1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ сака да стане супермен во Србија

Томас Бреј (дпа)
31 март 2017

Победата на премиерот Вучиќ на изборите за претседател е јасна, но многу понејасно е што тоа ќе значи за Србија. Вучиќ сака да стане супермен во домашната политика. Анализа на германската агенција ДПА

https://p.dw.com/p/2aEOM
Spannungen zwischen Servien und Kosovo
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Со претседателските избори премиерот Александар Вучиќ во Србија стреми кон политичките ѕвезди. Тој веќе сега има главен збор за сѐ во оваа балканска земја. Раководи со далеку најважната владејачка партија СНС, може во парламентот да собере гласови за двотретинско мнозинство, координира со тајните служби и своите министри, неретко дури и јавно, ги третира како ученици.

И, сите важни медиуми се или во сопственост на владата, или му стојат на располагање на својот лидер Вучиќ. Тој тука е на домашен терен и секојдневно ваквата доминација ја користи за себепромоција и за да ги кара своите противници.

Сепак, само седум месеци по преземањето на новиот премиерски мандат, тој оваа фунција сака да ја смени со претседателската, која е пред сѐ репрезентативна. И пријателите и непријателите се сигурни дека 47-годишникот, кој веќе четврт век е во политиката, сака јасно да победи на изборите. Исто така, сите се единствени дека како квази-премиер ќе постави некој нему апсолутно верен следбеник. Ваквиот модел, при кој вистинската политичка моќ, и покрај сите уставни одредби, се прелева на претседателската функција, веќе го испроба Борис Тадиќ.

Вучиќ веќе пет години е единица мерка за сѐ. Тој владее во внатрешната политика како што сака, опозицијата е претворена во џуџе. Освен тоа, опозиционерите се уште и ужасно раскарани и настапуваат со дури 10 кандидати. Најважен од нив е Војислав Шешељ, докажан националист и политички ментор на Вучиќ. Со тоа вистинските политички алтернативи стануваат уште помали.

Aleksandar Vucic Serbien Premierminister Belgrad
Вучиќ ја користи доминацијата за себепромовирање и за да ги кара своите противнициФотографија: picture-alliance/dpaN.Ibrahimkadic

Приврзаниците на Вучиќ и министрите го фалат тоа што во иднина сета политичка моќ ќе биде концентрирана уште повеќе на само едно место. На малата земја, која е изглодана од економска и социјална мизерија, ѝ е неопходна цврста рака која ќе ја принуди на реформи и модернизација. Опозициските критичари на Вучиќ зборуваат за автократија, па дури и диктатура, затоа што тој со својата лична моќ ги урнисува државните институции.

На тој заклучок наведуваат некои проблематични шаховски потези на овој врвен политичар. Парламентот е испратен на принуден одмор, за опозицијата да нема платформа. Изборите беа закажани во последен момент, за опозициските кандидати да немаат време да ги соберат неопходните 10.000 потписи за кандидатура. Во Државната изборна комисија доминира власта, односно има 12 од вкупно 17 членови. Регулаторното тело за електронски медиуми самото се иззема од трка. Притоа, наместо уставно пропишаното еднакво презентирање на сите кандидати, во весниците и на телевизија се одвиваат „Вучиќ-фестивали“.

Со оглед на тоа што парламентот е на принуден одмор, нема ниту тело за надзор на избори во овие рамки. Сепак, најголемото обвинување од страна на критичарите на Вучиќ гласи: тој како премиер противзаконски троши државни пари за својата изборна борба. А, на почетокот, Вучиќ ветуваше дека ќе почне со кампања само откако ќе му заврши работното време како премиер и дека за таа цел можеби ќе земе и некој ден одмор.