Мицковски во ВМРО, СДСМ на власт
17 февруари 2021Во насловот е, драги мои, суштината. Се додека Мицковски е на чело на ВМРО, СДСМ ќе биде на власт. Многу е просто. Затоа и мојата битка сиве овие месеци не е насочена кон СДСМ туку кон Мицкоски. Редоследот на работите е едноставен, најпрво треба да падне Мицковски, за потоа да падне Заев. Ова се обидувам да го објаснам подолго време. Невозможно е работите да се случат по обратен редослед.
Невозможно е ВМРО-ДПМНЕ со Мицковски на чело да го победи СДСМ. Причината е едноставна. Мицковски ја има поминато точката во политиката од која нема враќање назад. Неговата поддршка е забетонирана ниско, далеку пониско од вкупниот рејтинг на партијата, па не само што како лидер нема додадена вредност за партијата туку како тег ја влече надоле. Верувајте, Заев и цела влада на СДСМ можат уште милион глупости и грешки да направат и пак на избори ќе го победат Мицкоски. Ова е затоа што секоја грешка на власта наместо да оди на конто и во полза на опозицијата оди на конто и во корист на апатијата. И по нешто во Левица, која успешно лови по некој поен од секоја грешка на владата на СДСМ и општата недоверба во Мицкоски. Проблемот е што Левица зема несразмерно поголем дел од гласовите од ВМРО отколку од СДСМ. Некои анализи покажуваат дека од секој 100 нови гласа за Левица, 80 доаѓаат од гласачкото тело на ВМРО. За ова да се случи Заев направи прилично итар политички потег и ги насочи ВМРО и Левица едни против други. Мицкоски, онака неискусен и површен, ја лапна јадицата, па сега се тепа со Левица за утешното второ место на македонската политичка сцена.
-претходни колумни: Политика на бојкот и лажната надеж
Наместо да атакува на првото место, наместо да се обиде да ги поврати изгубените гласови на неопределените гласачи, тој ги губи и лојалните гласачи кои подолго време гласаат за десната опција. Ова е страшна загуба, затоа што овие лојални гласачи на десниот центар, не се определуваат за друга десна партија, туку за екстремно лева партија во политичкиот спектар. Ова значи дека кога овие гласачи ќе се разочараат во Левица, а тоа ќе биде првиот момент кога Левица ќе биде дел од власта, поголемиот дел од нив полесно ќе се прешалтаат кон друга лева партија, читај СДСМ, отколку да се вратат кон десницата.
Ова е трајниот негативен влог на Мицкоски во ВМРО-долгорочна ерозија и ситнење на стандардното вмровско гласачко тело. Ова во најголема мера е резултат на неговата површност, неговата стратегија базирана на дневен ПР, неискуството во политиката и неговата исклучителна способност да се скара со секого.
Ова последното го прави скандал мајстор досега незабележан на политичката сцена. Мислам дека не постои друг политичар кој има таква способност да креира толку непријатели во единица време. Секој кој се осудил да му каже нешто различно, да го искритикува или да му даде обична забелешка, веднаш го прогласува за народен непријател, соработник на Заев, уценет, предавник, криминалец и наредува на ботовите од дувлото да го навредуваат него и семејството, да го полеваат со фекалии (како што тој самиот се изразува) и да шират за неистомисленикот монструозни лаги. Ова треба да го оцрни и направи неистомисленикот одвратен за секој кој сака да добие некаква си функција од лажно семоќниот, а секој хејтач, да го направи кај него омилен.
„Хуманизација“
Претпоставувам, овие што му го прават ПР-от, ги виделе анкетите и сега во паника, се обидуваат нешто од нешто да спасат. Во немоќ, прибегнаа кон една стратегија која се нарекува „Хуманизација“. Оваа ПР стратегија е позната и користена во модерната политика, но не како посебна кампања, туку како дел од креирањето за севкупната политичка слика за политичарот. Нашиве, гледајќи со каков политички мастраф си имаат работа, се обидуваат да го хуманизираат Мицкоски. Неуспешно до патетика, за жал. Го натерале, во кошула, со гел на косата, дотеран ко за на телевизија, да позира со лопата во рака, демек чисти снег, за да го прикажат како нормален, обичен човек. Самата потреба некого да мораш така да прикажеш значи дека е обратно.
-претходни колумни: Последниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ?
Затоа и дневната хуманизација на Мицкоски заврши истата вечер кога еден новинар отиде да го разобличи овој обид за хуманизација и да ни потврди дека Мицкоски се фаќа за лопата само за пред камери.
Исто така не ми е јасно и што сакаа да докажат, можеби дека фаќањето за лопата е услов за да се стане премиер или пак е логичен след на спотот од катастрофалната кампања за парламентарните избори кога Мицкоски беше мајстор!
Ако е така, еве да ве известам дека и јас го чистев снегот пред мојата куќа, а тоа го направи и комшијата до мене и неговиот комшија, а и тој од карши. Значи на мојата улица има барем уште 5-6 квалификувани премиери. А еден од нив е и одличен мајстор. Заборавивме да се сликаме, ама следниот пат и тоа ќе го направиме! Драги мои, кога човек ќе почне да се глупира за да се допадне на гласачите, тоне, му нема спас. Наместо политичар станува кловн и со тоа потврдува дека ја поминал точката во политиката од која нема враќање.
За крај еве уште еден факт за тотално разобличување. Дали знаете дека пред конгресот во Валандово на кој Мицкоски беше октроиран за претседател на тогаш најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, исто така беше формирана „Мериот коалиција“? Само, разликата е што во тој случај Мериот коалицијата беше во негова полза, му ги собираше потписите од делегатите и ги убедуваше оние кои се колебаа. Тогаш истите тие луѓе, за кои тврди дека се слуги на Заев, со многу напор, го истуркаа за претседател, неискусниот и непознат помеѓу поширокото членство Мицкоски. Да, тогаш Мериот коалицијата и начинот на кој го октроираше на престолот му беше целосно прифатлива, демократска, составена од угледни, чесни и влијателни партиски членови.
Карма
Денес, истите тие кои тогаш за Мицковски беа најчесните, најугледните, на кои им се колнеше на верност и потчинетост и на кои им ветуваше дека сé, буквално сé би направил за нив, а особено за еден од нив, се нечесни криминалци, отпадници и непријатели. Бат, Карма из а бич. Се ми личи дека Мериот коалицијата го постави и Мериот коалицијата ќе го смени. Она што не би требало да се дозволи е т.н. Мериот коалиција да го избере новиот лидер на опозицијата. Не само затоа што направија лоша проценка првиот пат, туку и од причина што не смее лидер да се бира на таков начин. Не смее да се повтори истата грешка. Затоа и имаат обврска да ја исправат таа грешка, за потоа да се организира демократски конгрес.
-претходни колумни: Падна владата... за малку!
Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да биде избран на демократски конгрес, низ една процедура која ќе гарантира дека тој што ќе дојде после Мицкоски, има визија, политички сенс, програма и стратегија, способност да обединува, а не да разделува, да биде работлив и вреден и да има големо политичко искуство. Затоа, веднаш по смената на Мицкоски треба да се размисли да се направи работно претседателство кое ќе ја води партијата и ќе организира демократски конгрес во период од наредни 1-2 месеци. Квалитетен и искусен лидер може за 2-3 месеци да ја стабилизира партијата и да ја поведе во првата победа после низа од многу порази. За среќа во ВМРО сеуште има победници кои се способни да го заменат лузерството со победа.
Да завршам како што почнав, запомнете, денот кога Мицкоски ќе си замине од ВМРО, ќе биде денот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе го победи Заев и СДСМ. Да ве потсетам, Мицкоски е омилениот вмровец на Заев.