Ви помина ли меракот?
15 февруари 2018„Сами си ја постелавте постелата. Сами си изгласавте. Дали сте збунети, уплашени? Бидејќи она за што мислевте дека го сакате, сега е тука и тоа е тоа. Можете само да гледате подзинати и збеснети, потпрашувајќи се дали ова е тоа што навистина го посакувавте од оваа демократија, вашата демократија.” Така, парафразирано, збореше Френк Андрвуд, со една рака во вис и другата врз Библијата потсмешливо загледан во камерата давајќи завет како фиктивен Претседател на овие САД. Монологот негов е толку заводливо близок до нашите мисли и дилеми од кои во уплав бегаме и се криеме.
Камо среќа да беше тоа единствената сличност со нашата реалност и нашите Андервуди избрани на сличен начин како и фиктивните им оригинали. Всушност, гледајќи наназад, најголемата сличност од оваа уметничка имитација на животот не е протагонистот туку самите ние, публиката на кои се упатуваат Андервуд-пацките сумирани во прашањето „си добивте што баравте, ви помина ли меракот, реформатори?”
Денес и овде, тоа е најгорливото прашање. И најтешкото за одговарање, како што бива со секое прашање поставено кон самите себе. Но, да, убави се прашањата и гневовите упатувани до политичките првенци и партии, жестоки се бесовите за нашите разочарани очекувања, возвишени се нашите невиности во кои солзливо чмаеме како самопорогласени жртви на измамата – која ли веќе по ред. Но, да прашам повторно, „ви помина ли меракот, реформатори?”
Неразбирлив гнев
Прашањето не се однесува до партиите на власт. За кои смета дека се нефер и непропорционално оставени да сами бидат изложени на столбот на срамот. Бидејќи во оваа сатира од „реформа”, по својата природа на постоење и опстоење тие – партиите - се сепак најневините од нас. Добро го прочитавте тоа што навистина го мислам. Посебно за сегашната власт како последна проекција на нашите исчашени желби и пореметен социјален компромис помеѓу нашите морални фантазмагории и партиските трули интереси. Од кои ништо друго не може да произлезе освен прашањето „ви помина ли меракот, реформатори?”
Неразбирлив е гневот на „медиумската јавност” кон СДСМ и ДУИ. Неразбирлив и нелогичен, барем во призма на реалното минато кое сакаме да го подзаборавиме. Бидејќи реалната јавност секако нема заборавено дека СДСМ и ДУИ немаат победено на последните парламентарни избори и дека нивното властелинско битисување е повеќе происход на сезонска хистерија отколку на слободна гласачка воља. Реалната, обична јавност тоа го нема заборавено ниту за момент, за разлика од „медиумската јавност” и нејзините ситни пресметки. Таа иста јавност треба да одговори на прашањето „ви помина ли меракот, реформатори?”
Но претходно медиумската јавност треба да одговори и на некои други прашања на кои обичната јавност сѐуште чека одговори. Ваистина, што мислевте вие од „медиумската јавност” кога молчевте за десетиците предизборни пост—полноќни средби со Груевски? Што мислевте кога распаметено кодошевте и на црни столбови лепевте додека легнувавте во постела со ДУИ? За чиј инает молчевте и со која злоба се ситевте додека „им го начукувавте на Албанците” и со одвратно клештење се оправдувавте дека „реално, без Али нема влада”? Која е таа ваша морална ветрикала кога сега цимолете во килав протест и со полни пелени за „двовластието” во владата? Каде испари заверата на циничен молк додека Заев мавташе од собраниска говорница со А4 ливчиња дека „Катето велит дека сите министри се невино чисти к'о росица” и громко урлаше дека „стои зад сите негови предложени министри”? Кога успеавте да ја смените оштрата диоптрија за Ставревски, Пешевски, Јанакиевски, Џафери со селективна ќоравост за Анѓушев, Рашкоски, Алаѓозовски, Османи, Спасовски? Во кој зимски сон се имате улулкано во очекување да Бејли изусти збор за истата ДИК операција на баснословни хонорари во СЈО, за кои нема да дознаете сѐ додека не разберете дека ве нема на платежна листа или оглас за вработување? О, вашата епохална етичност докажана во врескање за гаќите на Ивона, чорапите на Силвана и заљубеноста во кафеанскиот простаклук и провинциска неизживеаност на Фатиме Лукас! И пред да прашаме „дали ви помина меракот реформатори”, каде ви снеможи потсмевот за „понижувањето на Милошоски пред Бакојани” сега кога паѓате заљубено опчинети пред шармот на Димитров во цврстата анаконда прегратка на Коѕијас?
Претходни колумни на авторот:
Искривена слика
Јавноста, елем, не е разочарана во СДСМ и ДУИ. И зошто, впрочем, би била разочарана кога нема гласано за нив. Вистината ќе да е дека разочараноста и пизмата е вперена кон оние од „медиумската јавност” кои со години даваа целосно искривена и лажна слика за две партии кои по ништо суштинско (освен по пропагандна итроманија) не се разликуваат од темниот објект на нивната страст, т.е. ВМРО—ДПМНЕ. Апатијата и безволноста на реалната јавност не е поради дебаклот на новата власт, колку што е поради растечката згаденост, заситеност и недоверба кон оние кои ја имаат мамено и лажено дека царот не е гол, туку турист на нудистичка плажа. Ним, а не на политичарите, не на Заев, Рада, Груевски и Али, им чука на порти прашањето „ви помина ли меракот, реформатори?”
Но надежта на „експертско медиумската јавност” на СДСМ умира последна. Или барем претпоследна, пред богомолките по нуклеарен напад. Како што може да се заклучи по новата „мудра” игра на Заев и неговите медиумски апологети. Првично истренирана врз ДУИ низ магнетското привлекување на вахабистичките, криминалните и „поштени Албанци” од гравитационит центар на Мала Речица. Сега реплицирана кон ВМРО—ДПМНЕ преку Филипче, Димитров, Анѓушев и останатите од Груевистичката траекторија исфрлени сателити на ВМРО-ДПМНЕ. Традиционално, според школата на Груевски и Ахмети, сѐ во име на „етно-национално обединување” контра дугите, збивање редови и слични провидни финти за маскирање на криминалниот трактат на тројката. А сепак, ништо невообичаено и неочекувано за политиката и политичарите кои и не мораат да одговараат „дали им е поминат реформскиот мерак.”
Некни некаде прочитав дека „претходните барем не глумеа демократија”. Статус кој совршено ја доловува душата на реалната јавност и болката на „медиумската јавност” во очаен обид да си ја спаси кешираната морална величина заглибена во истото блато на Латасовштината. Евтини спинови и прозак оптимизам, инстант еуфории сред депресивни константи, залети во понори и занесено Икарово летање кон сонцето. Веќе виден филм во кој левичарската имитација на прогрес и очајно бегство од десничарството го затвора кругот и се поклопува со почетната точка на десничарскиот национал-популизам. И така во круг, маѓепсано оро во кој последните стануваат први додека останатите го вијат тешкото и мрморат дека „браварот беше подобар” ороводец и трпеливо чекаат да „на реформаторите им помин меракот.”
Горчлив лек
Не ја баравме, но штом ни е подарена можноста да ја видиме лажноста на „реформските мераклии”, поупатно е да на дарот не му ги загледуваме забите туку го искористиме како горчлив лек. Против оние кои без трунка совест ја зграбија сеѐопштата добра воља за промени и нѐ впрегнаа како робови, коњи и мулиња во кочиите на Заев и Анѓушев, Али и Бујар, Рада и Грујо. Но овој пат со помалку – ни трунка - верба и доверба кон нивните вревливи телали, зашаќерени детелинки и лажни величини. Напуштањето на автентичниот наратив на револтот нѐ чинеше скапо, сите нас - освен нив. Вртењето грб кон автентичните повици за непослушност и вртењето кон милозвучните поења на партиските сирени нѐ доведоа повторно сред криминалните Сцили и корупциските Харидби. Време е повторно да се потсетиме на крикот на Анастас Вангели за „сдсмовското лешинарство” како предупредување за последиците од втурање здрав младешки дух во црвливото тело на Бихаќка. Подобро порано отколку предоцна мораме да научиме да поставуваме вистински прашања отколку да примаме темплирани одговори. Како за почеток, „ви помина ли меракот, реформатори”?