1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талибанците очекуваат крај на евакуацијата на 31 август

БГ /АФП
24 август 2021

Претставници на талибанците денеска предупредија дека нема да дозволат продолжување на рокот за евакуација на странски и домашни граѓани кој истекува на 31 август. САД под притисок за евакуациите.

https://p.dw.com/p/3zQvz
Afghanistan I Evakuierung von Zivilisten der USA und ihrer Partner aus Kabul
Фотографија: Sgt. Samuel Ruiz/U.S. Marine Corps/AP/picture alliance

Талибанците нема да дозволат продолжување на рокот за евакуација од Кабул, и ги повикуваат западните држави да престанат со изнесувањето на обучени Авганистанци од земјата.

Повеќе европски држави се загрижени дека нема да успеат да ги изнесат своите и авганистанските граѓани од земјата до рокот на 31 август, кој го добија од талибанците. Се очекува тоа да биде главна тема и на состанокот на групата Г-7 најразвиени земји во светот, додека во истовреме расте притисокот врз претседателот на САД, Џо Бајден да издејствува продолжување.

На прес-конференција во Кабул, портпаролот на талибанците Забибула Миџахид рече дека исламистичката група нема да дозволи продолжување на рокот. Тој им порача на жените кои работат во авганистанските владини служби да останат во своите домови додека не се подобри безбедносната состојба во земјата.

САД и нивните сојузници досега извлекоа речиси 60 илјади луѓе од Авганистан, откако талибанците во само една недела ги поразија безбедносните сили и го освоија главниот град Кабул.

Afghanistan | Taliban in Kabul
Талибанци контролираат возило во КабулФотографија: Rahmat Gul/AP Photo/picture alliance

„Дури и доколку евакуацијата продолжи неколку дена по 31 август, нема да бидеме во можност да ги изнесеме сите луѓе кои ние и САД посакуваме“, изјави шефот на германската дипломатија Хајко Мас. Слични ставови доаѓаат и од Франција, Британија и Шпанија.
Талибанците досега формално ја поддржуваа евакуацијата, но предупредуваат дека нема да дозволат продолжување на рокот. Муџахид денеска ги предупреди САД да престанат да ги евакуираат од земјата и „авганистанските експерти“ како инженерите.
„Побаравме да го сопрат тој процес“, рече тој.
Според весникот Вашингтон Пост, шефот на ЦИА Вилијам Брнс во понеделникот остварил тајна средба со ко-основачот на талибанското движење Мула Абдул Гани Барадар во Кабул, но нема детали за што се разговарало.

Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес денеска изјави дека безбедносната ситуација се влошува.
„Талибанците стануваат поагресивни, има пукотници и се поочигледно насилство“, рече таа.
Талибанците тврдат дека нема да владеат како во периодот од 1996 до 2001 година и објавија амнестија за сите владини службеници и припадници на безбедносните сили.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема