Поднесена иницијатива за гласање доверба на Владата
8 ноември 2021По изборниот пораз на СДСМ, Владата нема кредибилитет, а нема ниту план за решавање на проблемите со што само ќе се продлабочува политичката криза, се наведува во образложението на иницијативата за гласање доверба на Владата, којашто опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе денеска до Собранието.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ наведува дека владата предводена од СДСМ и ДУИ не донесе значајни резултати во изминатите пет години, туку владее со измами и пазарења за сметка на најважните прашања на народот. „Изминативе 5 години се доказ дека оваа Влада владее со конфликти и не' оддалечува од ЕУ само со една цел, а тоа е одбрана на криминалот и одбрана на политичките кариери и привилегиите коишто безмилосно ги уживаат функционерите на власт на грбот на народот. Не се грижат ниту за државата, ниту за народот, ниту за приближување на државата во ЕУ. Неуспехот на ова поле е разочарување и ги влече сите процеси наназад“, изјави Александар Николоски кој презентираше дел од образложението поради кое што се поднесува иницијативата.
Заедно со барањето за гласање доверба на Влада, ВМРО-ДПМНЕ достави и 61 потпис, коишто лидерот на партијата Христијан Мицкоски тврдеше дека ги обезбедил како поддршка на иницијативата. По нејзиното поднесување, таа треба да биде ставена на седница во рок од три дена. Доколку ВМРО-ДПМНЕ и партиите коишто им пружија рака за соработка обезбедат 61 глас, ќе биде изгласена недоверба на Владата. Николовски тврди дека имаат сигурна поддршка и интензивни преговори со уште неколкумина пратеници во Собранието.
За други чекори - како нова влада или брзи предвремени избори, Николоски вели дека ќе се разговара по четврток, кога истекува рокот за гласање доверба на владата. Ако биде изгласана недоверба на владата, уставниот рок за доделување мандат за составува влада е 10 дена.
Пишман потписи
Но, мнозинството на опозицијата е на климави нозе, откако пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи, се пишмани во меѓувреме за дадениот потпис. Тој вели дека дал потпис за изгласување недоверба на Владата на СДСМ и ДУИ, но не знаел дека ќе седнат на иста маса со Левица која, вели, има анти-албански и анти - НАТО ставови.
„Кога ја составувавме листата, Левица не беше дел од неа. Не прифаќам мојот потпис да е дел од списокот заедно со потписот на лидерот на Левица. Не го добивме мандатот за да ѝ служиме на антиалбанска кауза“, дециден е Скендер Реџепи-Зејд.
Прашан за вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ја ужива неговата поддршка за недовербата на власта, Реџепи вели: „Не му должам ниту на Мицкоски, ниту на Заев, ниту на Али Ахмети, ниту на кој било. Му должам на моето достоинство и на идеалната политичка опција за која дишам. Дишам во идеал за подобро општество на Албанците, но секако не со оние кои ги мразат Албанците, оние кои ги навредуваат Албанците. Ова не го дозволувам, нека ми го тестира достоинството“.
Математики
Без Реџепи, сега соодносот на старото и најавеното ново мнозинство во Собранието е 60 спрема 60 пратеници. За да ѝ се изгласа недоверба на Владата, треба 61 пратеник.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села смета дека не мора да значи дека ако Скендер Реџепи не сака да стои на иста листа со Левица, дека нема мнозинство. „Ние правиме се само Заев да го одржи зборот и да си поднесе оставка. Ако се зборува за анти-албанска и анти-НАТО албанска партија зошто зборуваат само за Левица која е нова и мала партија. Зошто не зборуваат за ВМРО и СДСМ, или се чуваат затоа што еден треба да седнат со нив и да разговараат за влез во Влада“, изјави Села пред Собранието.
Градоначалникот на Гостивар и генерален секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари пак, вели дека се преговара за трансфер на пратеници од СДСМ и ДУИ, по нивна иницијатива. „Тие побараа да се сретнеме и побараа некои гаранции“, вели Таравари.
Според него, евидентно е дека бродот на Заев тоне, СДСМ е целосно поделен и, како што вели, веќе не се знае кој ја води партијата. „Вчера го слушнавме Ахмети дека е спремен да разговара и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ. Значи, нема нешто против ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи цела кампања беше против оваа партија и ова ме радува. Јас мислам дека дефинитивно ДУИ ќе биде во опозиција за две-три недели. Мислам дека ДУИ е канцер на општеството и со нејзино заминување во опозиција се раѓа една надеж, особено кај Албанците“, додава тој.
-повеќе на темата: Германските социјалдемократи се надеваат дека Заев ќе остане премиер
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му даде рок на премиерот Зоран Заев до денеска да поднесе оставка во Собранието. Заев на 31 октомври најави дека ќе поднесе оставка како премиер и лидер на СДСМ по неуспехот на локалните избори. Во петокот (5 ноември), лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави дека има ново мнозинство во Собранието, составено од неговата партија, Беса, Алијанса, Алтернатива и Левица. До ваквиот развој на настаните дојде откако Беса реши да ја напушти владината коалиција, поради одлуката на ДИК за прегласување во Желино.