ВИП бегалецот на Орбан
21 ноември 2018Во Унгарија не е можно да се добие азил- освен доколку не сте ВИП бегалец на Орбан. Така во моментов унгарските опозициски политичари го нарекуваат поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој минатата недела избега од својата земја за да го избегне отслужувањето на двегодишна затворска казна. Сега, во рекорден рок, Груевски доби и статус на бегалец.
Официјална потврда за статусот на Груевски сѐ уште нема. Унгарската влада одби да одговори на прашањето на Дојче веле на оваа тема. Но, во Унгарија не е тајна дека весникот „Маѓар Идок“, кој прв ја објави веста за одобрениот азил на Груевски, и служи на владата како неофицијален гласноговорник. Индиректна потврда синоќа стигна од министерот за правда Ласло Трошани, кој за провладината телевизија Ехо ТВ изјави дека Груевски може слободно да се движи, но Унгарија нема да и го екстрадира на Македонија. Со тоа, Трошани навести дека Груевски можеби набрзо ќе ја напушти Унгарија.
Остри критики за Орбан
Претставници на унгарската опозиција реагираа бурно и со остра критика за случајот Груевски. Во понеделникот на зградата на унгарскиот парламент беше закачен транспарент со ликот на Груевски на кој пишуваше „ВИП мигрантот на Орбан“. Пратеничката на опозициската зелено-либерална партија ЛМП Марта Деметер го нарече Орбан „политички кум“ на Груевски.
Виктор Орбан и кругот околу него станаа „лакеи на меѓународниот организиран криминал“, напиша таа на нејзината Фејсбук страница.
Опозицискиот политичар Лајош Бокрош вели дека „унгарската мафијашка влада“ ја претворила земјата „во засолниште за криминалци“. Портпаролот на владејачката Фидес, Јанош Халаш ја отфрли критиката на опозицијата како „циркус“- Груевски не е терорист, туку жртва на политички прогон и има право на заштита, а вистинската закана за Унгарија е миграцијата.
Политичка одлука
Независните унгарски правни експерти сметаат дека влегувањето на Груевски во Унгарија, како и брзото добивање азил, се на работ на легалноста. Нејасно е дали Груевски, со оглед на тоа што е правосилно осуден и притоа избегал од Македонија, воопшто имал право да добие пасош за еднократна употреба од унгарските власти, вели ко-претседателката на унгарскиот Хелсиншки комитет Марта Пардави за ДВ.
Согласно актуелниот закон, Груевски морал да биде вратен во Србија, вели Пардави. Таа смета дека и покрај тоа што уште не се познати сите детали за бегството, во случајот се работи за „политичка одлука во вид на постапка за азил“.