Габриел: Македонската влада имаше впечатлив почеток
6 септември 2017„Владата имаше впечатлив почеток преку амбициозни реформски проекти и позитивни чекори кон соседите“, изјави шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел по средбата со македонскиот ресорен колега Никола Димитров во Берлин.
Освен честитките до Димитров и новата македонска влада на премиерот Заев за првите 100 дена на власт, Габриел вели дека сега е клучно реформите да се спроведат.
„Сега е клучно најавените реформи да се спроведат, а реформскиот процес во Македонија да добие моментум. Само на тој начин Македонија ќе го продолжи патот на евро-атлантското приближување. Во истовреме, сакам да апелирам до актуелната опозиција да не го блокира добриот почеток на новата влада и да не одбива конструктивна соработка со владата. Затоа што, сето тоа е за доброто не само на ЕУ перспективата, туку и за граѓаните во земјата, кои се надеваат на напредок и подобрување на нивната животна ситуација“, порачува Габриел.
Тој уште еднаш ја истакна поддршката за евроатлантската перспектива на Македонија, како и на останатите држави од Западниот Балкан. „Тоа го правиме политички, но и практично, со зборови и дела“, вели Габриел, наведувајќи го ткн. Берлински процес како конкретен пример.
Димитров за ДВ по средбата изјави дека е многу задоволен од самиот факт што е примен од Габриел на само неколку недели пред одржувањето на парламентарните избори во Германија.
„Сѐ заедно еден многу охрабрувачки ден за Република Македонија многу е важно и за Германија овој наш напор да успее, тоа ќе биде добро за Балканот и за ЕУ“.
Има расположение да се инвестира, не само во политичка поддршка, туку и економски, вели Димитров.
„Ние во Германија гледаме инспирација. Ова е посета на една од земјите кои ги сметаме за најетаблирани европски демократии“, вели Димитров за ДВ.