1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското богатство на семејството Назарбаев

Еуген Тајзе
12 февруари 2022

Семејството на поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев со години инвестирало во луксузни недвижности во Германија, покажува истражување на ДВ.

https://p.dw.com/p/46tC0
Schlosshotel Bühlerhöhe
Замокот-хотел Билерхее во близина на Баден-Баден му припаѓа на семејството на поранешниот казахстански претседател НазарбаевФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Фрески, величествени светла и штук, тавани обложени со скапоцено дрво - внатрешноста на дворецот Зелах е импресивна. Малкутемина упатени кои смееле да го видат имотот одвнатре, зборуваат за исклучително престижен објект, изграден во Баден-Баден од новопечените богаташи од Истокот. Богатиот со традиција град-лекувалиште, со историски референци на Руското Царство, со децении е место на копнеж за мултимилионерите од постсоветскиот регион.

Во 19 век, замокот Зелах бил летна резиденција на тајниот советник Михаил Хрептович, кој бил почитуван руски дипломат. Импозантниот објект со децении стоел празен и се распаѓал сè додека, според локалниот печат, не бил купен и детално реновиран од „казахстански инвеститори“. Сопствениците на дворецот од Казахстан речиси десет години го дизајнирале имотот по свој вкус: до историскиот дворец се изградени неколку големи станбени објекти и простран парк со фонтана, како и делумно подземен велнес-храм со големина од 1000 метри квадратни. Стаклената купола над 25-метарскиот базен е невозможно да не се види на сателитски снимки.

Четири објекти, 100 милиони евра

Во изградбата на дворецот Зелах, кој беше завршен пред околу две години, се инвестгирани најмалку 60 милиони евра. Како што документира германскиот трговски регистар, темелниот капитал на Seeach Invest GmbH, кој поседува и управува со имотот, е сукцесивно зголемен за тој износ. „Се работи за крупен залак, не за ситници“, вели соговорник од Баден-Баден, кој ја надгледувал изградбата пред неколку години. Напредокот во изградбата е детално документиран со бројни фотографии кои им биле испраќани на сопствениците во Казахстан. „Еднаш беа незадоволни од фреската. Сѐ мораше да се преуреди откако веќе беа уплатени 150.000 евра“, вели инсајдерот, кој сака да остаен анонимен.

Покрај дворецот Зелах, според истражувањето на ДВ, казахстанските инвеститори поседуваат уште три имоти во регионот, вклучително и извонредни архитектонски споменици: поранешната вила на архитектот Густав Штрох, изградена на почетокот на 20. век, како и замокот-хотел Билерхее. За тоа се платени вкупно над 100 милиони евра, покажуваат документите на компанијата од трговскиот регистар.

Schloss Seelach in Baden-Baden Lichtenau
Замокот Зелах пред реновирањето (2.09.2004)Фотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Анонимно семејство од Казахстан

„Сето тоа е во сопственост на едно семејство. Мислам на семејството, ако знаете што мислам“. Поранешниот вработен од Казахстан зборува само со навестувања. Станува тивок, како да се плаши да не чуе некој: „Сето тоа е направено за еден претседател“.

Акционер на компанијата Seeach Invest GmbH е Verus Praedium International од Казахстан, кој пак ѝ припаѓа на друга казахстанска фирма - Kipros. Јасност дава поглед во Регистарот за транспарентност, кој беше формиран во Германија пред неколку години како дел од борбата против перењето пари во ЕУ. Вистинскиот сопственик кој стои зад оваа мрежа на компании е Тимур Кулибаев. Тој е зет на поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев и е оженет со Динара, средната ќерка на долгогодишниот шеф на државата.

Villa Stroh in Baden-Baden Lichtenau
Вилата Штрох во Лихтенау, Баден-Баден (2.09.2004)Фотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Уште една историска куќа

Според Регистарот за транспарентност, Тимур и Динара Кулибаев се вистински сопственици на уште една германска компанија - Bühlerhöhe Castle Invest GmbH, чиј акционер е казахстанската компанија за недвижности Mercury Properties. Оваа компанија поседува два хотела во Бил, во близина на Баден-Баден. Еден од хотелите - Schlosshotel Bühlerhöhe - е културен споменик од национално значење. Канцеларот Конрад Аденауер своевремено беше еден од редовните гости.

На крајот на 2013 година, историскиот замок-хотел доаѓа во казахстанска сопственост - како последен имот во нивната мала империја со недвижности во Германија. Но, долго време во документите не се споменуваше семејството Назарбаев. Казахстанскиот претприемач од бизнисот со нафта во земјата, Јаков Цкај, беше акционер во компаниите кои стојат зад хотелите и замоците. Во низа бизниси, вклучително и браншата со недвижности, тој, според податоци на казахстанското Министерство за финансии, е јуниор партнер на ќерката на Назарбаев, Динара и нејзиниот сопруг Тимур Кулибаев.

Deutschland Baden-Baden | Schloss Seelach | Google Earth
Дворецот Зелах во Баден-Баден (сателитска снимка)Фотографија: Google Earth

Тајкунот со нафта префрла на претседателското семејство

71-годишниот Цкај веројатно е совршена личност за дискретни инвестиции: на интернет нема дури ни негова фотографија. Преку казахстанскиот холдинг на Цкај, Dostar-Invest и нафтената компанија Dostar Oil Service, во Баден-Баден со години се влеваат милиони, сѐ додека основниот капитал на компаниите за недвижности на Цкај во Германија не пораснал на повеќе од 100 милиони евра. Тоа е видливо од трговскиот регистар, каде се пријавува секое зголемување на основниот капитал.

Во 2020 година, кога се завршени градежните работи на луксузниот имот Зелах, Цкај ги префрла своите акции во Schloss Seelach Invest GmbH на казахстанската компанија Verus Praedium International наТимур Кулибаев. Слично, една година претходно, тој префрла 90% од уделот во Bühlerhöhe Castle Invest GmbH - сопственик на замокот-хотел во Бил - на казахстанската Mercury Properties, фирма која според германскиот Регистар за транспарентност е во сопственост на Динара и Тимур Кулибаев. Акционерите на казахстанската компанија за недвижности не одговорија на прашањето на ДВ за околностите на овој трансфер. Според веб-страницата на Mercury Properties, германските хотели не се дел од официјалното портфолио на недвижности на компанијата. 

Kasachstan |Archivbild |  Timur Kulibayev
Тимур Кулибаев, зет на Нурсултан НазарбаевФотографија: Shamil Zhumatov/REUTERS

„Нема нафтен бизнис во Казахстан без Кулибаев“

Санџар Бокаев, популарен казахстански истражувачки блогер и политички коментатор, верува дека Јаков Цкај е човек кој само врши работа за други и зборува за високи корупциски ризици во односите меѓу влијателните казахстански бизнисмени и семејството на поранешниот претседател. „Членовите на семејството на Назарбаев и луѓето блиски до нив приватизираа сè во секторот за нафта и гас, но исто така и во делот на други суровини и на металургијата. Секој во Казахстан знае дека е невозможно да се влезе во нафтениот бизнис без согласност на Тимур Кулибаев", вели Боакев за ДВ.

Тимур Кулибаев е претседател на индустриското здружение Kazenergy, а до средината на јануари беше претседател на Националната трговска и индустриска комора Атамекен, која, во согласност со законот, има големо влијание - не само во бизнисот, туку и во политиката. Динара и Тимур Кулибаев се најбогата брачна двојка во Казахстан. Форбс го проценува богатството на ќерката и зетот на поранешниот претседател на речиси шест милијарди долари. Нивниот подем започна кога Нурсултан Назарбаев стана претседател на Казахстан во 1991 година. Назарбаев владееше со земјата како единствен владетел до 2019 година, кога делумно му ја предаде власта на неговиот близок соработник Касим-Жомарт Токаев.

Kasachstan Präsident Nursultan Nasarbajew
Нурсултан Назарбаев владееше со Казахстан како единствен владетел до 2019 годинаФотографија: Reuters/S. Zhumatov

Недвижностите на Запад како општествен експлозив

За многу Казахстанци, луксузот на семејството Назарбаев е симбол на социјалната нееднаквост во земјата, вели политикологот Досим Сатпаев. Јазот помеѓу богатите и сиромашните беше еден од причините занемирите во Казахстан во јануари, на кои владата успеа да им стави крај само со брутална употреба на сила. Стотици луѓе ги загубија животите. „Додека елитата тесно поврзана со Назарбаев стануваше сѐ побогата, сиромаштијата никако не се намалуваше“, вели Сатпаев во интервју за ДВ. Нееднаквоста е особено впечатлива во енергетскиот сектор на земјата која има големи резерви на нафта. Производството на нафта е главно контролирано од владејачките елити, додека работниците редовно штрајкуваат поради ниските плати, вели Сатпаев.

По немирите, кои беа насочени и против претседателот во сенка Назарбаев, поранешниот претседател поднесе оставка на чело на Советот за национална безбедност. Неговиот зет Кулибаев поднесе оставка како претседател на моќното здружение Атамекен. Претседателот Токаев вети дека ќе им стави крај на олигарсите во земјата.

- повеќе: Нестабилен Казахстан е голем ризик за енергетските пазари

Опозицијата бара санкции

Казахстанските опозициски политичари, од кои дел живеат во Европа поради страв од репресија, со години бараат да се блокираат сметките и имотот на семејството Назарбаев на Запад. „Бараме санкции против членовите на семејството на Назарбаев и неговите најблиски соработници поради кршење на човековите права и корупција. Нивниот имот мора да биде замрзнат“, изјави за ДВ на крајот на јануари опозицискиот активист од Лондон, Акешан Кашегелдин. Со слични барања на почетокот на февруари демонстрираа и казахстански активисти во Берлин.

За Санџар Бокаев замрзнувањето на имотот на екс-владетелот и неговото семејство би било сигнал. „Дека ерата на Назарбаев заврши ќе стане јасно кога ќе се вратат парите што неговото семејство ги извади од земјата“, вели Бокаев.

Милијарди на Запад

Истражувачката мрежа OCCRP (Organized Crime and Corruption Reporting Project) неодамна откри дека фондациите под контрола на Нурсултан Назарбаев, под маската на добротворна работа, ширум светот собрале средства во висина од околу 8 милијарди американски долари. Според истражувањето на Радио Либерти, семејството Назарбаев поседува луксузен недвижен имот во Европа и во САД во вредност од околу 800 милиони долари. Германија не беше дел од ова истражување. 

*30.03.2022 Дополнување: Претставници на г. Кулибаев во меѓувреме не информираа дека купувањето акции во Bühlerhöhe Castle Invest и Schloss Seelach Invest преку Меркури и Верус во 2019 и 2020 било направено целосно на економска основа. Независниот проценител, Бејкер Тили, ги проценил имотите пред да бидат извршени трансакциите, велат претставници на Кулибаев за ДВ.