Големата серија на помилувања на Трамп продолжува
24 декември 2020Четири недели пред истекот на неговиот мандат, американскиот претседател Доналд Трамп целосно ги помилува и поранешниот менаџер на својата изборна кампања, Пол Манафорт и поранешниот советник Роџер Стоун, со што практично ја „избриша“ најважната судска пресуда донесена во рамки на долгата истрага за мешањето на Русија во американските избори во 2016 година, пренесува Гласот на Америка.
Трамп, исто така, го помилува и Чарлс Кушнер, трговец на недвижнини и татко на Џеред Кушнер, кој е оженет со ќерката на Трамп, Иванка. Тоа е долга серија помилувања која Трамп ја издаде во два дена.Веста е објавена откако претседателот пристигна во Палм Бич на Флорида, каде ќе ги помине божиќните празници, а со него отпатува и Џеред Кушнер.
Трамп издаде вкупно 26 помилувања за поединци и делумо или целосно ги укина казните за уште три лица. Ближејќи се кон крајот на својот мандат, на 20 јануари, Трамп издаде целосно помилување за четворица обвинети во истрагата која ја водеше специјалниот обвинител Роберт Мулер.
Покрај Манафорт и Стоун, тој ги помилува и поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин и поранешниот советник Џорџ Пападополус. Канцеларијата на обвинителството на Менхетан, која се обидува да подигне обвинување против Манафорт во Њујорк поради финансиски малверзации и други кривични дела, соопшти дека ќе продолжи да улага жалби и бара подигнување на обвиниение.
Повеќе:
-Дилот на Манафорт - црн ден за Трамп
-Лош ден за Трамп: Менафорт и Коен се виновни
Ова барање беше одбиено поради правилото според кое не може на исто лице двапати да му се суди за исто или слично обвинување, откако еднаш е ослободено од обвинувањето. Со помилувањето на Трамп, Манафорт, долгогодишен републикански оперативец, е поштеден од служење на поголемиот дел од затворската казна од 7 и пол години.
Манафорт (70) беше првиот човек од најтесниот круг на Трамп против кого Малер подигна обвинување во рамки на истрагата за руското мешање во изборите. Во соопштението кое го објави неговиот адвокат, Манафорт му изрази благодарност на Трамп. Чарлс Кушнер беше осуден на две години затвор откако во 2004 година ја призна вината за 18 точки за избегнување на плаќање данок, вршење влијание врз сведоци и давање незаконски политички донации.