Мулер ја заврши контроверзната истрага
23 март 2019Специјалниот советник на американското Министерство за правда, Роберт Мулер, ја заврши својата долга и спорна истрага за можното руско мешање во претседателските избори во САД, која фрли сенка на претседателствувањето на Доналд Трамп, и се очекува дека Министерството за правда ќе ги објави главните наоди од извештајот можеби уште денеска.
Иако деталите за истрагата се се' уште непознати, тоа што Мулер вчера ја заврши 22 месечната истрага без дополнителни обвинувања е добра вест за некои во опкружувањето на Трамп кои стравуваа оти ќе има уште една рунда обвинувања против соработниците на Трамп вклучувајќи и членови на неговото семејство.
Засега до извештајот имаат простап само мал број официјални лица од Министерство за правда, а министерот за правда Вилијам Бар се подготвува наскоро да ги објави „главните наоди“.
Повеќе:
-Судбоносна недела за Доналд Трамп
-Дилот на Манафорт - црн ден за Трамп
-Затворска казна за ек-советникот на Трамп, Пападопулос
Речиси двегодишната истрага фрли сенка на мандатот на Трамп и резултираше со подигање на обвиненија против 34 лица, од кои шест беа дел од изборниот штаб на Трамп. Откако го доби извештајот за Мулер, Бар рече оти веќе викендов би можел да го извести Конгресот за откритијата од истрагата на Мулер.
Објавата за завршување на извештајот предизвика реакции ширум Вашингтон, а демократите побараа што е можно побрзо тој да биде доставен до јавноста, додека републиканците наведоа дека со тоа се завршуваат 2 години на залудно потрошени пари и време.
Бидејќи никакви детали се' уште не се објавени не е познато дали извештајот за Мулер дава одговор на клучното прашање за неговата истрага - дали изборниот штаб на Трамп бил во контакт со Кремљ да влијае на претседателските избори во 2016 година во полза на Трамп, како и дали Трамп подоцна презел чекори, меѓу кои е и отпуштањето на директорот на ФБИ, за попречување во истрагата.
Меѓутоа, предавањето на извештајот значи дека истрагата е завршена без некави јавни обвинувања за кривичен заговор меѓу изборниот шатб на Трамп и на Русија или за улогата на претседателот во попречување на правдата. Официјално лице од Министерство за правда потврди оти за Мулер не се препорачуваат нови обвинувања.