Во страв од брегзит Британците бараат германско државјанство
18 јуни 2016Кога пред неколку недели Наталија Даненберг доби германско државјанство, таа и нејзиниот сопруг отворија шише вино за да го прослават, како што вели таа, 'новиот безбедносен чадор'. Аплицирањето за германски пасош досега не бил нејзин приоритет, вели 35-годишната жена која внимателно ги бира зборовите.
„Веројатно ќе причекав уште неколку години“, доколку стравот од брегзит не беше толку голем, ни објаснува по телефон.
Гласачите во Велика Британија и иселениците кои ги исполнуваат критериумите на 23 јуни на референдум ќе одлучат дали сакаат да останат во ЕУ, или да ја напуштат - за првпат во нејзината историја. Исходот од контроверзниот референдум, кој ги спротивстави про-ЕУ кампот против еднакво бројните анти-ЕУ поддржувачи, ќе има големо влијание врз Велика Британија, а веројатно и врз целата ЕУ.
Ќе бидат погодени и иселениците, како Даненберг, социјален менаџер во Параолимпискиот комитет во Бон, која течно говори германски откако се досели во Бон пред 6 години заедно со својот сопруг Германец.
Иако не очекува дека Германија одеднаш „ќе ги исфрли Британците од земјата“, сепак не сака да остави простор за сомнеж околу тоа што би можело да се случи доколку Британија го напушти заедничкиот пазар и Унијата.
Британците се исплашени за привилегиите
И други Британци се загрижени: иако портпаролот на германското министерство за внатрешни работи не можеше да потврди дали е забележан раст на барањата за германски пасош од Британци, сепак постојат повеќе такви назнаки. Вработен во градските власти во Бон за ДВ тврди дека „дефинитивно“ има пораст во барањата за натурализација.
„Вообичаено, околу 2-3 Британци годишно земаат германско државјанство. Но годинава, веќе натурализиравме седуммина“, вели тој. Тој е убеден дека бројката ќе расте. „Кога се водеше дебатата околу исклучувањето на Грција од еврозоната, се јавија неколку Грци, но ни приближно колку Британците сега. Тие се исплашени дека ќе ги загубат привилегиите во ЕУ“.
Неколку други Британци кои живеат во Германија со кои разговараше ДВ велат дека многу би сакале да аплицираат доколку можат. Но правилата се строги, вклучително и постојан престој од 8 години - освен доколку апликантот не е венчан со партнер од Германија - како и тест за државјанство кој го тестира познавањето на германската култура, политика и историја.
Процесот може да трае со месеци. На крајот, вели Даненберг, нејзиното германско државјанство „не носи некоја разлика во секојдневниот живот“. Но, вели таа, тоа и дава чувство на припадност кон земја на која е горда: земја која покажа лидерство во бегалската криза и себеси како инклузивна и отворена - наспроти атмосферата која владее во Велика Британија.