1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дичев: Ако го решиме проблемот, ќе исчезнат двете ВМРО-а

11 декември 2020

Ако нашиот проблем со Македонците се реши, самата причина за постоењето на ВМРО- и нашето и на соседите - ќе исчезне. Колку подолго трае „револуционерната“ борба, толку подолго ќе постојат и двете. Пишува Ивајло Дичев

https://p.dw.com/p/3mb8N
Ivaylo Ditchev
Фотографија: BGNES

Годинешните протести покажаа дека господинот Борисов не може сам да одлучи ниту да си поднесе оставка. И додека истражувачките новинари ги откриваат неговите скриени зависности од г-дин Пеевски (Делјан Пеевски, бугарски олигарх, н.з.) и неговата партија, уште посмешна е јавната уцена на која го подложи неговиот помал коалициски партнер. И којашто го ликвидираше она што остана од неговиот авторитет. 

повеќе од авторот: Дичев: Што точно сакаме од нашите соседи?

Се згрозувам од господинот Симеонов (Валери Симеонов, потпретседател на коалицијата Обединети патриоти, н.з.) поради неговиот брутален стил, но тој сепак се вклопува во некоја разбирлива политичка логика. Но, случајот на ВМРО далеку ја надминува нормалната политичка наука.

Каква партија е ВМРО

Да го проанализираме најпрво името на оваа партија, заедно со која владее наводно проевропската ГЕРБ: во него се наведува дека ќе спроведе „револуционерна“ (sic!) активност „внатре“ во соседните земји. Дали, при таква голема љубов кон историјата, партијата се сетила да се огради од своето терористичко минато во 20-тите и 30-тите години на минатиот век, што доведе до убиство на бугарски министер и српски крал, тоа не успеав да го откријам. Во секој случај, од сета арамиска хероика денес останаа петардите што Џамбаски (Ангел Џамбаски, европратеник на ВМРО, н.з.) ги фрла врз демонстрантите против неговата партија - улога со која тој очигледно се обидува да го замени заминатиот доајен на етнонационализмот, Волен Сидеров. 

-повеќе од авторот: За Бугарија е акт на агресија самото постоење на Северна Македонија

Законодавната активност на организацијата е честопати чудна. Тие воведоа лобистички закон за горивата, кој ги притисна малите трговци, измислија референдум со кој требаше да се замени Големото национално собрание и сега се сетија да ги регулираат тартуфите. Но, не е сè толку забавно и безопасно.

Концептот на оваа партија за интеграција на Ромите, како и идеолошки поврзаните идеи за воведување на образовни квалификации при гласањето, ги покажуваат нивните отворени расистички ставови. Тие поттикнуваат омраза против бегалците и ЛГБТИ луѓето, неславно се борат со Брисел, каде еден од нивните европратеници ги навредува своите колеги според потеклото, а другиот се бори за слобода на пушењето. Дали господинот Борисов се обидува да ги ограничи нивните испади? Или, напротив, намерно ги турка напред како гуски за да го одвлече вниманието од себе?

Продажба на бугарски државјанства, нетранспарентно финансирање на сопствени невладини организации и прогласување на странските за предавнички, ненадејно купување без тендер на скапа воена опрема среде криза - овие работи веќе не ги ни забележуваме во позадината на поголемите скандали околу поголемиот партнер. Веќе немаме ни сили да бидеме вистински огорчени од преименувањето на писменоста од словенска во бугарска, повторно измислено од ВМРО - симболичен гест што нè турка на маргините на историјата, каде што ќе протестираме беспомошно против „навредите“ што ќе ни ги нанесуваат отсега па натаму оние кои не го признаваат смешното преименување.

Bulgarien | Boyko Borissov und Krassimir Karakachanov
Бојко Борисов и Красимир КаракачановФотографија: BGNES

Големиот удар

Големиот удар што ВМРО му го нанесе на нашиот национален интерес беше ветото врз Северна Македонија (ама не било вето, било само подигнување рака или што и да велат оттаму). Во очајнички обид да повратат некој процент пред изборите, овие луѓе ги уништија соништата на генерации Бугари да ја отстранат оваа југозападна граница и да живеат на заеднички политички простор со своите браќа од другата страна. Што бараме од нив? Никој не разбра. Од незапочнатиот (дали од нивна или од наша страна?) Коридор 8, преку навреда нанесена од некој Македонец, до тоа дека тие не нè сакаат и не се израдуваа на нашето членство во ЕУ во 2007 година. Ние им го признаваме идентитет, ама да не си го нарекуваат јазикот македонски. Ние инсистираме дека историјата е збир од факти, а во исто време сакаме да признаат дека окупацијата на нивната територија во 40-тите години на минатиот век не била „фашистичка“, туку било „ослободување“ - односно да прифатат одредено толкување на тие факти. Врв на сето тоа, е обвинувањето дека Македонците не се декомунизирале, дека имале „тоталитарен историски наратив“. Ова го тврди влада во која вицепремиерот е историчарот и агент на Државната безбедност „Иван“... 

повеќе од авторот: Дичев: Причините за блокада се поврзани со амбициите на Каракачанов

Кога ќе ги соберете сите овие барања, несомнено сфаќате дека тие нема како да бидат исполнети - и дека наместо зближување меѓу двата народа, тие имаат за цел конфликт и поделба. Се слушнаа многу толкувања дека овие наши убавци можеби исполнуваат некаква странска порачка- дали на Москва, дали на Белград, дали на Париз (којшто е против брзо проширување). Мислам дека е поедноставно.
Ако нашиот проблем со Македонците се реши, како што би се случило по природен пат во една заедничка Европска унија, самата причина за постоењето на оваа „внатрешна македонска организација“ - и наша и на соседите - ќе исчезне. Колку подолго трае „револуционерната“ борба, толку подолго ќе постојат и двете.

А резултатот од целата оваа славна операција на триење на носот на послабиот е тоа што го брише најнеоспорниот политички успех на Борисов, со кој што ќе влезеше во историјата: неговите напори да го помогне проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Политика, примена со ентузијазам во Бугарија и почитувана во странство. Дали го разбира тоа? Или денес го исполнуваат други неисториски работи?

Јас не сум приврзаник на ГЕРБ, но има нешто полошо од тоа што тие се власт. А, тоа е да владеат со нас под диктат на неодговорен мал партнер кој им ги витка рацете. Ако гледам некаква придобивка од мнозинскиот систем, тоа е дека ќе ги елиминира таквите неприродни коалиции - така да се каже, барем да знаеме против кого протестираме.

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема