Само стравот го чува „лозјето“ од Пржино!
23 јуни 2015Долг список од домашни задачи, фазно спроведување реформи и строги рокови, ќе бидат дел од агендата на идната „организација на владата што треба да ги организира и спроведе предвремените избори во април 2016 година“. Доколку на закажаната средба на 29 јуни македонската лидерска четворка постигне финален договор за излез од кризата, таа влада, чиј мандат и состав допрва ќе се утврди, ќе биде под силен притисок и ЕУ-мониторинг за спроведување на сите обврски преземени со договорот од 2 јуни во Скопје, на кој потпис ставија четворицата лидери - Груевски, Заев, Ахмети и Тачи.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, вчера изјави дека на состанокот во Луксембург шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ имале широка дискусија за случувањата во Македонија. Заклучоците што тие денеска ќе ги усвојат, во четврток и петок ќе се најдат пред шефовите на држави и влади на Самитот на Европскиот совет.
„Министрите за надворешни работи ги поддржаа заклучоците, при што ги охрабривме сите страни во Скопје да го имплементираат политичкиот договор што е постигнат на 2 јуни. Посебно да се работи на имплементација на реформите, предвремените избори и транзицијата, за да може кај сите луѓе во земјата да се врати довербата во институциите“, рече Могерини.
Извештајот на Прибе - правен скандал?
Нештата изгледаат поедноставно кога се хартија, но многу потешко е кога ќе треба да се преточат во практика. Македонија зад себе веќе го има искуството со Извештајот за настаните од 24 декември 2012, усвоен со помош на европско медијаторство, но препораките кои беа содржани во него не беа спроведени во практиката. Уште на денот на усвојувањето, претставници на владејачката партија тој документ го прогласија за „ролна тоалетна хартија“. Сега на мета е и Извештајот подготвен од експертската група на Европската Комисија, предводена од Рајнхард Прибе, кој утврди сериозни недостатоци во пет клучни сфери и даде препораки за нивно надминување. Вчера, во обраќање пред владините поддржувачи стационирани во кампот спроти Собранието, професорката од Правниот факултет, Тања Каракамишева, Извештајот на Прибе го оцени како „правен скандал“, бидејќи сите недостатоци нотирани во него биле утврдени врз основа на објавените прислушувани разговори.
„Какви се тие искусни правници, кои зборуваат за владеење на правото, а кои не знаат дека докази што се стекнати на незаконски начин не можат да бидат ниту докази во казнена постапка, а камоли докази со кои ќе ја обвинувате власта дека направила некои нерегуларности. И уште врз основа на тоа да правите препораки што треба да ги спроведе државата! Па тоа е невиден правен скандал!“, рече Каракамишева.
Протекторатска димензија
Ако се има предвид дека агендата за реформи ќе биде скроена главно врз основа на забелешките и препораките од Ивештајот на Прибе, сосема очекувано е што во јавноста главната дилема е кои и какви се гаранциите дека тоа што ќе го договори лидерската четворка навистина ќе биде спроведено во практика. Марјан Ѓорчев, поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Паневропската унија на Македонија, врз основа на искуството на активен учесник во преговорите за Охридскиот договор, не е голем оптимист по прашањето на гаранциите.
„Во Република Македонија одамна веќе гаранциите не важат! Особено по Охридскиот договор, кога гаранциите на претставниците на САД, Џејмс Пердју и на ЕУ, Франсоа Леотар, за конечна разрешница и соживот меѓу конститутивниот македонски народ и малцинските заедници што живеат на македонскиот мултикултурен, мултиетнички и мултиконфесионален простор, им отстапија место на барањата за колективни права на одделни етнички заедници за посебен третман. А во актуелната криза, која не е само политичка, туку многу подлабока и допира до суштината на македонскиот економски, општествен и политички систем, единствена гаранција за постигнат договор помеѓу македонските политички субјекти, која по дефиниција претпоставува имплементација на договореното, повторно е само привидот дека меѓународната заедница ни гарантира со свои претставници (во експертска смисла) извршување на договорените обврски?! Ако ние самите не сме свесни дека треба да ги почитуваме договорените работи, што е реалност и нужност во едно цивилизирано општество, тогаш ќе треба да ја прифатиме театарската сцена на вештачка и протекторатска димензија на македонската држава под покровителство на ЕУ и САД и нивно директно инволвирање во контролата врз механизмите за управување со државата во делот на стенд бај аранжман: три, четири или пет месеци пред избори да запре да функционира целиот административен механизам на РМ, освен делот на спроведување на постапките согласно со избирачкиот закон кој треба да биде целосна креација и мониторинг на ЕУ и САД, како и апсолутна вклученост на ОБСЕ и други европски контролни механизми на денот на изборите и потврда на изборниот резултат исклучиво од меѓународната заедница“, констатира Ѓорчев.
Избирачкиот список не е причина за поразите
За да постои сигурност дека Груевски нема да ги подметне неговите девијатни политики во реформскот процес, опозицијата инсистира на временска рамка од минимум шест месеци до изборите, во која тој нема да биде дел од Владата. Според аналитичарот Даут Даути, гаранции во апсолутна смисла не може да се обезбедат, но се надева дека и двата блока се свесни оти ситуацијата вака не може да продолжи и дека во секоја друга консолидирана демократија, каде одговорноста пред граѓаните е на високо ниво, таква криза одамна би била минато.
„Пожелно е да се постигне конечен договор меѓу партиите во власта и опозицијата, бидејќи земјата може да западне во политички ќорсокак од кој не се знае каков ќе биде излезот. Остана да се утврди временската рамка за идната влада, кој ќе ја води, и каков ќе биде составот. Предизвиците на таквата влада до изборите се големи, бидејќи и очекувањата на дел од јавноста и особено на опозицијата се големи. Токму поради таквите очекувања и опасноста за нивното неисполнување се големи. Ако партиите барем малку ги стават во преден план интересите на државата, а не политичките кариери, има шанси тоа што ќе договорат и да го исполнат“, вели Даути.
Иако се очекува дека меѓународните претставници кои го вложиле авторитетот во нивното медијаторство да им „дишат во врат“ на домашните лидери при спроведувањето на обврските, според Даути, најважно е договорот да биде јасен и прецизен, за да не остава простор да го толкува кој како сака, што е манир на македонските политичари. Но, тоа не е се‘.
„Од стратегиски аспект, постои една ситуација која е сама по себе проблематична - дали Груевски ќе му го препушти на Заев најжешкиот костен во раката, тој да ја води владата, и со тоа да ја симне одговорноста од себе, по што, за евентуален неуспех лидерот на опозицијата ќе нема кого да обвинува. Лесно е да составиш влада на експерти, но таа може на крај да заврши како владата на Кљусев, сите да му ја ускратат поддршката во моментот кога ќе се види дека партиите не ги постигнуваат своите цели. Сериозен проблем ќе биде и однесувањето на опозицијата на крајот на подготвителниот процес за следните избори, бидејќи покрај сите афери што ги открија ’бомбите’ на Заев, не се знае колку тие навистина го промениле расположението на граѓаните. Средувањето на избирачкиот список, изборната регулатива и некои други технички прашања, не се главната причина за изборните порази со сите нерегуларности што ги имало во нив. Она што преодната влада не може да го направи, е чистка на партиските кадри од администрацијата, кои секако ќе бидат добра стартна гласачка основа за ВМРО-ДПМНЕ, која на таа карта играше и по цена да не биде исполнет рамковниот договор за правична застапеност“, оценува Даути.
Во фактот дека создадениот клиентелизам од масовни димензии е најголемата метастаза, која не може да биде „излечена“ само со прочистување на избирачкиот список, и други аналитичари ја лоцираат најголемата опасност за утврдување на реалната волја на гласачите. Според нив, само со уривањето на клиентелизмот и неговата пирамидална шема може да се создадат услови за вистински промени. Но, таа „операција“ не е предвидена во договорот од 2 јуни.