Владата го одби предлогот за нов полициски час
9 јуни 2020Наспроти препораките на Комисијата за заразни болести за воведување полициски час од 22 до 5 часот претстојнава седмица, Владата на денешната седница одлучила да не го прифати предлогот и повеќе да не воведува ваква рестрикција. Предлогот и е вратен на Комисијата на ново разгледување.
Владини извори за ДВ велат дека е рано да се прогнозира дали оваа одлука ќе остане на подолг рок, и тоа ќе зависи од движењето на бројките на новозаразени од коронавирусот. Доколку бројот на новозаразени продолжи да опаѓа, нема да има потреба од нов полициски час.
- Повеќе на темата: Филипче смирува: Вториот бран ќе трае кратко
По рекордните бројки од минатата недела, во последното деноноќие опадна бројот на нови случаи на Ковид-19 во земјата. Вкупно се регистрирани 87 новозаразени, од кои во Скопје-41, во Штип-16, во Куманово-12, Тетово-10, Пробиштип-4, Охрид-2, и Гостивар и Струга по 1 нов случај. Едно лице починало на Инфективната клиника.
„СтопКорона“ задолжителна за сите изолирани
Рестрикциите со полицискиот час од денеска се заменуваат со воведување засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и неговите општини, во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовските општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.
Новина во владините мерки е одлуката да се задолжи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата „СтопКорона“ заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на коронавирусот.
Отсега секој кој ќе ги прекрши одредбите од решението за изолација ќе биде санкциониран со државен карантин.