1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во процепот

9 ноември 2019

Македонската јавност ненадејно стана свесна дека француското вето не било поради ревизија на процедурите за членство во ЕУ, туку дека тоа е дел од многу поголемата игра за моќ во Европа. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/3SjjU
Frankreich Toulouse | Emmanuel Macron & Angela Merkel & Ursula von der Leyen
Фотографија: Reuters/R. Duvignau

Има една извонредна работа  во овој продолжен шок по француската блокада на Македонија – овдешната јавност полека станува свесна (или подобро речено – почнува да ги гледа) за комплицираните игри во големата политика. Во таа свовидна „игра на престоли“ повредени се многумина, а не само малите држави како Македонија и Албанија. Загадочното интервју на францускиот претседател Еменуел Макрон за лондонски „Економист“ од една страна ги стави во небрано домашните ловци по гласови, кои упорно тврдеа дека Франција не била осамена во блокадата на Македонија на европскиот самит, а од друга страна отвори дополнителни недоумици околу тоа што навистина сака Макрон не само околу проширувањето на ЕУ, туку и со иднината на НАТО. Двете организации во кои се колнат сите македонски политички елити.

Целосно е неизвесно што ќе прозлезе од оваа игра на слоновите во европската продавница на внимателно избран порцелан, но овдешниве политичари треба да бидат свесни дека многу малку работи зависат од нив. Па дури и ако се усвојат сто реформи до изборите во април, борбата против корупцијата да достигне фантастични размери, а гласањето да биде совршено мирно и кредибилно. За да ви станат малку појасни размерите на оваа битка на европските титани, која веќе добива и јавни манифестации, прочитајте што се случуваше за време на овонеделната посета на Емануел Макрон на Кина.

Францускиот претседател стоеше пред европското знаме во Големата сала на народите во Пекинг. До него стоеше кинескиот претседател Ши Џинпинг, а зад него беше кинеското знаме. Ја немаше никаде француската тробојка. Макрон се беше претставил да изгледа како единствениот лидер на Европа. Не само со знамињата, туку и со пропратните настани. Макрон во својата делегација ги вклучи и Ирецот Фил Хоган, сегашен европски комесар за земјоделство (кој во новата Европска комисија ќе биде комесар за трговија) и германската министерка за образование Ања Карличек, која ја претставуваше Ангела Меркел. Хоган пред двајцата лидери го потпиша договорот со неговиот кинески колега Жонг Шан за заштита на интелектуалната сопственост на деликатесната луксузнa храна што се извезува во Кина. Договорот одредува дека кинеските млекари не ќе можат да произведуваат нивна „горгонзола“ или „грана падано“ и потоа да ги продаваат во Кина.

China Treffen Emmanuel Macron und Xi Jinping
Емануел Макрон и Ши Џинпинг во ПекингФотографија: Reuters/J. Lee

Кога Макрон беше избран за претседател пролетта 2017 година на ноќната цеременија пред Лувр прво беше свирена европската химна „Ода на радоста“, а дури потоа „Марсељезата“. Уште тогаш Макрон најави дека неговата главна цел е да ја трансформира Европа. Во многу малку работи досега успеа, но некои нешта и ги протурка. Како, на пример, изборот на новиот претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, наместо избраниот кандидат на Европската народна партија Манфред Вебер, и со тоа да го задоволи своето политичко его дека го минирал принципот на „врвен кандидат“, а во исто време да ја одоброволи и Ангела Меркел.

Еден против сите

Интервјуто во „Економист“ ги покажува траекториите на неговата амбиција. Отвореното признание дека само тој на европскиот самит бил против датумот за Македонија, додека сите други лидери биле „за“ ги доведе во смешна ситуација овдешните опозиционери кои се отепаа од докажување дека не била една, туку дека се работело за три земји. Во слична ситуација беше доведен и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој исто така сакаше да елаборира дека неговата земја не била единствената која ставила блокада. Исто така, тој со еден потег ги отфрли и обвинувањата на опозициските првенци дека Македонија била виновна што била ставена во пакет со Албанија.  Неговите зборови: „Реалноста е дека доколку не отворите преговори и со Албанија создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот“, се добра опомена дека играта на опозицијата на таа карта за наводна погрешна дипломатска проценка на властите е промашена и дека што е можно побрзо треба да ја затвори ако сака да најде партнер во албанскиот политички блок пред и по априлските избори.

На вмровскиот лидер, Христијан Мицкоски, ова интервју му ги уништи неговите долги експликации во разговорот за загрепски „Вечерњи лист“ во кои тврди дека одлуката за блокада на Македонија од страна на ЕУ „не била неправедна“ затоа што „Зоран Заев влегува во историјата како најнегативната политичка фигура во последните 28 години“. На прашањето „Зошто Макрон ги блокираше пристапните преговори?“, Мицкоски го поправа новинарот: „Прво, треба да ве исправам: сметам дека ова не беше еднострана одлука на претседателот Макрон, туку дека зад неа беа уште неколку земји членки кои имаат аргументи за одлуката која ја донеле“. За жал на Мицкоски, демантот стигна токму од Макрон во интервјуто за „Економист“ направено уште на 21 октомври, а објавено во четвртокот.

Nordmazedonien und EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Ударната дипломатска тупаница на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, покажа повеќе такт и умешност да објасни во каков европски процеп се најде Македонија, па по разговорите со потпретседателката на францускиот Сенат, Елен Конве-Муре, внимателно изјави дека „на новиот концепт на проширување се уште се работи и се надеваме дека за време на хрватското претседателство членките на ЕУ ќе имаат одредена реална понуда за концептот на проширувањето. Во меѓувреме, Македонија треба да продолжи да работи на реформите“.  Што е тоа што Милошоски го разбрал од француската сенаторка, а шефовите во неговата партија не го разбрале? Или Милошоски неочекувано јавно сфати дека Македонија влегла во процепот каде што речиси и нема адути за играње.

Други колумни од авторот:

Брзата лента на ВМРО-ДПМНЕ

Бескрајна сапунска опера

Што сака Макрон на Балканот

Кинеската мрежа на Балканот

Сегашниве македонски власти изгледа доцна разбраа што се случува во Европа (а тоа можеше да им биде јасно само ако дипломатските стратези секој ден ги читаа важните европски весници), па најголемиот дел од енергијата ја насочија кон Берлин. Еуфоричното заблагодарување на Германија по одлуката на Бундестагот за нив, а реално и за огромниот дел од јавноста, изгледаше како работата да е завршена. За жал, не беше така, а може да биде и уште покомплицирано. Ангела Меркел има уште две години да отслужи како канцелар, но веќе сега се гледа дека нејзиното влијание е во постојан пад. Во голема мерка и поради комплицираната внатрешна ситуација во Германија, а сега веќе и во нејзината партија. Писмото на 17 политичари од нејзината ЦДУ, во кое се бара партијата да го отстрани „санитарниот кордон“ кон крајно десничарската и ксенофобична Алтернатива за Германија (АфД) и дека треба да се размислува за коалиција со неа, може да прерасне во ситуација која може да ги растури христијанските демократи одвнатре. АфД беше жестоко против Македонија да добие датум при расправата во Бундестагот, а нејзините пратеници во Европскиот парламент гласаа против резолуцијата поддржана со огромно мнозинство на двете балкански земји што е можно побрзо да им се отвори европскиот пат по „историската грешка“ на Европскиот совет.

На два брега

Со ваквата фрагилна канцеларка францускиот претседател мисли дека веќе му е отворен патот кон европското лидерство. А неговата реторика ја преземаат и дипломатите. Откако специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан, Метју Палмер, во Белград на прес-конференцијата со Александар Вучиќ изјави дека „ЕУ направи историска грешка и испрати лоша порака за целиот регион со неотворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, францускиот амбасадор во Србија, Жан-Луј Фалкони, во интервју за телевизијата Н1 се обиде да контрира велејќи дека „тој збор ’историска грешка‘ е погрешен. Тоа не одговара на ситуацијата. Палмер е извонреден експерт за Балканот, но очигледно дека не е експерт за ЕУ“.

Дали Франција неочекувано поради лидерските амбиции на Макрон наеднаш останува осамена на европската сцена и покрај сета моќ? Ретко кој би се осмелил да го тврди тоа, но очигледно е дека некои постапки на францускиот претседател создаваат нелагодност кај партнерите. Урсула фон дер Лајен во петокот по разговорите со Меркел во Берлин јасно изјави дека „обезбедувањето на пат за пристапување кон ЕУ на Северна Македонија и Албанија е од голема стратешка важност за блокот. Северна Македонија и Албанија направија неверојатни напори за да стигнат до точката до која ние побаравме да дојдат“. Со тоа Лајен направи јасна јавна дистинкција од човекот кому треба да му биде најмногу благодарна за тоа што ќе ја раководи новата Европска комисија. Благодарноста е едно, но стратешките правци се друго, па Лајен одбра цврсто да го следи европскиот пат а не француските екскурзии.

По изјавата на Макрон во истото интервју за „Економист“ дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“ и дека нема никаква координација меѓу САД и неговите сојузници, особено поради воената интервенција на Турција во Сирија, Меркел веднаш изјави дека она што го кажа Макрон се „драстични зборови, кои не се во мојот поглед на соработката во НАТО“. Таа оценка ја искритикува и американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

На македонската сцена Кристијан Тимоние, како некој вид колонијален прокуратор, испорача задачи кои треба да бидат завршени за неколку месеци за да добиеме награда: да се организираат добри избори, да се води поуспешна борба со корупцијата и подобро судство и „до мај може да има добри вести“. И сето тоа да се заврши до февруари кога ќе се распушти парламентот.

Амбасадорот на Холандија, земјата која со Франција беше во тандем околу Македонија се до последниот европски самит, направи јасна дистинкција од ставовите на Париз. Во интервју за Радио Слободна Европа Дирк Јан Коп беше неверојатно прецизен: „Холандија смета дека Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите. Французите зборуваат за ревизија на методите и процедурите. Но ние не сме виделе некакви конкретни предлози во овој момент. Кога Французите ќе дојдат со предлози ние ќе ги разгледаме и ќе видиме што мислиме за нив. Но ова нема да го смени нашето гледиште кон Северна Македонија дека земјата е подготвена да ги започне преговорите“.

Добро е што во овој процеп во играта за моќ во Европа некои работи станаа појасни за Македонија – Франција е единствена која го кочи датумот, а објаснувањата, колку и да се претставуваат суштински, во основа се прозаични.  Претседателот Стево Пендаровски идната недела ќе се сретне со Емануел Макрон во Париз и во некоја рака е добро што тие разговори не се најавени како мисија за убедување, туку како можност да се слушне од прва рака за француските планови. За веројатно да ни стане појасно во кој од концентричните европски кругови сега не‘ сместува Париз.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар