките и фудбалските индивидуални вредности кои ќе се стават во функција на тимот. Целта е да направиме тим кој ќе биде конкурентен и во наредните години.

ДВ: Која е вашата фудбалска филозофија? Каков фудбал сакате да играат вашите тимови? 

Пластичен пример се трите одиграни натпревари во септемврискиот циклус на квалификациите во кои покажавме дека репрезентацијата може да биде доминантна на теренот. Тоа се базира на посед на топката, на функционирање како тим и ставање на индивидуалните квалитети во функција на тимот. Иако имавме само два заеднички тренинга пред септемврискиот циклус, и ниту еден контролен натпревар претходно, сепак момците исполнија се што се бараше од нив и во однос на новите принципи и новата формација.

ДВ: Дали се уште го сметате за реална можност пласманот на Светското првенство во Катар по трите нерешени резултати во септемврискиот циклус? 

Во моментов во нашата група е сѐ отворено и секој секого може да победи. Тука го вклучувам и Лихтенштајн кој во последните натпревари покажува дека е сериозен тим- на мечот со Германија, и на последниот против Ерменија покажаа дека се конкурентни и мислам дека до последниот меч нема да се знае кој ќе биде на второто место. 

Благоја Милевски
Се е отворено во нашата група, вели МилевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

ДВ: Дали евентуална победа против Германија ќе го отвори патот за пласман на Светското првенство во Катар? 

Јас би рекол дека претходниот натпревар против Лихтенштајн, со евентуална победа, не прави многу конкурентни во групата. 

ДВ: По Европското првенство од репрезентацијата си замина Горан Пандев, рекордер по бројот на настапи и погодоци за репрезентацијата. Може ли да се надомести оваа загуба во тимот, со оглед на тоа што во септември недостасуваа токму голови? 

Треба време најпрво да се адаптира тимот на отсуството на Горан. Тој е фудбалска легенда, кој остави длабока трага во македонскиот фудбал. Но животот оди понатаму и ќе мораме сите ние во репрезентацијата да работиме повеќе за да се надокнади отсуството на Пандев. Мислам дека имаме потенцијал, особено во Милан Ристовски и Бојан Миовски, во иднина да го надополнат тоа реализаторско место. Секако тука е и Адис Јаховиќ со своето искуство кој може многу да придонесе за подобрување на перформансите. 

ДВ: Каква улога игра тоа што репрезентацијата е составена од играчи од повеќе националности, Македонци, Албанци, Бошњаци, Турци итн. Како ја гледате улогата на репрезентацијата во општеството и колку е таа обединувачки фактор?

Основниот принцип на работа е меѓусебната почит како личности, а потоа и како фудбалери. Ако го имате тоа во тимот ќе имате и „хемија“ меѓу играчите, без оглед на националната припадност.

ДВ: Живееме во време на пандемија на коронавирусот. Каква е вашиот однос кон пандемијата, каква е политиката во однос на вакцинирањето на играчите?

Тоа е специфична тема на нашето секојдневие. Оставаме на секој индивидуално да одлучи за своето однесување и вакцинирање. Но гледаме дека во поголемите европски фудбалски првенства, еден од условите е и задолжителната вакцинација, така што, сакале или не, мора да се направи тој избор. Јас и мојата сопруга сме вакцинирани. Имаме играчи кои играат надвор и секој си носи сопствена одлука, и тука нема ништо што се мора.

Кој стои зад успехот на македонската фудбалска репрезентација

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема