1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ: Партија или здружение на ментални затвореници?

12 февруари 2020

Партијата се трансформира во здружение на ментални затвореници, чие дејствување претставува перманентна деструкција, во вид на варијации на „повторување на делото“. Гостинска колумна на Димитар Димитров

https://p.dw.com/p/3Xf7f
Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Подолготрајна состојба на страв од затвор, го прави човека затвореник. Тој не е во затвор, но затворот е во него. Се` одмерува во корелација со затворскиот мотив, и тоа го прави хетерономен или субверзивен политички субјект.
Ваква политика под страв од затвор продолжително демонстрира партијата ВМРО-ДПМНЕ след обзнанувањето на незаконското масовно прислушување и обвинението на нејзиното раководство од страна на СЈО како злосторничко здружение. Среќа што не сме Јапонци, па не се случија самоубиства поради големите огрешувања од законот. Но, од друга страна, непосредните злосторители и партијата не покажаа ни минимум самокритика или знаци на внатрепартиско санкционирање. Наместо тоа, тие развија одбрана со теза за политички прогон однадвор и одвнатре, па соработката меѓу државата и ЕУ и НАТО ја квалификуваа како антимакедонска коалиција.
Така стравот од затвор партијата го преточи во поим на Македонија идентична на компромитираниот режим на Груевски. Во таа стратегија волшебното извишување на Македонија со новата власт во приоритетна тема на ЕУ се кодоши како предавство, на кое како национална доблест му се противставува затворена држава – мегдан за грабеж и за неказниво газење на Уставот и законите.
Така позиционирана, партијата се трансформира во здружение на ментални затвореници, чие дејствување претставува перманентна деструкција, во вид на варијации на „повторување на делото“, како што се вели во кривичноправен контекст.

Субверзивна низа

Ориентирот на таквото дејствување го даде најодговорниот за деградацијата на партијата со инсценирањето на божемниот пуч на лидерот на СДСМ. Уследија: антизападна пропаганда, некрофили на западни амбасадори, полугодишна саботажа на конституирањетто на новата власт, насилен упад во Собранието, шиканирање на договорите со Бугарија и Грција, бојкотот на референдумот за евроатлантската интеграција на Македонија. Оваа назначена субверзивна низа кулминира во опструирањето на законот за Јавното обвинителство, кое и пред неквалификуваната јавност ја утврдува паријата во здружение на ментални затвореници. Наместо самата да побара затвор за криминалците, како што своевремено постапи ХДЗ со Санадер, таа избра затвор за Македонија – за да останат слободни обвинетите за криминал.

Dimitar Dimitrov, ehemaliger Professor Philologische Fakultät in Skopje, Nord-Mazedonien
Душата ме боли пред ваквата вулгаризација на партијата, на која едно време имав чест да и` бидам потпретседател, пишува Димитар ДимитровФотографија: privat

Да се работеше за револуционерна партија, сообразно на првиот дел од името на партијата, обзнанетите престапи ќе беа санкционирани на револуционерен начин. Да беше во прашање демократска партија, сообразно на вториот дел од името, престапите ќе се санкционираа низ соодветни статутарни процедури. Ништо од тоа. Ни збор не стана во партијата за одговорност на лидерот и на раководството. Напротив, на два конгреса, конгресмените од клиентелистичката мрежа го (пре)избраа Груевски за претседател односно за почесен претседател и му дозволија, наспроти прононсираните претенденти, да си избере за наследник свој alter ego, своја инкарнација, па самиот да ја избегне затворската казна со бегство во друга државва. Наскоро претендентите, и самите со обвиненија, се поклонија пред оваа деноминација на патронот (од Груевски во Мицкоски) и како пратеници го предводат маршот за спасување од затвор – со примена на патриотска демагогија за мали деца.

Отпор на заробеното членство

Душата ме боли пред ваквата вулгаризација на партијата, на која едно време имав чест да и` бидам потпретседател. Неколку пати наметнував идеја за Спартаково востание во неа, како метафора за појава на отпор на заробеното членство. Дочекав метафората да заискри низ реформаторите, низ Јанчев, низ Богоески, низ независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Сите тие беа брутално санкционирани од инкарнацијата на Груевски.

Но се` има век. Овие денови „предавничката“ независна пратеничка група ја спаси честа на партијата со соопштение со вистинско стратешко полнење, во кое апелира до колегите секој лично да се вклучи во донесувањето на законот за ЈО и да биде дел од евроатлантската интеграција на Македонија, како стратешка определба на партијата, која е за граѓаните и за каузата, а не за еден човек.
Во таа перспектива партијата може да го победи здружението на менталните затвореници.

Димитар Димитров поранешен професор на Филолошкиот факултет во Скопје, амбасадор во Руската федерација, министер за образование и наука во првата експертска влада и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема