Борис Џонсон пред голема победа на изборите
13 декември 2019Според излезните анкети, Борис Џонсон ќе освои нов премиерски мандат и ќе има комотно мнозинство од околу 86 пратеници во новиот британски парламент. Тоа ќе му го отвори патот да го реализира ветувањето за завршување на процесот на излегување од ЕУ до 31 јануари следната година.
Според првичните проценки, Конзервативната партија на Џонсон ќе освои 368 од 650 места во новиот парламент- истовремено и најголема победа на оваа партија уште од триумфот на Маргарет Тачер во 1987 година. Тоа ќе му овозможи на Џонсон брзо да го ратификува договорот за Брегзит во парламентот.
„Се надевам дека уживате во вечерашната прослава“, им порача Џонсон на своите поддржувачи преку имејл и на Твитер. „Со малку среќа, утре ќе почнеме со работа“.
Опозициската Лабуристичка партија ќе освои 191 место, најлош резултат на партијата од 1935 година. Шкотската национална партија може да смета на 55 места, а Либерал Демократите на 13.
Официјалните резултати се очекуваат рано утрово.
Иако новото парламентарно мнозинство ќе му овозможи на Џонсон брза ратификација на договорот за Брегзит, тоа нема да биде крај на неговите маки, затоа што потоа го очекува и постигнување договор за трговија со ЕУ, и тоа во рок од 11 месеци.