Германија очајнички бара работници
27 јули 2022Можеше да биде една убава вечер. „Имам слободна маса за вас“ вели на телефон сопственикот на еден ресторан „но, за жал немам кој да Ви зготви нешто.“ Она што на прв поглед звучи како шега е всушност горка вистина. Низ цела Германија недостасуваат готвачи, помошници во кујна и келнери. Но, не страда само гастрономијата од недостаток на работна сила.
Се откажуваат возови поради тоа што нема машиновозачи. На аеродромите се трупаат куфери бидејќи нема персонал што ќе ги истовари. На аеродромските безбедносни контроли расте гневот на патниците кои поради тоа што со часови чекаат да поминат контрола испуштаат летови. Градинките не примаат деца бидејќи нема доволно воспитувачки.
Тесни грла во 148 бранши
Истражувањето на Германската трговска и индустриска комора, која ги застапува интересите на неколку милиони компании од индустријата, трговијата и услужните дејности, покажува дека 56% од нив се жалат на недостаток на работници и ова го опишуваат како еден од најголемите деловни ризици.
Агенцијата за вработување наведува дека во моментов има тесни грла кај 148 бранши, а се набљудуваат уште 122 бранши. На пример, на еден старечки дом во просек му требаат до осум месеци да најде негувателка, а на градежните фирми им требаат околу шест месеци за да најдат работници за нискоградба. Во цела Германија има огласено над 1,7 милиони слободни работни места.
Не недостасуваат само квалификувани работници
„Пред пет до десет години објавувавме огласи за да ги продаваме нашите услуги. Сега објавуваме огласи преку сите медиуми во потрага по работници,“ вели Маркус Винтер, директор на компанијата ИДС од Баден Виртемберг, која пружа индустриски услуги. Оваа компанија има 750 вработени и бара персонал за повеќе од 20 професии, од бравари до молери, возачи на вилушкари па се до возачи за испорака на пијалоци.
„Повеќе немаме проблем само со недостаток на работна сила, туку имаме генерален недостаток на работници,“ заклучува Винтер. Не може да се пополнат ниту работните места за кои не се потребни квалификации и тоа во области „кои се системски релевантни за индустријата и без кои таа не може да функционира“, додава Винтер.
„Бејбибумерите“ наскоро во пензија
Недостатокот на работна сила воопшто не е изненадување. „Сега сме во релативно драматична ситуација која всушност ја предвидувавме подолго време,“ вели Херберт Брикер, професор на Институтот за пазарот на труд и анализа од Нирнберг. Демографската промена е веќе видлива. Германија годишно губи околу 350.000 работоспособни луѓе. „Бејбибумерите“ наскоро ќе заминат во пензија. Експертите како Брикер проценуваат дека до 2035 година на пазарот на труд ќе има околу седум милиони луѓе помалку на располагање.
Ова не е мала, туку огромна дупка која не може да се пополни со домашни работници, ниту со имиграција од други ЕУ земји. Според експертот Брикер, бројот на доселеници од ЕУ континуирано опаѓа.
„Платите растат и во други ЕУ земји, а и самите се погодени од демографски промени“, вели тој. Потенцијалот на младите луѓе во рамки на ЕУ кои се подготвени да емигрираат е исцрпен. „Забавата во принцип заврши, да кажам вака поедноставено“, вели експертот.
Законот за доселување на стручна работна сила разочара
За да се пополнат актуелните дупки на пазарот на трудот, би требало годишно да доаѓаат и да останат во Германија околу 400 илјади доселеници. Лица од т.н.трети држави надвор од ЕУ. Од 2012 академските стручни сили може преку т.н. сина карта да дојдат во Германија. Во 2020 на сила е и Законот за доселување на стручна работна сила во кој се вклучени и неакадемски професии. Но, законот не ги донесе посакуваните ефекти и не само затоа што мали и средни претпријатија и натаму имаат проблеми да вработат странци. Во 2020 дошле 30.000 лица како стручна сила во земјата, но 20.000 други ја напуштиле. Истражувачот на пазарот на трудот, Брикер, зборува за „разочарување”.
Сојузната влада сака да го реформира законот и во септември да ги поднесе првите темели за реформата. Во тоа е вклучено и отворање на пазарот за работници кои имаат договор за работа, но не и призната диплома во земјата. Тоа го најавија министерката за внатрешни работи Ненси Фезер и министерот за труд, Хубертус Хајл. Признавање на дипломата би можело да се направи и подоцна со помош на германскиот работодавач.
Обука на работното место
Со таков предлог министрите наидуваат на отворени врати кај бизнисите. Законот сѐ уште бара ист ранг на квалификациите со германските. „Државата актуелно уште прави проверка дали некој за нас како компанија е соодветен", критикува Винтер и посочува дека „државата не може тоа да го прави”.
Винтер веќе сега забележува кај неговите клиенти во индустријата дека ги пополнуваат местата и со неквалификувана работна сила. „Проценувам дека околу 20% не се стручна сила, туку приучени." Дури и во производството на машини е можно со дошколување или преку внатрешно-компаниски обуки да се подготви „многу квалификувана или многу специфична” работна сила.
„Речиси сите земји во светот имаат различни системи за едукација од овдешниот", велат од Германската индустриска и трговска комора. Здружението се надева дека со реформата на Правото за доселување ќе се олесни и неговата реализација. „Тоа почнува со процесот за добивање виза, во кој документи се праќаат ширум светот и завршува кај службениците кои не секогаш транспарентно и кохерентно ги спроведуваат комплицираните закони."
Работодавачите под лупа
Адвокатката Бетинс Офер знае што тоа значи во пракса, бидејќи таа правно советува компании кои сакаат да привлечат странска работна сила. Дури и со договор за работа е тешко да се добие термин во некоја германска амбасада за да се побара виза, а постапката може да трае и со месеци. „Постојано се соочувам со институции кои генерално го сомничат работодавецот дека сака да прокриумчари странци наместо да разберат дека тие само бараат работна сила."
Офер вели дека има „длабоко вкоренет отпор” во германските сектори за странци. „Постојано се соочувам со проблемот присилено да се борам со таквиот ментален став што потекнува уште од - ќе го речам - одбивниот став спрема азилот. Властите сметаат дека секој странец што ќе остане надвор од земјата е добар странец, а тоа едноставно не е точно. Потребна ни е промена на парадигмите. Секоја работна сила која ни доаѓа е придобивка за нашата земја", смета адвокатката.
Можности за работа за бегалците
Бизнисменот Маркус Винтер се надева дека ќе се промени нешто и во Законот за азил. Пречките за бегалци кои сакаат да работат се според него превисоки. Винтер од 2016 има вработено и менторирано околу 300 бегалци. „Можам од лично искуство да кажам дека тоа не е едноставно и дека две третини од луѓето во првиот круг и не стасаа кај нас."
Но, и покрај сите проблеми со јазикот и интеграцијата на новите соработници, меѓу азилантите има голем потенцијал. „Политички можем да разберам дека се нема волја преку Законот за азил да се спроведува скриена политика за доселување. Но, и тука мора уште да се менуваат некои работи."