1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

БиХ: Медиумите како генератори на кризата

Драган Максимовиќ
12 ноември 2021

Ќе има ли нова војна во БиХ? - е прашањето за кое последните недели медиумите во БиХ, но и во регионот се обидуваат да најдат одговор. ДВ анализира колку начинот на кој медиумите известуваат за тоа е заснован на факти.

https://p.dw.com/p/42vAz
Огромен број медиуми во БиХ, имаат нечесна улога во постојаните политички игри во земјата
Огромен број медиуми во БиХ, имаат нечесна улога во постојаните политички игри во земјатаФотографија: Dragan Maksimovic/DW

„Сирија и БиХ во војна“, „Дали ќе има војна во БиХ“, „Од Брчко почнува војна“, „Во БиХ сѐ погласно се зборува за - нова војна“, „Подготовка за вооружен конфликт во БиХ“, „Можни се ограничени конфликти“... Тоа се само некои од насловите во последните недели кои се појавуваат во медиумите во БиХ, регионот, но и во светот. Содржината, меѓутоа, е многу штура и не ги следи насловите или ги следи со изјави на третокласни аналитичари, кои не го познаваат ни уставното уредување во БиХ, а особено не внатрешните односи.

Огромен број медиуми во БиХ, имаат нечесна улога во постојаните политички игри, вели новинарот од Сараево, Амир Сужањ. Некои од нив со години се во директна служба на одделни политички центри, согласувајќи се да бидат само обични политички слуги на нивните вистински сопственици.

Без општествена одговорност

„Голем е и бројот на електронски медиуми, а особено портали, кои создадоа една матрица на сензационализам во која во трескавична трка за звучен наслов, воопшто не се води сметка за општествената одговорност која медиумите би требало да ја имаат. Тоа особено се покажа воактуелната криза и блокадата на институциите, а посебно по најавата на Милорад Додик дека тргнува, како што во Бања Лука офицiјално се вели, во враќање на украдените ингеренции“, вели Сужањ.

„Во таквите медиуми премногу лесно се изговара зборот 'војна', без никакви задршки се зборува за некакви операции од воен карактер, како заземање на Брчко, кои, според тврдењата на овие медиуми и нивните поддржувачи и аналитичари, веќе наголемо се во тек“, вели новинарот Сужањ, не спорејќи ја во ниту еден момент сериозноста на политичката ситуација во која се наоѓа БиХ.

Амир Сужањ: „Премногу лесно се изговара зборот 'војна'“
Амир Сужањ: „Премногу лесно се изговара зборот 'војна'“Фотографија: Privat

Меѓутоа, едно е, вели, да се предупредува на настани, а друго е да се повикува на војна. „Овие пораки, наместо сериозно предупредување, премногу често звучат дека некој ги посакува, што многу деструктивно влијае на граѓаните“, уверен е тој.

Повеќе: Поизневерена од Македонија и целосно уништена е само Босна

Поголемиот дел од медиумите вниманието го фокусираат на профит, на огласи и на маркетинг, а во таа постапка клиентот само го интересира колку „кликови“ има медиумот, велат медиумските работници. Во такво опкружување, без воопшто скрупули и со огромна доза на страст и незнаење, сензационалистичките медиумски наслови се најдобар начин да се оствари сигурна добивка, смета Миодраг Живановиќ, професор на Филозофскиот факултет во Бања Лука.

„Медиумите имаат еден голем степен на аутизам, изолација од животот. Медиумскиот животен простор е иsпразнет и таквиот редослед на настаните е нормален. Тоа не е добро ниту за медиумите ниту за нас. Тоа е поразително за сите“, вели Живановиќ.

Добар новинар денес е речиси изумрен вид

Тоа колку информациите се „јадат една со друга“ покажуваат и поплавите кои неодамна го погодија поширокото подрачје на БиХ, а за време на кои темата за војната за момент падна во втор план. Токму тоа е показател на кој начин од дневнополитичкиот фокус се исфрла нешто што е само фраза или медиумско поттикнување, смета бањалучкиот новинар Жељко Свитлица. И тој се прашува зошто медиумите се генератори на кризи и зошто од ништо прават сензационализам.

 „Поради секојдневните потреби за таканречените содржини и постојаното објавување, веќе нема време да се утврди колку е нешто важно или не е, бидејќи од агол на современите медиуми, сега сѐ е важно и сѐ е вест, а потоа, последично, ништо не е. Денес производството на информации работи како некоја голема мелница која постојано меле и во која нон-стоп нешто треба да се уфрла, а притоа не се бира што. Може и суво злато, но може и корпа за отпадоци“, вели Свитлица, нагласувајќи дека добриот новинар денес е речиси исчезнат вид - тивок и невидлив, олдтајмер меѓу автомобилите.

Повеќе: Кристијан Шмит: Само закон за забрана на негирање на геноцидот, не може да го промени општеството во БиХ

Резултатите од истражувањето за медиумските слободи во БиХ покажуваат дека граѓаните сѐ уште им веруваат на медиумите, но и дека нападите врз нив понекогаш се оправдани. Причината за ваквиот резултат многумина ја гледаат токму во начинот на известување на медиумите. Поразително е да се праша дали на новинарот му е поважно да има мислење или аргументи во текстот, затоа што ова последново никогаш не смее да биде доведено во прашање. За жал, тоа стана пракса, вели Синиша Вукелиќ, претседател на Клубот на новинари во Бања Лука, кој работи во рамките на Здружението на новинари на БиХ.

Синиша Вукелиќ, претседател на Клубот на новинари во Бања Лука
Синиша Вукелиќ, претседател на Клубот на новинари во Бања ЛукаФотографија: DW

Сè за пет минути слава

Илузорно е да се мисли дека има независни медиуми, особено кога многу од нив се борат за опстанок, велат оние кои и пред војната беа дел од новинарскиот еснаф. Сепак, разликата е огромна меѓу медиумите пред 30 години и денес.

„Медиумите денес го немаат општественото и јавното влијание како некогаш. Денес медиумите се апсолутно поделени на подобни и неподобни, на пропагандни, партиски, платени... Јавното мислење денес ја изгуби довербата во медиумите“, вели новинарот Слободан Пешевиќ, поранешен уредник на „Вечерње новости“ во Бања Лука, а сега во пензија.

Нашите соговорници сметаат дека новинарството е професија која е падната на најниски нивоа. Нема повеќе одвојување на важното од неважното - и сѐ е вест. Неверојатната експанзија на порталите и порталоидите, додаваат тие, доведе до контраефект. Вестите се прават како на лента, потиснувајќи се една со друга со таква брзина што е речиси невозможно да се следат. А нивната содржина е голо пренесување на непроверени информации, без другата страна и со коментари на новинари желни за нивните пет минути слава.