1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Нема продолжение на рокот, САД го напуштаат Кабул во вторник

Бернд Ригерт
25 август 2021

САД дефинитивно ќе го напуштат Кабул на крајот на месецов (31.08). Со нив ќе си заминат и европските трупи. Државите од Г7 упатуваат апели до талибанците.

https://p.dw.com/p/3zSGg
Afghanistan Kabul | Flüchtlinge warten vor dem Flughafen
Редици пред аеродромот во Кабул пред два дена: Кој ќе успее да ја напушти земјата?Фотографија: Rahmatullah Alizadah/Xinhua/picture alliance

Државите од Г7 (САД, Канада, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, Германија) и Европската унија во својата декларација по одржаниот виртуелен самит ветуваат дека „и натаму ќе се евакуираат што е можно повеќе луѓе од Авганистан“. Ветувањето, меѓутоа, важи само до вторник, 31 август, зашто САД тогаш ќе го прекинат воздушниот мост. „Не можеме да постигнеме договор за продолжување на рокот“, призна канцеларката Ангела Меркел по самитот на Г7.

Американскиот претседател Џо Бајден, со оглед на растечката опасност во Кабул, смета дека е опасно да ги остави и натаму шесте илјади војници кои го обезбедуваат аеродромот. Негова најважна цел е, како што се вели од Белата куќа, да не се загуби ниту еден војник. Бајден пред само неколку дена рече дека американските трупи ќе останат да работат во Кабул сѐ додека не бидат евакуирани сите американски граѓани од Авганистан.

Портпарол на Пентагон не можеше да каже уште колку Американци се останати во Авганистан. Досега од Кабул се евакуирани околу 60.000 луѓе од САД, Велика Британија, Франција, Германија и други нации.

„Морална обврска“

Претставниците на ЕУ, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, апелираа уште еднаш до САД да не го затвораат воздушниот мост сѐ додека е тој потребен. „Морална обврска“ е да се изнесат од земјата сопствените граѓани, но и Авганистанците кои работеле за Западот, жените, активистките и соработниците на хумантираните организации, велат тие. „Оние на кои им е потребна нашата помош се жените и децата во регионот“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Знаеме кои се овие жени, каде се наоѓаат и на каква опасност се изложени“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека тие не смеат да паднат во рацете на криумчарите на луѓе и криминалните банди.

Повеќе:

Талибанците нема да дозволат продолжување на рокот за евакуација од Кабул

Жанин Вислер во интервју за ДВ: Да се продолжи развојната помош во Авганистан

Групата 7 се заложи за тоа соседните држави Пакистан и Иран да помогнат за сместување на бегалците. Според ЕК, во Авганистан во моментов во бегство се 3,7 милиони луѓе, од кои најголемиот дел се жени. Многу од нив сакаат да избегаат во соседните држави. Канада, САД и Велика Британија им ветија на ОН дека во рамките на програма на преселба ќе прифатат по околу 20.000 бегалци. Вакво ветување од страна на ЕУ сѐ уште нема, информираше Фон дер Лајен. Земјите членки на унијата сега ги усогласуваат ставовите околу тоа.

Австрија веќе соопшти дека не сака да прима бегалци од Авганистан по ниедна цена. Кризата во Авганистан покажува уште еднаш дека ЕУ конечно мора да донесе заеднички пакт за миграција, опомена претседателката на ЕК. Унијата уште од 2015 година не може да се усогласи околу единствена политика за азил, па дури ни за клуч по кој би се распоредувале бегалци во одделните земји членки.

Konflikt in Afghanistan - Taschkent
Ербас на германскиот Бундесвер евакуира луѓе од Кабул во Ташкент - во вторник тоа најверојатно ќе завршиФотографија: picture alliance/dpa/Bundeswehr

Барања до талибанците

Државите од Г7 ги повикаа талибанците да им обезбедат на Авганистанците слободен излез од земјата и по завршувањето на воздушниот мост. Како ќе се изврши притисок за да се исполни ваквото барање, не е јасно. Постои закана со економски санкции. Развојната помош на ЕУ, околу една милијарда евра за наредните седум години, е веќе замрзната.

Но, хуманитарната помош која би требало да стигнува директно до луѓето во нужда продолжува и натаму, најави ЕУ. Помошта во храна би требало да се зголеми од 50 на 200 милиони евра во текот на оваа година, изјави Фон дер Лајен. Досега од хумантирани организации храна добиваа околу 40% од населението во Авганистан. „Сега, се разбира, ќе биде потешко да се продолжи со помагање на лице место, затоа што се има многу малку персонал“, предупреди претставник на ЕУ на доверливи разговори во Брисел. „Нема да успееме ниту да стигнеме до сите.“

Повеќе:

Хаосот на аеродромот во Кабул - симбол на војната во Авганистан

Западот 20 години мижеше пред реалноста во Авганистан

Како натаму?

Групата 7 постигна согласност да признае евентуална влада на исламистичките талибанци само ако таа ги почитува човековите права и не ги крати правата на жените. Во спротивно, земјата ќе биде отсечена од финансиска помош од надворешниот свет. Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо ги предупреди европските партнери да не ги критикуваат САД за завршувањето на воздушниот мост. Трансатлантскиот сојуз не смее да биде нагризан, вели тој. Шефот на „Минхенската безбедносна конференција“ Волфганг Ишингер за ДВ изјави дека е „страшно да се гледа како Западот во оваа ситуација некако се раздвојува. Тоа е добро само за противниците на Западот.“

US-Präsident Joe Biden
Американскиот претседател Бајден останува на рокот за повлекување - 31 августФотографија: imago images

За збор се јави и рускиот претседател Владимир Путин, оценувајќи дека САД оставаат хаос во Авганистан. Со тоа се загрозуваат и соседните држави, а и Русија, затоа што од Авганистан повторно може да произлегува терор. Г7 во врска со тоа има апел до талибанците да не им обезбедуваат засолниште на терористичките групи. Тоа има највисок приоритет, се вели во декларацијата од самитот.

Што ќе се случува наредната недела на аеродромот во Кабул, не е јасно. Канцеларката Меркел изјави дека не се знае дали воопшто ќе има полетувања и слетувања на авиони. Портпарол на Пентагон објасни дека набљудувањето на воздушниот простор во Авганистан го вршат речиси исклучиво американски воени контролори на летање. Се разбира, во вторник и тие ќе си заминат од Кабул. Турција првично планираше да работи на аеродромот со околу 600 војници. По брзото преземање на власта од страна на талибанците, Турција ја повлече ваквата понуда.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија