1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските Зелени во средба со историјата

23 април 2021

Зелените се силни поддржувачи на напредокот во европската интеграција на Западниот Балкан и се залагаат за почеток на пристапните преговори со Албанија и Македонија. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3sS5S
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Голем дел од маглата која беше спуштена врз германската политика успеа оваа недела да се расчисти. Аналена Баербок е кандидат за канцелар кој „Зелените“ го испраќаат во изборната трка за сојузните парламентарни избори на 26 септември. За разлика од жестоката борба за канцеларски кандидат во ЦДУ/ЦСУ, во Партијата на зелените во Германија без многу врева е постигнат договор кој ќе ја предводи во изборите за Бундестагот. Партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, по борбата со лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, постигнаа согласност премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет, да биде кандидатот кој влегува во борба за наследник на Меркел.

Награда во анкетите

Како светот да се превртел. Додека Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел со недели се истроши во една од најголемите внатрепартиски поделби околу изборот на идниот кандидат, Зелените маршираат компактни како фаланга кон освојување на Канцлерамтот. За разлика од ЦДУ и ЦСУ, кај Зелените немаше поголеми јавни дискусии околу изборот на канцеларски кандидат, двајцата копретседатели одлуката ја донесоа мирно, во меѓусебна согласност, нешто што е невообичаено за некогаш најнервозната, идеолошки поделена и шизматична партија.

Делува дека таа новопронајдена кохезија кај Зелените е наградена според најновите анкети. Најновото истражување на агенцијата Форса покажува дека ЦДУ/ЦСУ би можела да ги загуби престојните избори и за прв пат, власта во Германија да ја преземе партијата на Зелените. Резултатите покажуваа дека поддршката за Зелените изнесува 28 проценти и имаат комотна предност со оглед дека поддршката за ЦДУ/ЦСУ е падната за 6 отсто и изнесува 21 процент.

Интересен е феноменот на партијата „Grünen“, нејзината институционална еволуција, како и политичката и општествена еволуција на Германија низ призмата на амбиентализмот и поврзаноста со природата. Германскиот зелен „Weltanschauung“, односно еколошки поглед на светот, не се залага само за генерично зачувување на природата, туку и за нужната легитимација на политичката понуда преку посветеност кон заштитата на природата. Двете нешта според Зелените се заемно поврзани. Овој поглед оригинално се развива во романтицизмот од 18-ти век за потоа да биде инструментализиран од националсоцијализмот.

Одново откривање на природата

Односот помеѓу човекот и природата отсекогаш бил важен во развојот на модерната германска култура. Наспроти механистичката, позитивистичка и егалитарна визија на Илуминизмот, германскиот романтицизам ги концепира природата и општеството како еден единствен организам составен од луѓе и народи, каде секој е уникатен и неповторлив. Во политичка смисла германското одново откривање на природата се јавува како антитеза на егалитаризмот и индивидуализмот на Француската револуција и на Наполеон како нејзин продолжувач, и нејзината кауза не е само национална, него и универзална. Огромно влијание врз ова движење ќе има Александар фон Хумболт и неговиот концепт „Naturdenkmal“ или „Споменик на природата “ кој повикува на конзервација на уметничкото и природното наследство, особено нагласувајќи ги шумите.

-претходни колумни од авторот: Нова Железна завеса помеѓу САД и Русија

Шумата за Германците е метафора за еден антички и органски поредок во рамки на кој природните закони опстојуваат наспроти резоните на Илуминизмот. „Влезот во шумата“ станува спиритуален императив за младите Германци и идеалистички цемент за новата национална унитарност на Вториот Рајх од 1871 година. На тој начин во Европа се раѓа еден геополитички субјект од романтичарско-универзалистичка инспирација, оттука, потенцијално мошне агресивен. Германската нација се смета себеси за уникатна и неповторлива, ја негира еднаквоста со останатите држави и ги идентификува интересите на својот народ со интересите на целото човештво. Тоа брзо ќе се претвори во империјалистички и хипернационалистички нагон.

Расистичките теории од дваесеттите години на минатиот век ќе го инструментализираат романтичарскиот концепт за уникатноста и неповторливоста на секој народ со цел да постават една природна хиерархија помеѓу расите. Историјата ќе биде сфатена како вечна борба меѓу народите, чии посебности зависат од генетските разлики. Силната врска помеѓу германската култура и природата ќе биде издигната до извор на природно право со цел да се детерминира супериорноста на германската раса над сите останати. Оттука, зачувувањето на супериорноста на германската раса ќе значи и сочувување на природниот и органски поредок, така создавајќи го митот на „Blut und Boden“ - „Крв и почва“.

Воената, моралната и културната капитулација на Третиот рајх, ќе придонесе во германскиот јавен дискурс да се наметне негативната асоцијација помеѓу зачувувањето на природата и националсоцијализмот. Конзервативната утопија, идејата за татковината поврзана со природата престануваат да бидат валидни инструменти за критика на модерното општество.

Коренот на Зелените

На крајот на 60-тите германските младински протестни движења нема да имаат никаква спојна точка со амбиентализмот и еколошката свест. За разлика од американското движење врз кое ќе влијае мислата на Херберт Маркузе, во Германија сеќавањето на митот за крвтта и почвата се уште ќе биде пресилно, особено за новите генерации растени во духот на еднаквоста и демократијата. Оттука протестот на германската младина ќе се претвори во драстичен судир и отклонување од претходните генерации кои според критичката теорија на Франкфуртската школа се одговорни за нацизмот.

-претходни колумни од авторот: Ердоган – диктатор од кој Западот има потреба

Екологизмот се враќа на голема врата кон средината на 70-тите и тоа надвор од студентските движења, како реакција на нафтената криза и порастот на индустриското загадување кое особено ќе ги погоди шумите. Главна мета на амбиенталистите станува атомската енергија. Антиавторитарниот сензибилизам и отпорот кон минатите генерации во духот на ’68-та ќе се спојат со апокалиптичката визија дека напредокот го постигнал својот лимит и дека еколошката пропаст станува неминовна. На тој начин ќе се развие една силна врска помеѓу амбиентализмот и франкфуртската критичка теорија и од тој контекст ќе произлезат голем дел од идните лидери на Зелените.

Преку антинуклеарните протести ќе се појават првите локални и регионални изборни листи на екологистите. Станува збор за хетерогени и идеолошки многу различни групи составени од социјалисти и антикапиталисти, па дури и националисти и неутралисти, како и конзервативци. Во 1979 година некои од преставниците на овие групи ќе се обединат со цел да се кандидираат за европските избори, а една година подоцна од нив ќе се изроди и Зелената партија – прва која на федерално ниво ќе се застапува за амбиентализмот и еколошката свест.

Неколку децении Зелените ќе опстојуваат како поделена и шизматична партија помеѓу „Realos” и „Fundis”, односно, помеѓу прагматичните и идеолошки настроените струи. Реалистите кои како струја ќе се формираат во 1981 година од страна на лидерите на студентските протести како Јошка Фишер и Даниел Кон-Бендит ќе се залагаат за институционално дејствување и промени одвнатре, наспроти фундаменталистите кои оптираат за антисистемско дејствување изразувајќи антикапиталистички и револуционерни позиции.

Во 1998 Зелените по прв пат влегуваат како дел од владина коалиција заедно со социјалдемократите на Шредер. Коалиција ќе биде потврдена и во 2002 година, кога Зелените ќе го лансираат и својот програмски манифест во духот на реализмот, конечно отфрлајќи го антикапитализмот од марксистички ков, прегрнувајќи ја социјалната пазарна економија, застапувајќи јасни ставови во поглед на човековите права, ЛГБТ, родова еднаквост и изрзувајќи силна поддршка за либералната демократија и ЕУ. И покрај опозициското дејствување во ерата на Меркел, Зелените се кристализираат како институционална партија учествувајќи во преку 20 општински Влади.

-претходни колумни од авторотЕвропската криза со вакцините ги разболе Германија и Франција

Афирмацијата на Зелените е последица пред се на печатот кој Ангела Меркел го даде на германската политика. Последните 15 години може да се дефинираат како процес на социјалдемократизација на германската политика поради прогресивното позиционирање на ЦДУ/ЦСУ кон централната левица. Поради тоа ќе настане и ерозијата на консензус кон СПД додека кај десницата ќе го предизвика подемот на АФД. Силната поларизација на германското општество и политика помеѓу прогресивните сили и идентитескиот конзервативизам на популистите, всушност отиде во корист на Зелените, кои се наметнаа не само како еколошка партија, туку и како прогресивна и антипопулистичка сила.

Климата во фокусот

Денес Зелените инкарнираат еколошки сензибилитет заедно со прогресивни, универзални и пост-национални политики. Во нивната изборна програма кога говорат за вредности никогаш не се споменува Германија и германскиот народ. Антигенерациската линија е се уште мошне силна каде се споменуваат „вината и сивилото на нашата историја“ и „ одговорноста за глобална правдина“. Главна цел на Зелените е почитување на климатскиот договор од Париз, реструктурирање на германската индустрија преку откажување од јаглен, нуклеарна енергија и фосилни горива во корист на обновливи извори.

ЕУ ја сметаат за одговор на двете Светски војни и Холокаустот и веруваат во зајакнување на интегративните процеси преку комунитарен Устав која ЕУ би ја направило вистинска континентална федерална република. Заедничкиот пазар треба да се зајакне преку фискална и социјална Унија во интерес и на еколошките потреби. Атлантската соработка и односи треба да се зајакнат, како и соработката со Русија и Кина во однос на хуманитарните кризи. Зелените се залагаат и за европска одбрана во заедништво со НАТО.

-претходни колумни од автороБајден ја турка ЕУ во Втора студена војнат: 

Според Зелените, европската одговорност произлегува од злосторствата на нејзиното колонијално минато, вина која мора да биде препознаена и адресирана. За таа цел, меѓународната соработка треба да е пост-колонијална, антирасистичка и феминистичка, односно, да гарантира еднаков родов третман и вклученост. За Зелените отвореното општество е фактички пацифистичко општество. За нив не постои „Leitkultur“, односно, збир на вредности кои го детерминираат германскиот национален идентитет, него само соживот помеѓу различни општествени компоненти без разлики од типот на потекло, религија, цензус или сексуална ориентација. Воедно, бараат европска гранична контрола и заедничка европска политика за заштита на мигрантите.

Зелените се силни поддржувачи на напредокот во европската интеграција на Западниот Балкан и се залагаат за почеток на пристапните преговори со Албанија и Македонија. Доколку победат или макар бидат дел од идната владејачка коалиција во Германија, мошне веројатно е дека Македонија ќе добие уште поголема поддршка во своите евроинтегративни процеси.

Германија е на добар пат да добие нова канцеларка или во најмала рака моќен Министер за надворешни во ликот на Аналена Баербок. Се зборува дека и Меркел во заминување гаи силни симпатии за оваа жена која инкарнира типични карактеристики на актуелната канцеларка: резилиентност, брза и тактичка мисла и челична волја. Зелените имаат средба со историјата.