Вардар против Монпелје и „проклетството“ на шампионот
26 мај 2018Ракометарите на Вардар во денешниот полуфинален дуел од Лигата на Шампионите против себе ќе го имаат тимот на Монпелје, но и традицијата која вели дека ниту еден тим досега не успеал да ја одбрани титулата во овој формат на најквалитетното европско ракометно натпреварување.
За разлика од минатата сезона, кога дојдоа во Келн како апсолутни аутсајдери, а си заминаа со титулата европски првак, вардарци годинава ќе имаат потешка задача. Никој со сигурност нема да ги потцени, а против Монпелје ќе треба да го потврдат и бремето на фаворити. Французите го имаат најмладиот тим на турнирот и играат извонредно брз и атрактивен ракомет. Тренерот Патрис Канајер на средбата со новинарите во петокот не криеше дека брзината во играта ќе биде главниот адут на неговиот тим.
„Ќе се обидеме со добра одбрана и брзи напади. Ќе се обидеме да играме колку е можно побрзо“, најави Канајер, кој веќе 15 години го предводи тимот од клупата.
Иако тренерот на Вардар, Раул Гонзалес, не прифаќа дека неговиот тим е фаворит на дуелот, досегашните меѓусебни дуели исто така говорат во прилог на Вардар: три победи и еден нерешен резултат во претходните четири средби.
Со самиот пласман на турнирот, Вардар веќе урна една непријатна традиција која не му одеше во прилог. Имено, од 2013 година досега ниту еден актуелен европски првак не успеа да се пласира на Фајнал Фор. Сега е на ред следниот голем предизвик: одбрана на титулата во овој формат на натпреварување - подвиг кој не му успеал на ниту еден тим - или „проклетството на шампионот", како што го нарекуваат некои.
Доколку стигне до финалето, Вардар ќе го очекува победникот од дуелот на двата француски тима: Нант и Пари Сен Жермен. Нант го предводи Кирил Лазаров, додека тимот од Париз и годинава го има најскапиот тим во историјата на ракометот со ѕвездите Хансен и Карабатиќ.
Повеќе: Раул: имаме иста мотивација како лани
Фајнал форот во Келн ќе означи и крај на оваа ракометна генерација на Вардар. По турнирот од клубот си заминуваат тренерот Гонзалес, како и носителите на играта - Арпад Штербик, Лука Циндриќ и Жоан Канељас.
Според Гонзалес, тоа не е никаков хендикеп за Вардар на турнирот, напротив:
„Некои од играчите ќе си заминат, но откако ќе заврши Фајнал Фор, дотогаш сме заедно и јас мислам дека ќе направиме добар резултат", вели Раул за ДВ.