Владата на Меркел треба да ја врати загубената доверба
14 март 2018Ангела Меркел на гласањето за избор на владата доби доволно гласови. Четврти пат по ред Бундестагот ја избра денес 63-годишната политичарка за канцелар. Најмалку 35 пратеници од коалицијата ѝ ја ускратија поддршката, па Меркел доби само девет гласа повеќе од потребното мнозинство.
Ваков слаб резултат во големата коалиција, „брак“ поради разумност во кој мораа да влезат Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и СПД, е традиција. И во 2005. година како и во 2013. година во тајното гласање исто така недостасуваа осум до десет проценти од гласовите од коалицискиот табор. Но, канцеларско мнозинство е канцеларско мнозинство. За тоа има доволно гласови, иако не и повеќе.
По изминатите шест месеци кои ја потресуваа Германија, изборниот резултат претставува сигнал. Големата коалиција по овие збрки зборот „нов“ или „наново“ го прокламираше за клучен поим во Коалицискиот договор. Можеше да се очекува и некој друг сигнал, сложност, но таков не стигна. И тоа е сигнал.
Повеќе на темата:
Германија е подготвена да плати за посилна Европа
Тргнуваме, но не како досега - почнува најтешкиот мандат на Меркел
Бројни предизвици
Германија конечно има повторно канцеларка, деловно способна влада. Тоа е добро, со оглед на бројните внатрешно- и надворешно-политички предизвици. Вжештената дебата за работата на народните кујни и сиромаштијата во Германија покажува нови јазови во германското општество, кои одамна не се поврзани само со прашањето за бегалците. На меѓународен план, на Германија чекаат Европа и пред сѐ францускиот претседател Емануел Макрон. Кон тоа треба да се придодаде и заканувачката трговска војна со САД, раководниот стил на Донад Трамп во целина, тензиите помеѓу Велика Британија и Русија - секоја од овие теми пооделно претставува дипломатски предизвик.
Изборот на канцеларката е точка по периодот од 171 ден политички превирања. Патувањето прво водеше кон коалициски непознатиот т.н. Јамајка сојуз, продолжи на работ на политичката бездна во комплетна збунетост и конечно кон демонстративен старо-нов почеток. Овие 171 ден покажаа едно нешто: германскиот политички систем е подготвен да се справи со вакви предизвици.Тоа е добар знак. Но, Германците треба да бидат поблаги во вреднувањето на политичките текови во другите земји, кои слични пречки требаше да совладаат во економски далеку потешки времиња. Четвртиот мандат Меркел ќе ја стави на нов, можеби досега најголем политички тест.
Сојузниот претседател - повеќе од симболичка функција
На денот на изборот на владата во Бундестагот, Меркел двапати сврати до германскиот претседател Штајнмајер во дворецот Белви. Строго регулиран ритуал е канцеларот по изборот прво да отиде кај германскиот претседател на именување, за потоа да положи заклетва во парламентот и пак повторно со своите министри да замине кај шефот на државата. Тоа е утврдено со Уставот на Германија. Но, денеска тоа беше повеќе отколку вообичаен ритуал.
Зашто, без самоуверената и нужна интервенција на овој претседател лани во декември, Меркел можеби воопшто немаше до стигне до својот четврти избор за канцеларка. Челникот на државата тогаш ги повика водечките политичари на политичките партии застапени во Бундестагот и ги потсети на нивната одговорност за земјата. Останатото е познато. Времињата кога функцијата претседател на државата беше само симболичка, се чини се поминати.
Во тоа се вклопува тоа што денеска, на денот на избоорт на владата, имаше само еден единствен говор, оној на сојузниот претседател, во кој тој порача: „За да се врати загубената доверба, нема да биде доволен само нов прелив врз старото. Оваа влада треба наново и поинаку да се докаже.“ Изненадувачки јасната и темелна опомена на Штајнмајер денеска може да се смета за мото на новата коалиција.
Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид