1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги враќа граничните контроли кон Чешка и Австрија

БГ/ ДПА
11 февруари 2021

Германската влада вечерва одлучи привремено да ги врати граничните контроли на својата југоисточна граница кон Чешка и делови од Австрија, прогласувајќи ги соседните држави за „мутациски региони“.

https://p.dw.com/p/3pEpa
Coronavirus -Kontrolle an der Grenze zu Frankreich
Фотографија: picture-alliance/E. Cegarra

Од недела на полноќ граѓаните на Чешка и од делови на Австрија во Германија ќе можат да влегуваат само со негативен ПЦР тест за коронавирус.

„Покраините Баварија и Саксонија побараа од владата да ги прогласи Тирол (во Австрија, н.з.) и пограничниот регион на Чешка за региони со вирусна мутација, и да се воведат гранични контроли“, соопшти министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер.
Германија и досега имаше строги ограничувања за влез во земјата на патници од ткн. тешко погодени региони од пандемијата. Дозволен е влез само на германски државјани или лица со право на престој и на неопходни професии како лекари.

Во последниве денови, бројот на новозаразени од коронавирусот се намалува, но во владата постои голем страв од новите мутации на вирусот. Загриженоста е особена голема од јужноафриканската мутација која е присутна во Тирол и од британската варијанта која драматично се шири во Чешка.

Во средата, владата и покраините се договорија да го продолжат локдаунот во Германија до 7 март. Стапката на новозаразени на 100.000 жители на неделно ниво, во меѓувреме падна на 64 лица, но владата сака да ја спушти до 35 пред повторно да дозволи олеснувања во јавниот живот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема