1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензии пред финалниот договор

Катерина Блажевска22 јуни 2015

Граѓаните се загрижени од жестоката партиска реторика една недела пред финалниот договор за излез од кризата, а дипломати предупредуваат на важноста од конструктивност и доверба во зацртаните цели

https://p.dw.com/p/1Fkai
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Амбиентот кој се создава преку жестока и навредлива партиска реторика во последната клучна седмица пред финалниот договор за излез од македонската полтичка криза, кај граѓаните и дипломатите создава загриженост, но и недоверба во постоењето искрена волја за надминување на разликите меѓу политичките опоненти. По петочната (19.06) лидерска средба, од која до јавноста беше испорачан оптимизам дека кризата е пред скора разрешница, деновите од викендот го нарушија тој впечаток. На саботната прослава на 25-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, пред новоотвореното партиско седиште, кое премиерот и лидер на партијата Никола Груевски го нарече „храм“ и „тврдина“ на „најсилната, најмоќната и најбројната партија во Македонија, со 170 илјади членови и речиси половина милион поддржувачи“, тој рече дека со прифаќањето на договорот од 2 јуни СДСМ влегол во стапица.

„Во последните 5-6 месеци ВМРО-ДПМНЕ го пребродува најголемиот удар зададен досега, на крајно кукавички начин. Во неможност да биде победена во нормална политичка битка, во натпревар на идеи, со работа, резултати, реформи и дела, противникот соработувајќи со мрачни сили, се обиде на најбрутален и најнедемократски обид да ја урне партијата, нанесувајќи огромна штета на државата и нејзините граѓани. Но наместо тоа, тие ќе се урнат себеси. Сакајќи нам да ни направат штета и стапица, влегоа во валкана игра, со која самите влегоа во стапица, во предвремени парламентарни избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ оди во нова победа... Тие избори ќе бидат референдум, затоа што со таа победа ќе се порази идејата дека некој без работа, со интриги, со плаќање пари некому за нелегално да снима разговори кои подоцна ќе се креираат, сечат, лепат и ставаат во погрешен контекст, ќе се победело на избори. Народот нема да го дозволи тоа“, рече Груевски.

Во неговиот говор опозиционерите ги нарече „домашни петоколонаши“ и им порача дека има народ кој ќе се спротистави на нивните игри, шпионски методи и антидржавни делувања.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Груевски ги нарече опозиционерите „домашни петоколонаши“Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Потоа се осврна на истражување на јавното мислење кое го направила релевантна агенција.

„Го читав и си викав, како по следните избори СДСМ ќе се оправдува, што ли ќе смислат тогаш? Ќе најдат ли сили да признаат еднаш пораз, да пружат рака и да ја остават Македонија да чекори напред, а тие да делуваат како опозиција во секоја нормална држава? Ќе мораат. Ќе немаат избор по април 2016 година“, рече Груевски.

Непопустливи позиции

Говорот на Груевски испровоцира брз одговор од политичкиот опонент.

„Се лаже Груевски ако мисли дека СДСМ ќе дозволи тој да предводи влада која ќе спроведе какви било избори, вклучително и оние за кои што се зборува во договорот од 2 јуни, а кои се договорени за април 2016 година“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Politik Skopje, Mazedonien
СДСМ: Се лаже Груевски ако мисли дека ќе дозволиме тој да предводи влада која ќе спроведе какви било избориФотографија: Petr Stojanovski

Ваквите меѓупартиски пресметки, на површина повторно ги изнесоа сомнежите за неподготвеност на партиите за какви било отстапки околу временската рамка на „организацијата на владата што ќе ги организира и спроведе предвремените парламентарни избори во април 2016“. Груевски инсистира на редовно намалување на неговите надлежности – само 3 месеци пред изборите, а СДСМ бара негово целосно повлекување најмалку 6 месеци пред изборите и итно формирање преодна концентрациска влада.

Вербалните стрели разменети меѓу власта и опозицијата, само една недела пред одржувањето на финалните лидерски разговори закажани за 29 јуни, предизвикаа голема загриженост и кај дипломатите во Скопје.

„По лидерската средба во петокот, на која беше реафирмиран договорот од 2 јуни и потврдена согласноста и обврската за негово спроведување, уследија одредени изјави кои ја доведуваат во прашање довербата во зацртаните цели, доверба, без која процесот е невозможен. Политичките субјекти треба да бидат свесни дека е најважно конструктивните ставови искажани на лидерските средби да важат и во јавниот дискурс, а не да бидат заменети со некои други, кои не одат во насока на намалување на тензиите и разликите“, велат дипломатски избори.

Според нив, треба да биде јасно дека волјата за конструктивен придонес не треба да се декларира само на лидерските средби, туку да доминира во континуитет, бидејќи само на тој начин се создава амбиент на плодна политичка култура и разбирање на потребите и интересите на земјата. Не е исклучено за ваквите „испади“ кои им штетат разговорите, субјектите да бидат „интерно“ опоменати од олеснувачите во преговорите, а доколку таквиот тон продолжи, можно е критиките до нив да бидат и јавно адресирани.

На маса“ во Луксембург

Разочараноста од ваквата реторика во „пет до 12“ од терминот за клучниот договор, може да биде нотирана и на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската унија, кој ќе се одржи во Луксембург, а на кој главна тема ќе биде ситуацијата во земјата. Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ, за политичката криза во Македонија ќе разговараат со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Заклучоците што ќе ги донесе Советот на ЕУ ќе бидат усвоени од шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите на Самитот на Европскиот совет.

„Во април годинава, Советот изрази сериозна загриженост во врска со влошувањето на ситуацијата во земјата, особено во областа на владеењето на правото, основните права и слободата на медиумите. Тој ги повика сите страни да преземат одговорност и итни мерки насочени кон обезбедување одржливо решение“, се вели во најавата за состанокот за Македонија.

Во меѓувреме, белгискиот експерт, Петер Ванхоуте, кој беше посредник и при договорот за настаните од 24 декември 2012 година, на домашен терен ќе одржи средби со партиските раководства во обид да се надминат и испеглаат разликите до средбата на 29 јуни. Според Договорот од 2 јуни, до крајот на јули ќе треба да се прегледа и модифицира составот на Државната изборна комисија, а до крајот на септември да и‘ се дадат зголемени овластувања за да обезбеди слободни и фер избори, како и исто ниво на игра за сите партии.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема