1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот буџет преполн

ЕМФ/афп/дпа/ртр24 август 2016

Благодарение на добрата конјунктура, германската држава во првата половина од годинава остварила буџетски суфицит од дури 18,5 милијарди евра. Тоа е досега најголем суфицит од обединувањето на земјата.

https://p.dw.com/p/1Jo7X
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bundesbank

Стабилната конјунктура, добрата состојба на пазарот на работна сила, намалените трошоци за камати - сето тоа на германската држава ѝ помага трета година по ред да остварува буџетски суфицит. Сојузот, покраините и општините, како и социјалните осигурувања, во првите шест месеци од оваа година остварија историски највисок суфицит од обединувањето на земјата - цели 18,7 милијарди евра! Тоа се 1,2 проценти од брутодомашниот производ.

Според оценката на Сојузниот завод за статистика, буџетот „профитира од поволниот развој на пазарот за работа и добриот економски развој“. Брутодомашниот производ во вториот квартал од 2016-та се зголемил за 0,4%, благодарение пред сѐ на потрошувачката и извозот. На почетокот на годинава имаше зголемување од 0,7%. Бундесбанката смета дека независно од несигурноста предизвикана од референдумот во Велика Британија за излегување од ЕУ, и во летниот квартал може да се смета до значителен пораст на БДП.

Економистите ѝ препорачуваат на државата да инвестира повеќе. „Значителниот суфицит во државниот буџет остава простор за зголемување на инвестициите на државата, на пример“, вели главниот економ во Нордеа Банк, Холгер Санте.

Речиси половина од остварениот суфицит отпаѓа на Сојузот: тој во првите 6 месеци од годинава остварил плус од 9,7 милијарди евра. Покраините имаат суфицит од 0,4 милијарди евра, додека општините бележат суфциит од 2,5 милијарди евра. Социјалните осигурувања оствариле суфицит од 5,9 милијарди евра.

Приходите на државата во првата половина од годината се зголемиле за 27,9 милијарди евра, односно 4,2 проценти. Даноците, како најважен извор на приходи, притоа се зголемиле натпросечно, особено даноците на доход и на имот. Приходите од социјалните придонеси се зголемиле за 4,2%. Наспроти тоа, се намалиле приходите од каматите.

Издатоците на државата бележат исто така зголемување, и тоа за 23,5 милијарди евра, односно 3,6%. Големо зголемување на издатоците се бележи во делот на издатоци за баратели на азил и лица на кои им е неопходна заштита.